Болката, грижата, стравувањата, трагедијата на душата се резултати на човечкиот пад, до кој дошло заради човековото самољубие. „Испарувањето“ на егото раѓа грижи во душата, додека природната состојба на човекот е радост, зашто Бог е радост, а душата е здив Божји, Он ја створил и таа кон Него оди. Заради тоа, грижата му е туѓа на човечкиот живот и за неа не постои никакво оправдување. Но денес, не може да се најде радосен човек, што значи и дека не може да се најде врамнотежен, мирен, природен човек. Грижата е страшна болест која беснее во вселената, можеби и најголемата мака на човештвото, најголемата негова драма. Таа не само што е предворјето на пеколот, туку доживување на пеколот уште во овој живот.
Отсуството на радоста значи отсуство на Бога, додека радоста е доказ за присуството Негово. Ако некој човек од овој свет, испратен на привремено, се радува на страстите, минливи и залудни, тој можеби и има некаква наслада, некое задоволство, но всушност, ако малку обратиме внимание, ќе видиме дека во неговиот живот има неволји и грижи, како што ни вели и Светото Писмо: „Неволја и тага во душата на секој кој прави зло“, како што не е возможно со исполнувањето на законот Божји да постои грижа.
Радоста е нешто ретко, но тоа не значи дека таа е и нешто големо: таа е природна, како што е и природно човекот да гледа. Некој кој е слеп може да каже: „О! Ти гледаш?“ Така, кога некој е радосен, останатите се чудат и го прашуваат: „Радосен си?“ – зашто, одрекувајќи се од Бога во својот секојдневен живот, сме се навикнале на тага, лага, грев, на темната потсвест на човечкото суштество. Според тоа, радоста не е нешто ново. Таа е еден елемент кој нам ни помага во духовниот живот. Да погледнеме пак што велат за радоста Отците на Црквата наша и да започнеме од Светиот Атанасиј Велики, кој во своето дело „За девственоста“, што го напишал исклучиво за девствениците, вели: „Немој да се растажиш ако нешто немило ти се случи, ниту се жалости заради некоја штета или навреда, зашто овоземната тага смрт раѓа“. Немој да се жалостиш, вели, заради нешто немило, нешто лошо, нешто штетно што може да ти се случи во овој живот, ниту ако те снајде некоја штета или ако некој кон тебе се однесува грдо, себично, навредливо, со потценување – ни тогаш немој да се жалостиш. Зашто секоја „овоземна тага смрт раѓа“ – било која тага и од било каква причина оружје е на смртта.
Тогаш според природата на нештата се раѓа и прашањето: Поради што би требало некој да се растажи? И Свети Атанасиј објаснува дека „само заради гревовите свои треба да тагуваме“. Истото го вели и Свети Златоуст: во светот постои само една штетна и лоша работа, гревот; растажи се само заради гревот свој, кој во себе ги содржи сите корени на тагата. Очигледно е пак дека под „растажи“ не се подразбира тагувањето заради тоа што сме згрешиле, туку покајанието. Зашто затегнатоста, грижата, стравот и намуртеноста заради гревот не претставува тага по Бога, туку тага на овој свет. Тие се одраз на индивидуалистичкиот поглед на животот, одвојувањето од волјата Божја, нешто мачно. Овде не се зборува за тоа. Според тоа, сето она заради што се жалостиш се сфаќа како нешто ситно што те одвлекува од себе и се оддалечува од патот Божји.
Да појдеме сега до Преподобната Синклитикија, која вели: „Оние што за прв пат пристапуваат кон Бога имаат борба и голем труд, а потоа неискажлива радост“. Единственото нешто што може да докаже дека припаѓаме на монашкиот ред е радоста неискажлива. Радоста е обележје на монахот и тој само преку радост „со солзите и болката може да го разгори божествениот оган“, вели Света Синклитикија. Само кога имаш „радост неискажлива“, можеш да го трогнеш срцето свое и со „солзи и болка“ да направиш во него да се разгори божествениот оган на љубовта Божја. Тоа е веќе дар Божји, а не човечка тага. „Оган со солзи“, таа болна и со солзи преполна состојба, која е всушност едно божествено разгорување и на радосниот човек му носи најголема сладост.
Кога си загрижен, кога си тажен, кога си болен, кога си огорчен, во душата своја создаваш болна состојба и никогаш нема да ја доживееш божествената љубов. Постојано ќе бидеш едно тажно создание. Ќе живееш состојба која засекогаш ќе биде поинаква од состојбата на духовниот човек.
Но, и Свети Василиј Велики многу убаво кажува: „Во целата душа, кога таа еднаш ќе се врзе за копнеж за Создателот и ќе се навикне да се радува на тамошните убавини, во разноликите стадиуми предизвикани од телесните страсти, нема да се менува развеселеноста и доброто нејзино расположение. Кога душата, вели, ќе се врзе со копнеж за Создателот, таа не се потресува и не се грижи за надворешните работи, зашто за неа се важни духовните убавини, духовниот живот, убавината Христова.
Промените, предизвикани од телесните страсти не го бришат „доброто расположение“ на душата. Значи, животот на телото, душевните страсти кои владеат со нас, нѐ камшикуваат и можат да нѐ однесат во еден апсурден и невкусен, понекогаш и грешен, живот; не го менуваат и не го бришат „доброто расположение на душата“.
Монахот е секогаш еден добро расположен човек. „Туку она што е за другите жалосно ќе направи радоста негова да се зголеми“. Дури и тоа што другите го сметаат за „жалосно“ и што е поврзано со човечкото тело, за душата која се врзала со копнеж за Господа толку е мало, толку безначајно, што го победува и прави нејзината радост да се зголеми. Дури и она што во нашиот душевен свет се случува, а што не можеме да го понесеме, па страдаме и се мачиме, душата која се „врзала“ за Господа Го признава, разбира, толкува, прифаќа, ја препознава љубовта Божја, го надминува тоа и стекнува дополнителна радост.
Заради тоа ви велам: сте виделе ли човек кој не е ведар, кој е загрижен, чие лице е намуртено? Знајте дека тој во секој случај Го напуштил својот Господ и Бог. „Зар Свети Апостол Павле не кажува дека треба да плачеме „со оние кои плачат?“- еве веднаш забелешка што некој би можел да ја има. Пример, на сестрата твоја нешто ѝ се случило и ти се грижиш. Сестрата твоја, братот твој, грешат во нешто и ти се грижиш. Зар е тоа оправдување?! „Апостолот допушта да плачеме со оние кои плачат, зашто тие солзи стануваат семе и залог за вечна радост“, вели Свети Василиј Велики. Христијанството е лична врска со Христос, заедница на божествената и човечката природа. Затоа љубовта и давањето, милостињата и жртвата која за другиот ќе ја направам на крајот на краиштата го нема за цел другиот. Зашто тоа би бил хуманизам, човекољубие, социјална работа. Тоа би можел да го направи и еден хуманист. Тоа не е толку важно. Милостињата, спротивно на ова, ја има за цел заедницата на човекот со Бога. Значи, милостињата е важна, не толку заради тоа што ја задоволувам потребата на другиот, туку зарaди тоа што од една страна се проштеваат гревовите мои, се прочистувам од страста за парите, поседувањето и на подуховен начин се соединувам со Христа, а од друга страна му помагам на другиот како член Христов, па така се поврзувам со Христа, а не со човекот.
Токму заради тоа никаква мисија, никаква милостиња, никаква љубов не може да се поставаат за мерка и цел на некој манастир. Тоа се чисто човечки особини. Милостињата која за овосветските луѓе е толку голема доблест, за монахот како што велат Отците на Црквата е навреда. Мисијата, исто така, која во општеството се смета за голема доблест, за монахот е како што велат Отците, себичност. Зашто монаштвото е живот на полнота, совршенство, го има за цел обожувањето, а не некаква ситница кон која е насочен општествениот живот.
Во светот, кога во својот живот, во своето битие, Го немаме Христа Кој воздивнува и нè повикува, туку го доживуваме отсуството Негово, треба да покажуваме љубов кон ближните, да даваме милостиња, за некако да го поткрепиме својот живот. Со тие доблести делумно се одрекуваме од себе и живееме за Христа. Но, во манастирите не живееме за Христа, туку Го живееме Христос, живееме во Христа. Заради тоа Црквата наша на световните луѓе им вели: „Имаш? Дај“. А на монасите им вели: „Ништо немој да имаш“. Според тоа, Апостолот нам ни дозволува да „плачеме со оние кои плачат“, зашто тие солзи се солзи со кои се одрекуваме од себе и учествуваме во животот на другиот, тие постануваат семе и заем за вечна радост. Значи, ако во себе немаш семе, почнуваш да го сееш и да земаш заем за вечна радост, која ја оприсутнуваш. Така, дури и „плачи со оние кои плачат“ има за цел да бидеш среќен, а не да плачеш. „Вознеси се со умот свој и види ја ангелската состојба: дали ти е потребна состојба поинаква од тоа да се радуваш и да бидеш бодар, нè поттикнува нас Свети Василиј. Вразуми се малку, вели, вознеси се со умот на небото и кажи ми: Дали можеш да ги замислиш ангелите како плачат? Како учествуваат во стравовите и проблемите на другите? Што прават тие? Ништо друго освен што се радуваат и што се бодри. Ангелите се радуваат и се бодри, значи имаат внатрешна радост, исполнета со слава Божја и неа во ангелското обиталиште ја изразуваат, зашто се удостоиле да бидат покрај Бога и да се насладуваат од неискажливата красота на нашиот Творец. Поттикнувајќи нè на таков живот, Апостолот ни заповеда секогаш да се радуваме.
Апостолот Павле нас нè поттикнува, вели Св. Василиј Велики, да се угледаме на ангелскиот живот, што значи секогаш да се радуваме. Дури и кога другите плачат, да ги употребиме солзите на другиот за да стекнеме небесна радост и така нашиот живот да биде непрестајна радост.
Продолжува