Чесно[1] ваше светителство,[2] изразувајќи многу пати желба, ни заповедавте да напишаме слово со кратки и јасни зборови за големите и потребни нешта; исполнувајќи ја сега заповедта, решивме да направиме така, надевајќи се на вашите молитви, иако на други места е кажано многу поопширно за истиве работи. Затоа, често обземени од страв, се колебаме да составиме тешки зборови. Оти има соодветно време да се говори; понекогаш, а не секогаш, и кон некого, а не кон сите, и за нешто, а не за сè, та сè да се извршува како што прилега и уредно.[3]
Бог секогаш бил, е и ќе биде. Он вечно постои; Бог нема ни почеток ни крај, односно Он не зависи ни од определено време, ни од час, ниту од ден, ниту од годишно време, ниту од години, бидејќи нивниот Творец не зависи од нив. Он е неизмерлив и неизброен. Не постои ништо – ниту видливо ниту невидливо, што би можело да Го опфати и да Го смести во себе.
Бог е светлина. Он е неосквернет, недопирлив и не се менува, како што рече евангелистот Јован: „Бог е светлина, и во Него нема никаква темнина“.[4] Он е вистинската светлина. Една е светлината во Отецот и Синот и Светиот Дух, спознавана и чувствувана. Она што е сонцето за видливиот свет, тоа е Бог за сите невидливи, но познавани и чувствувани нешта. Отецот е Отец, а не Син или Дух. Он е самовластен. Името на Отецот е Отец – не е роден, ниту исходи.
Исто така и Синот е Син, а не Отец или Дух, но самовластен. Името на Словото (Божјо) е Син, роден од Отецот пред сите векови.[5] Синот постои од вечност со Отецот. Кога постои Отецот, тогаш истовремено постои и Синот – Словото, зашто Отецот никогаш не е без Словото. Речено е: „Он Ме раѓа пред сите рoдови“[6] односно пред ангелските сили, зашто „Неговото потекло е од искони, од почетокот, од вечноста“.[7]
Светиот Дух е навистина Дух, а не е Отец или Син, туку е самовластен. Името на Утешителот е Дух, Кој произлегува само од единствениот Отец, како што рече (Господ): „Духот на вистината, Кој излегува од Отецот“.[8] Светиот Дух нема два почетока, туку е еден и од еден Почеток (Начело). Отецот е Почетокот и Он стои над секој предвечен почеток. Светиот Дух постои од вечност заедно со Отецот и почива врз Синот. Кога постои Отецот, постои и Синот и Светиот Дух – Утешител, заедно со Нив, бидејќи Отецот никогаш не постоел без Словото и без Светиот Дух.
Бог не постои од човечка измислица, ниту од додавка, туку е секогаш полнота; ниту се зголемува, ниту се смалува.
Ова се трите имиња, односно лица: едно Божество, а три Ипостаси;[9] една светлина во Три Светилника, во Кои е Бог: Светлина и Светлина и Светлина. Светлина е Отецот, Светлина е и Синот, Светлина е и Светиот Дух. Сè ова е една Светлина, како што говорат и светите отци,[10] кои го разбрале ова со ум и со видение; и не само со разумот, туку и вистински го дознаа тоа преку божествено јавување, бидејќи похрабри и побогати со ум. Ако некој вели дека узнал или видел нешто друго над ова (што е кажано погоре), тој ниту Го разбрал, ниту Го видел Самиот Него. Но сè што постои е од Него. Ако, пак, некои се наречени богови, тогаш паганите (незнабошците) го примиле тоа име и ги нарекле богови или ангелите, кои се испраќани заради служење на овој свет, или демоните, дојдени заради измама на луѓето, или, откако слушнале приказни за некој храбар и праведен маж, го нарекле со тоа име и го обожувале, зашто човечкиот род тежнее за Бога,[11] преку Него живее, се движи и постои.[12] Божественото, пак, име не го изразува самото Божество во Неговата суштина, туку Неговата дејствена сила (енергија) преку која се обожуваат праведните, бидејќи е речено: „Јас реков: вие ќе бидете богови“.[13] А нас – телесните, Бог нè збогатува со секакво добро богатство.
Словото Божјо е непричесно. А непричесно е затоа што не општи, не заедничари со ништо друго; ниту е слушано од ангелите, ниту од луѓето, ниту е можно да биде разбрано (во Неговата суштина), како што вели (Бог) на друго место: „Зошто прашуваш за Моето име? Тоа е чудно“.[14]
Ова Триипостасно Божество, откако ги приведе од непостоење во постоење небесните ангелски суштества и сили, и ги устрои за извршители, веднаш по нив ја создаде оваа видлива твар, односно целиот свет, со неговите четири составни делови: небото, земјата, водата и воздухот, со сè што е во нив, и ги утврди и украси со секакво богатство, и подготви владетелство за владетелот.[15] На крајот од сè ова, Бог зеде со Своите раце прав од земјата и го создаде човекот, и му вдахна дух животен,[16] кој е разумната душа и образот Божји, и го водеде во рајот.[17]
Бог го предназначи човекот да разбира и да знае сè – видливо и невидливо, да се грижи за сè и за сè да Го фали и слави Творецот; да проникнува во убавината и во составот на созданијата: од едни да се насладува, а други да ги има во своја служба, трети, пак, заради негово задоволство и утеха, и да владее со сè, бидејќи човекот, како цар, владее со нив.[18] Ако тој (човекот) останеше онаков каков што бил создаден и ако беше ја запазил Божјата заповед,[19] тој ќе го запазеше она што беше го примил и ќе ја победеше смртта, преку дрвото на животот,[20] приближувајќи се до Бога. Но поради зависта, злобата и горделивоста на ѓаволот,[21] преку која и самиот тој отпадна заедно со сите отстапнички сили,[22] за да не биде човекот во неговото место, ѓаволот го измами и Бог, поради непослушноста и непокорноста, и поради Својот гнев го истера од рајот,[23] каде што живееше на оваа земја. На тој начин ѓаволот го направи човекот свој, владеејќи со него и насочувајќи го кон духовниот мрак, каде што сака, и го предаде на многу страсти и похотни сласти, и на срамни нечистотии, како што Спасителот наш, Господ Исус Христос, рече во Евангелието: „Тој падна во рацете на разбојници и тешко го ранија“.[24] Исто така и со блудниот син, кој го напушти својот татко и потрошил големо богатство: „Отиде да работи кај оној зол господар, кој го испрати да пасе свињи“[25] а тоа се безбројните маки и лошите дела.
Но Бог не го презре човекот кој толку страдаше. Тој Му припаѓаше на Бога, иако беше газен од ѓаволот. Бог испрати едно од Лицата на Света Троица, Својот Свет Син – Словото. Наречен е Негов Син, затоа што е (роден) од Него, а се именува Слово, зашто Он говори преку Него. Синот твори сè и го устројува она што било, кое постои и сега, и кое ќе биде во иднина, како што е речено: „Господ и Неговиот Дух Ме испрати да ја побарам загубената овца“;[26] Добриот Пастир, за да ја најде загубената овца, и да ја положи Својата душа за неа,[27] земајќи ја на рамо, врз кое Тој го понесе и Своето крстно дрво, како што е речено: „Власта е на рамењата Негови“[28] и ја воведе во вечен живот. „Бидејќи, како што е речено, Синот Човечки дојде да го побара и да го спаси загубеното“ да ја побара загубената драхма,[29] односно царскиот образ посипан со смет, а тоа се страстите на овој свет; да го запали Своето тело како светилник, да ја помете куќата, односно да го очисти целиот свет, откако ќе го победи гревот во него, и да ги свика ангелските сили и со нив да и се радува на пронајдената драхма.
Но бидејќи човечкиот род е распадлив, тој не може да Го созерцава Бога направо, ниту да го слуша Неговиот глас и да го прима непосредно, како што Израилците не можеа да го слушаат Неговиот глас на Синајската Планина и се плашеа, зашто е речено: „Сиот народ се исплаши од гласот кој беше многу силен, и говореше: Господару Мојсеј, нека не говори Господ со нас, туку со тебе. Мојсеј зборуваше, а Бог му одговараше гласно“.[30] Ете, чистата Дева се покажа како планина,[31] подготвена, избрана и од вечноста определена преку патријарсите, преку Законот и Пророците.[32] Од неа се роди Господ, откако се воплоти и прими човечко тело (се вочовечи), и му се јави на целиот свет како човек. „Кој ќе Го познае дека е човек?“ – рекол пророкот. Господ примил сè што е човечко, освен гревот,[33] та како совршен Бог и човек, и совршен човек и Бог, да го изврши спасението на целото човештво.[34] Бидејќи Бог, Кој е целосно совршен и пресовршен, и Кој е над секое совршенство, стана и наполно совршен човек. Како човек, Синот Божји го извршува она што е човечко и го прима она што е човечко, а како Бог, на божествен начин го прави она што е божествено. Бог Словото се соедини со разумна и сознателна душа заради мојата душа, и се облече во тело[35] заради моето тело, за да ја спаси и душата, и телото да го направи бесмртно. Бестрасниот и нераспадлив Ум, Христос Бог, се соединува со човечкиот ум, за да биде посредник меѓу Бога и луѓето.[36] Подобното се соединува со подобното, очистувајќи ја и истребувајќи ја невидливата душа преку невидливото Божество, а преку видливото тело, Господ го направи бесмртно и нераспадливо човечкото смртно и распадливо тело. Такво, пак, го покажа откако воскресна од мртвите.
Како што некогаш змијата, односно ѓаволот, и нашепна смрт во ушите на Ева преку својот смртоносен глас, кога и рече: „Ќе бидете како Бог, знаејќи што е добро, и што е зло“,[37] така и милостивиот Бог го испрати архангелот Гавриил,[38] со радосен глас, во ушите на Дева Марија да и благовести живот и спасение. Кога го изгна смртниот глас, архангелот и откри дека нејзиниот Син е Бог, предвечниот Цар, Кој извршува спасение среде земјата,[39] како што тоа беше во рајот преку дрвото на животот. „Преку дрвото“ – рече – „е животот“.[40] Мудроста Божја е Синот на Марија, а сладок плод има за сите оние што се држат цврсто за него како за Господ.[41] Он е над ангелите, и седи оддесно на Отецот како Бог и човек, и царува вечно и Неговото царство не ќе има крај.[42]
Како што тогаш (Бог) го затвори рајот, откако ги изгна луѓето од него,[43] така сега овде Он ги отвори небесата и испрати ангели при Синот Човечки, кои пееја:
„Слава на Бога во висините,
и на земјата мир,
меѓу луѓето добра волја![44]
И како што некогаш се рече за Адама: „Ете, Адам стана како Еден од Нас“,[45] така сега Бог покажа како лежи во пештерата и во јаслите[46] Оној што не може да се смести никаде, преку ѕвездата,[47] како со уста рече: „Ете, Еден од Нас стана како Адам“[48] за да може Адам да стане тоа што требаше да биде.
Како што тогаш Адам, скривајќи се, се препаша со лисја од смоква,[49] така сега овде се повиваше во пелени[50] неизгасливиот Пламен – Оној што облекува сè како со одежда: небото со облаци, а морето со магла.[51]
Како што тогаш Бог постави херувими со четири лица да го пазат дрвото на животот со огнено оружје,[52] така сега овде испрати тројца мудреци кои носеа со животните дарови за четвртиот Човек.[53]
Како што некогаш Каин, од завист кон праведната служба, го уби својот брат Авел[54] телесно, а не душевно, бидејќи човек не може да ја убие бесмртната душа – така и сега овде, од завист, Ирод ги изби витлеемските младенци, но не можеше да Го убие бесмртниот Бог. Ирод си спечали вечна погибел, прогонувајќи Го Бога од своите слуги, а ги изби невините младенци.[55]
Како што некогаш за време на Ное, кога човечкиот род беше изветвен од гревот, Бог го запази во ковчегот потомството заради обновување на животот, а ја потопи целата земја и ја изми,[56] исто така сега го запази потомството за спасение во овој Свет Ковчег. Од него излезе Господ, раѓајќи се, и во светата купел (бања)[57] ги потопи човечките гревови и ги изми нашите беззаконија, откако ни даде пример со Своето крштение. Тој Ковчег е Пресвета Дева Марија, којашто Бог ни ја избра за Свое наследство. Таа е красотата на Јаков, што Он ја возљуби.[58] Од неа, пак, се роди Господ наш Исус Христос, како што е претскажано со многу сликовити споредби. Во Светото писмо е напишано дека Он ќе биде од потомството на патријархот Авраам, кој беше наречен Божји угодник и пријател,[59] за кого е напишано во книгите дека е од родот на Сим – синот на Ное.[60] На Авраам му е речено: „Преку твоето потомство ќе бидат благословени сите племиња и сите народи на земјата“.[61] Книгите за раѓањето на Исуса Христа велат: „Син Давидов, Син Авраамов“,[62] зашто од потомството на Авраам иде родот до царот Давид, според напишаното од евангелистите Матеј и Лука.[63] А Давид е роден од Јесеј, како што е речено: „Ќе излезе фиданка од коренот на Јесеј, и од неговиот корен ќе процвета цвет“.[64] Пророкот ја нарече фиданка (жезол) Пресвета Дева, а цветот што изникна од неа е Христос. Оти е речено: „Во оној ден ќе постои коренот Јесеев и Издигнатиот од Него ќе владее со народите; на Него ќе се надеваат народите“,[65] бидејќи е речено: „Он е очекувањето на народите“.[66] Поради тоа е кажано: „Надевајте се на Него, сите народи, излејте ги пред Него вашите срца, зашто ќе излезе Човек од потомството на Јаков и ќе владее над многу народи, и ќе ги фати Неговите непријателски народи, односно непријателските сили; и ќе ја ослаби нивната сила, односно нивните одвратни незнабожечки обичаи; и со Своите стрели, односно преку светите апостоли, ќе го застрела нашиот непријател ѓаволот“.[67] Пророкот рекол: „Силно ќе го напрегнеш Својот лак против скиптрите и со болскот ќе полетаат Твоите светли стрели“[68] бидејќи Он ќе излезе за спасение на Своите луѓе, за да ги спаси Своите помазаници,[69] откако ќе положи смрт врз главите на беззакониците.[70] Бог дојде од Теман, односно од југ, од планината покриена со густа гора;[71] гора богата,[72] односно од Света Дева, исполнета со Светиот Дух при Неговото слегување.[73] „И каменот се откачи од планината,[74] во којашто Бог благоволи да живее“.[75] Како што рекол пророк Даниил: „Тоа Царство ќе ги порази сите царства во целиот свет“.[76] Овде се подразбира Навуходоносор[77] односно ѓаволот. Господ рече: „Сега ќе биде осуден кнезот на овој свет“[78] Пророкот ја именува планина света Богородица Марија, која Го роди Христа, нашиот Бог, а Каменот (што Го отфрлија ѕидарите) е „крајаголниот Камен, Кој стана глава на аголот“.[79] Каменот се откачи од планината и падна Сам, без да Го соборат раце,[80] односно без маж. Тој се роди прво на небото без мајка, а вторпат се роди на земјата без татко и „стана голема планина и ја исполни земјата“.[81] „Господова е земјата и она што ја исполнува вселената и сè што живее на неа“.[82] Зашто (пророкот) рече: „Поради човекољубие Бог се јави на земјата и поживеа меѓу луѓето, Божјата Премудрост, дадена на Јаков, на Својот омилен Израил“.[83] Речено е: „Премудроста си изгради дом“ односно тело, кое се воплоти од Пресвета Дева, „и ги потпре седумте негови столбови“,[84] како што мислиме, преку светите седум добри духови. „Врз Него, рече, почива Духот Божји: дух на премудрост и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и на благочестивост; дух на страв Божји ќе Го исполни“.[85] Тие што Ја сакаат Премудроста ќе врват кон живот, а оние што Ја оставаат, ќе умрат.
Затоа, браќа, ви проповедаме: „Не давајте ја на друг својата слава,[86] и тоа што е полезно за нас да не го отстапуваме на туѓ народ, туку да врвиме по сјајот на нејзината светлина, и ќе бидеме блажени, зашто Му е угодно на Бога и ни е познато нам. Зашто пророкот рече: „Ни се роди нов Младенец – предвечниот Бог“ од потомството Адамово, „и Син ни се даде нам, на верните, Отец на идниот век“, Кој ги создаде вековите, „Кнез на мирот“ кој ни е даван нам – кои сме на земјата, Кого милостивиот Отец Го раѓа, „Бог крепок“ Владетел на целото создание, Весник (ангел) на Својот древен и вистински совет, Кој решил да ги побара отпаднатите.[87] Оти е речено: „Ниту посредник, ниту ангел, туку Самиот Бог ги спаси, бидејќи ги возљуби“.[88] Затоа рече: „И ти, Витлееме, земјо Јудина, доме Ефратов, весели се, зашто од тебе ќе излезе Кнез (Водач), Кој ќе биде среде Израилот“[89] односно Христос, Кој седи на херувимите,[90] Пастирот Израилев, Кој дојде јавно, бидејќи настапи времето во коешто Го очекуваат, зашто веќе нема да недостасува кнез и водач од Јуда.[91] „Затоа“ – вели пророкот – „Он ќе ги остави до времето на Онаа која треба да роди“[92] односно Самиот Господ е Водач и Кнез. Зар не е речено: „Ќе се роди Господ и ќе го пасе Своето стадо многу добро“[93], „и ќе биде едно стадо и еден Пастир“.[94] „И ќе бидат во славата на Својот Господ“[95] а не во славата на водачот или на кнезот, „во коишто нема спасение, бидејќи во тој ден ќе исчезнат сите нивни помисли“.[96]
И на Друго место вели пророкот: „Господ ми рече: Земи нов свиток и напиши на него со човечко писмо“.[97] Свиток, пак, тој ја именува утробата на Дева; а нов значи неосквернет. Изразот „со човечко писмо“ означува дека Синот Божји ќе стане човек; напишан не со мастило, туку преку слегувањето на Светиот Дух.[98] Затоа и пророкот рекол исто така: „Ете, девојка ќе зачне“;[99] „зашто Царот ја засака нејзината убавина“.[100] Таа роди Син и си остана Дева. Бог се воплоти, и Му се даде името Емануил.[101] „Пристапив, рече, кон пророчицата, и таа зачна во утробата и роди син. И Господ ми рече: «Дај Му име: <Со нас е Бог>. Наскоро ќе ја сруши силата Дамаскова, и наскоро ќе го заплени богатството самариско“[102] односно соблазните и измамите на многубоштвото, а тоа значи дека Он ќе го обрати безбожието во права и на Бога угодна вера. Во оние, пак, е сета сила ѓаволска. За ова пророците рекоа: „3а тебе, Граде Божји, се зборуваат преславни нешта. А за мајката Сион ќе речат: тој и тој човек се роди во него, и Самиот Севишен го закрепна.“[103] Се роди во него и го закрепна Своето живеалиште. Поради тоа Сион нема да се расклати, зашто е Бог сред него. Како што дождот слезе бесшумно врз руното[104] така, без никој да знае, тајната, скриена со векови и од ангелите[105] сега им се откри на сите преку таа света Дева. А кога дојде времето да се исполнат сите овие пророштва, дека Синот Божји ќе се роди од Дева, Бог Го испрати, та и ние да примиме синовство.[106]
По целата вселена настана едновластие во Римската Империја при ќесарот Август, како што не било никогаш порано и, по Божја волја, Римјаните ги покорија сите народи и ги ставија под една власт со големата сила, зашто Рим[107] значи сила, та како што Небесниот Цар владее со сè, така и земниот цар единствен да владее над сите, како предобраз на царството Христово. Затоа и ангелите пееја:
„Слава на Бога во висините,
а на земјата мир,
меѓу луѓето добра волја“.[108]
Како што е речено: „Во Негово време ќе се зацари правдата и ќе има изобилен мир, сè додека не се одземе месечината“[109] односно Стариот закон, зашто е речено: „Ете, древното помина, и се стана ново.“[110]
Како што е напишано, некои велат дека во градот Рим за една година се случиле три напасти: реката Тибар се излеала и потопила еден дел од градот Рим, а другиот дел изгорел од пожар. Третата, пак, напаст била следнава: ќерката на императорот Август, бидејќи немажена, паднала во срамен грев и, откако се исплашила од смртна пресуда, се скрила и ја снемало. Август, пак, тагувајќи за сè ова, ги собрал сите свои болјари и народни старешини, мудри луѓе, и ги прашал да му објаснат зошто се случило тоа во негово време. А тие му рекле: „Неуредно и несправедливо се постапува со луѓето според нашиот древен обичај, кога заедно со својот имот се преселуват во нашата држава од сите страни и треба да плаќаат данок, иако се слободни. Но ако сакаш, нареди да ги пребројат сите луѓе по целиот свет, заедно со нивните блиски и со нивниот наследен имот, та твојата ќерка да не се крие меѓу луѓето, туку да се најде. И секој да даде данок од својот имот, според своите можности, така што луѓето да дадат по малку и никој да не биде онеправдан. За тебе, пак, ќе биде собрано многу од сите заради задоволување на потребите на твоето царство, и за храна на твоите гости“.[111]
„Тогаш“ вели (евангелистот), „излезе заповед од ќесарот Август да се направи попис по целата земја“[112], та секој да отиде слободно во својата татковина, во своето (родно) место. „Отиде и Јосиф од Галилеја, од градот за Јудеја, за градот Давидов, наречен Витлеем, бидејќи тој беше од домот и од родот Давидов, за да се запише со Марија, свршената за него жена, која беше непразна (бремена)“.[113] Ова се објаснува вака: Христос беше запишан уште додека беше носен во утробата на Својата Мајка, за да запише слобода за нас, кои сме избавувани од ропството на ѓаволот, – „оние што од страв пред смртта преку целиот живот беа подложени на ропство“[114] односно беа робови на гревовни служби и жртвопринесувања.[115] Зашто „секој што прави грев, роб му е на гревот“.[116] И уште нешто: Истиот Оној што на планината Синај го напиша Законот со Своја рака, Тој – Истиот – се раѓа и ги ослободува народите од стариот Закон, и ги запишува како Свои синови. Преку тоа Господ ги избави сите синови Ситови, кои се од Адама. Слично на огнена стрела која полетала, тој го улови целиот свет. Штом ја видоа ѕвездата, мудреците дојдоа од исток во Ерусалим и прашаа, велејќи: „Каде е новородениот Цар Јудејски? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, и дојдовме да Му се поклониме“,[117] односно тие го ставија почетокот на поклонувањето на Едниот Бог и отфрлањето на мноштвото безбожни богови. „И ѕвездата што ја беа виделе на Исток“ вели (евангелистот), „врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото каде што беше Младенецот“.[118] Се роди Христос – Царот Израилев. „А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. И штом влегоа во пештерата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија и, откако паднаа на колена, Му се поклонија; а кога ги отворија
своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна.[119] И се исполни кажаното од псалмопевецот (Давид): „И ќерката тирска ќе Му се поклони со подароци,[120] и царевите тарсиски и островјаните дарови ќе му принесат; и царевите на Арабија и од Саба дарови ќе Му принесуваат,[121] бидејќи Он ќе биде жив, и ќе Му даваат арабиско злато, и ќе се молат секој ден за Него и ќе Го благословуваат, зашто на земјата ќе има безбедност“.[122] Мудреците Му принесоа злато како на Цар на сè, зашто златото му припаѓа на царот; а ливан Му принесоа како на Бог, зашто ливанот е бела смола за кадење, со која се кади пред Бога, та како што димот се издига угоре со пријатен мирис, така да се исправат и нашите чисти молитви пред Него;[123] Му принесоа и смирна, зашто Христос сакаше да биде умртвен заради нас. Смирната е маст со која Јудеите ги помазуваат мртвите кога ги погребуваа, за да не се распаѓаат и да не се смирисаат. Нели е речено: „Дојде и Никодим, носејќи околу сто литри смес од смирна и алое, и заедно со Јосиф го зедоа телото Исусово и го завиткаа во платно со ароматите“,[124] односно со мирисите.
Мудреците, пак, кога примија вест на сон, не се вратија при Ирода.[125] „Народи, заплескајте со рацете сите заедно, и воскликнете кон Господа со радосен глас!“[126]
А тоа што Света Марија беше свршена за Јосиф, беше по Божја заповед, не за женидба, туку заради запазување, за да биде непорочно девството на Света Дева од бесрамниците и од Јудеите хулители. Самиот свети Јосиф ја потврдува вистината – тоа што го видел и што го слушнал за родениот Младенец и за Неговата Мајка.[127]
„При ќесарот Август“[128] (Август значи оној што празнува), односно „при владетелот што празнува“ та и ние, веселејќи се телесно и душевно, оттогаш да празнуваме добри празници: имено, во деновите на сончевото свртување,[129] кога ноќните часови ја достигнуваат својата најдолга точка и сонцето се враќа кон својата летна положба, па ноќта почнува да се намалува, а денот да се зголемува, изобразувајќи со тоа дека темната измама на ѓаволот исчезнува, а почнува да свети уште повеќе светлината Христова, „која го просветлува секој човек, што доаѓа на овој свет“.[130] Оти „ноќта помина, а денот се приближи“.[131]
„Во градот Витлеем“, односно „во домот на лебот“.[132] Витлеем значи дом на лебот, односно дом на Христовото тело. „Јас сум, рече Господ, лебот што слезе од небото. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, останува во Мене, и Јас во него“.[133]
А тоа што се родил во пештера, покажува дека Господ е во Свој дом, а не во дом, изграден од луѓе. Оти е речено: „Севишниот не живее во ракотворени домови“.[134]
Реченото, пак, „Го положија во јасли скотски“ значи дека Господ нè ослободува од скотските (животински) узди и нè храни со Својот збор. Тогаш Господ ги очисти Јудеите, кои беа чисти според Законот, а сега нè чисти нас – нечистите незнабошци и не храни со Својот збор; зашто телото се храни со леб, а душата – со Божјата наука. Затоа е речено: „Го позна како волот што го познава својот стопан, и како магарето – јаслите на својот господар“.[135]
Прекрасното чудо се потврдуваше и со тоа што „славата Господова ги осветли пастирите“.[136] Пастирите ги означуваат учителите на целиот свет – Христовите ученици и нивните заменици, кои бдеат за своето стадо. Преку новата и чудесна ѕвезда се означува небото, која, говорејќи како со уста, сведочи за својот Творец и Господар на сè. Преку нејзината светлина, Господ ги просветлува народите, приведувајќи ги кон богопознание. Бидејќи е речено: „Ќе изгрее ѕвезда од Јаков, и ќе се издигне човек од Израилот, кој ќе ги порази кнезовите моавски и ќе ги зароби сите“.[137]
„Но мудреците си заминаа по друг пат за својата земја“.[138]
Царот Ирод, пак, кога слушна дека се родил Цар, Чиешто царство не ќе има крај,[139] бараше да Го убие. Затоа испрати (свои џелати) во Витлеем и во сите негови предели и ги погуби младенците од две години надолу некаде илјада и сто, на друго место илјада и четириесет, на трето место четиристотини, а сите што ги уби беа на број четиринаесет илјади. Според времето, што беше го дознал од мудреците, тој мислеше дека ќе Го погуби Животот[140] и Творецот на сè, но тој не можеше да Го убие.
Ирод се распрашуваше каков знак ќе се види за Царот што се роди. А мудреците му одговорија: „Видовме на исток голема ѕвезда, која изгреа среде ѕвездите и ги помрачи сите небесни ѕвезди, така што тие не светеа“.[141] Поради тоа толку долго време траеше Иродовиот немир – од две години надолу, мислејќи дека на таа возраст ќе Го наjде Оноj што не може да биде наjден среде целото Негово создание.
И се исполни пророчкиот збор: „Глас во Рама се слушна“[142] односно во висините. Рахил, пак, значи силна воздишка. Таа плачеше за своите деца со големо ридање и воздишки „и не сакаше да се утеши, зашто ги немаше“.[143] Тие беа потомци на Рахил, сопруга на патријархот Јаков, од кого се беше родил Исус, кои со жрепка ги добија наследените делови во Витлеемските предели уште од првите години, кога Израилците си jа поделија земјата Хананска.[144] Затоа е речено дека кога нејзините деца беа убивани, Рахил не сакаше да се утеши поради голема жалост, зашто ги немаше веќе. Тие беа мачени заради Христа. Мислеjќи на нив, и псалмопеецот (Давид) вели: „Покрај тебе ќе паднат илјада, и десет илјади десно од тебе, но до тебе нема да се приближат“.[145]
Марија, пак, кога слушна дека ги убиваат младенците, се уплаши, Го зеде Младенецот, го пови и Го скри во воловски јасли.[146] „Он беше познаен меѓу две животни“.[147]
А Јосиф, откако прими вест од ангел, Го зеде Младенецот и Неговата мајка и ноќе отиде во Египет[148] како што рече пророк Исаија: „Ете, Господ седи на лесен облак и ќе дојде во Египет, и пред Неговото лице ќе се затресат египетските идоли“.[149] Пророкот ја именува облак Дева, во која се всели Господ и се роди од неа. Лесен, пак се именува, бидејќи во себе го носи огнот на Божеството. Пред Неговото лице ќе паднат затресени египетските идоли, односно нивните ракотворни богови.
Така, само Господ е единствениот нелажен, вистински Бог, бидејќи Самиот Он дојде да го избави човечкиот род од ропството на ѓаволот, од нападите на неговите демони и од сите стари, лоши, нечисти, безбројни пагански обичаи.
Нему Му припаѓа чест и поклонение од целото небесно и земно создание, заедно со Отецот и со Светиот Дух, односно Света и Животворна Троица – моето восовршување и закрила, сега и секогаш…
[1] Од една белешка на листот 3426 се гледа дека при крајот на 18 век, ракописот бил сопственост на Мквиот манастир крај Скопје. По многу патувања, овој ракопис денес се наоѓа во Историскиот музеј во Москва, под сигнатура Хлуд. F. 195.
[2] Овој израз е обраќање кон претпоставен (претстојател) пред читање на житие или проповед, кога чтецот или проповедникот има помал чин од свештенослужителот.
[3] 1 Кор. 14,40.
[4] Јн 1,5.
[5] Никео-цариградски символ на верата.
[6] сп. Јов 15, 7. Пс. 89, 2. Изреки 8, 25.
[7] Мих. 5, 2.
[8] Јн. 15,26.
[9] Ипостас (лат. персона) = лице, личност.
[10] За ова слово свети Климент позајмува мисли и текстови од словата на св. Григориј Богослов за Божик и Богојавление.
[11] Пс. 41, 3; 62, 2.
[12] сп. Дела 17, 27-28.
[13] Пс. 81, 6.Јн. 10,34.
[14] 1 Мојс. 32,29.Суд. 13,18.
[15] Односно за човекот, како венец на целото создание.
[16] 1 Мојс. 2, 7.
[17] 1 Мојс. 2, 8.
[18] сп. 1 Мојс. 1, 28; 2,15.
[19] 1 Мојс. 2, 16-17.
[20] 1 Мојс. 2, 9, 3, 22.
[21] 1 Мојс. 3,1-24. Изреки 2, 24.
[22] Ис. 14, 12. Дан. 8, 10.
[23] 1 Мојс. 3,23-24.
[24] Лк. 10, 30.
[25] Лк. 15,13-15.
[26] сп. Мт. 18, 12.
[27] Јн. 10,11-14.
[28] Лк. 15,4-6. Ис. 9,6.
[29] Лк. 15, 8. Драхма – мала сребрена монета.
[30] 2Мојс. 19, 18-19; 20, 18-19.
[31] Дан. 2, 45.
[32] Законот Мојсеев се содржи во Петокнижието (првите пет книги од Библијата); Пророците; односно пророчките книги.
[33] Евр. 2, 17; 4, 15; сп. Ис. 53, 8.
[34] Лк. 1, 68. Пс. 73, 12.
[35] Јн. 1, 14. 1 Тим. 3, 16.
[36] 1 Тим. 2, Ѕ. сп. 1 Јн. 2,1.
[37] 1 Мојс. 3,4-5.
[38] Лк. 1,26-38.
[39] Пс. 73,12.
[40] 1 Мојс. 2, 9; 3, 22. Откр. 2, 7 ј 22, 2.
[41] Изреки 3,18.
[42] Лк. 1, 33. Дан. 2, 44; 7,14. Никео-цариградски символ на верата.
[43] 1 Мојс. 3, 23-24.
[44] Лк.2,14.
[45] 1 Мојс. 3, 22.
[46] Лк. 2, 7,16.
[47] Мт. 2, 2, 9.
[48] Адам на еврејски јазик значи човек.
[49] 1 Мојс. 3, 7.
[50] Лк.2,7.
[51] Јов 38, 9. Пс. 146,8.
[52] 1 Мојс. 3, 24.
[53] Мт. 2,11. Откр. 4, 7; 7,11.
[54] 1 Мојс. 4,4-8.
[55] Мт. 2, 16.
[56] 1 Мојс. 7,1-24.
[57] Односно светата тајна Крштение; Мт. 3,13-17.
[58] Пс. 46,4; 134,4.
[59] 1 Мој 15, 1. Ис. 41, 8. Јк. 2,23.
[60] 1 Мојс. 5, 32; 6,10.
[61] 1 Мојс. 12, 3; 18,18; 22, 18; 26, 4; 28, 14. Дела 3, 25. Гал. 3, 8.
[62] Мт. 1,1.
[63] Мт. 1,17. Лк. 3, 23-38.
[64] Ис. 11, 1.
[65] Ис. 11, 10. Рим. 15, 12.
[66] 1 Мојс. 49, 10.
[67] 4 Мојс. 24,7-8.
[68] Авак 3, 9-11.
[69] Во текстот е употребен зборот христи – од Христос, што значи Помазаник, Месија.
[70] Авак 3,13.
[71] Авак 3, 3.
[72] Пс. 67, 15.
[73] Лк. 1,35.
[74] Дан. 2, 34,45.
[75] Пс. 67,17.
[76] Дан. 2,44.
[77] Дан. 1,1.
[78] Јн. 12,31; 16,11.
[79] Тој камен е Христос. Види: Пс. 117, 22. Мт. 21, 42. Ак. 20, 17. Ис. 28, 16. Зах З,9. Рим. 9, 33.1 Кор. 10,4.
[80] Дан. 2,34,45.
[81] Дан. 2, 35.
[82] Пс. 23,1.
[83] сп. Варух 3, 37-38.
[84] Изреки 9,1.
[85] Ис. 11, 2-3.
[86] Ис. 42, 8; 48, 11.
[87] Ис. 9, 6. Кон библискиот текст авторот додава и свои зборови.
[88] Ис. 63, 9.
[89] Мих. 5, 2. Мт. 2, 5-6.
[90] 4 Цар. 19, 15. Пс. 79, 2; 98,1. Ис. 37,16.
[91] 1 Мојс. 49,10.
[92] Односно Пресвета Богородица. Мих. 5, 3.
[93] Мих. 5,4. Мт. 2,6.
[94] Јн. 10, 16.
[95] Мих. 5,4.
[96] сп. Пс. 145,3-4.
[97] Ис. 8,1.
[98] Лк. 1, 35.
[99] Ис. 7,14. Мт. 1, 23. Лк. 1, 31.
[100] Пс. 44, 12.
[101] Мт. 1, 23. Емануил на еврејски значи со нас е Бог.
[102] Ис. 8, 3-4.
[103] Пс. 86, 3,5.
[104] Суд. 6,37. Пс. 71, 6.
[105] Кол. 1,26. Рим. 14, 24-25. Ефес. 3,9.
[106] Гал. 4,4-5.
[107] Протолкувано погрешно според грчкиот збор ρωμη (роми – сила, моќ).
[108] Лк. 2, 14.
[109] Пс. 71, 7.
[110] 2 Кор. 5,17; сп. Ис. 43,19. Откр. 21, 5.
[111] Овој расказ за трите напасти во Рим и за причината на пребројувањето се среќава во апокрифното евангелие на Јаков. Види Старине, кн. X. Загреб 1878, стр. 67-68. Според Слово на презвитер Јеримија името на Августовата ќерка е Фани, а во некои преписи – Фанија. в. II, стр. 22, бел. 18.
[112] Лк. 2,1
[113] Лк. 2,4-5.
[114] Евр.2,15.
[115] Тоа се денешните „православни“ курбанџии (бел. на прев.).
[116] Јн. 8, 34.
[117] Мт. 2,1-2.
[118] Мт. 2, 8.
[119] Мт. 2, 10-11.
[120] Пс. 44,12.
[121] Пс.71,10.
[122] Пс.71, 15-16.
[123] сп. Пс. 140, 2.
[124] Јн. 19, 39-40
[125] Мт. 2,12.
[126] Пс. 46, 2.
[127] И овде, како и во други случаи, св. Климент го ползувал апокрифното евангелие на Јаков. В. издание на Тишендорф, Evangelia apocryph, Лајпциг 1876, стр 27-30. Словенскиот превод е издаден од Новаковиќ во Starine, кн. X, стр. 67.
[128] Лк. 2,1.
[129] Во текстот е употребен древниот збор крѣсь (крес – лат. solstitium, temporum mutatio), со кој се означува свртувањето на сонцето кон пролетта, кое започнува по 22 декември. в. Franz Von Miklosich, Lexicon paleoslavenico-graeco-latinum, s.v.
[130] Јн. 1, 9.
[131] Рим. 13, 12.
[132] Бет лехем – на еврејски значи дом на лебот.
[133] Јн. 6, 51,56, 58.
[134] Ис. 66, 1. Дела 7, 48; 17, 24.
[135] Ис. 1,3.
[136] Лк. 2,9.
[137] 4Мојс. 24,17; сп. и 1 Мојс. 49,10.
[138] Мт. 2, 12.
[139] Лк. 1,33. Дан. 2,44; 7,14
[140] Јн. 14,6.
[141] Автоторот на словото го проширува евангелскиот текст од Мт. 2,12.
[142] Мт. 2, 18.
[143] Мт. 2, 18.
[144] 1 Мојс. 35,19; 37,1.
[145] Пс. 90,7.
[146] Лк. 2,7.
[147] Авак 3, 2. Според црковнословенската Библија – Посредѣ двою животнՑ познань бՑдеши. Во македонскиот превод на Библијата ја нема оваа мисла.
[148] Мт. 2, 13,-14.
[149] Ис. 19,1.
Изадок од книгата: Свети Климент Охридски. Собрани дела: слова, поуки, житија, Скопје 2012 242-261 стр.