Претстојнава недела се нарекува „Месопусна“ бидејќи во неа Црквата пропишала ограничен пост – воздржување од месо. Ова правило треба да се согледа во светлината на она што веќе е кажано за значењето на подготовката . Црквата сега почнува да нѐ „прилагодува“ на големиот подвиг кој се очекува од нас во седумте следни недели. Постепено нѐ воведува во тој подвиг – знаејќи ја нашата непостојаност, предвидувајќи ја нашата духовна слабост. Во пресрет на овој неделен ден (Месопусна сабота) Црквата нѐ повикува на молитвено сеќавање за сите оние кои „се упокоиле со надеж на воскресение и живот вечен“. Ова е навистина голем ден на молитва за упокоените членови на Црквата. За да го разбереме значењето на оваа врска помеѓу Великиот Пост и молитвата за покојните, треба да го имаме на ум тоа дека христијанството е вера на љубовта. Христос не им оставил на своите ученици некакво учење за индивидуално спасение туку нова заповед „да се љубат еден со друг“, па додаде: „По ова ќе ве познаат сите дека сте мои ученици, ако се љубите еден со друг“. Љубовта претставува основа и суштина на животот на Црквата, кој, според зборовите на св. Игнатиј Антиохиски, се наоѓа во „единството на верата и љубовта“. Гревот е секогаш отсуство на љубовта, а со самото тоа претставува одвојување, изолираност, војна на сите против сите. Новиот живот, кој Христос ни го даде, а Црквата ни го пренесе, е пред сѐ живот на помирување, „собирање во едно на сите оние кои биле распрснати“, повторно воспоставување на љубовта која ја нарушил гревот. Но како да го започнеме нашето враќање кон Бога и нашето помирување со Него, ако во себе самите не ја вратиме онаа единствена заповед за љубовта? Молитвата за покојните е суштински израз на Црквата како љубов. Се молиме на Бога да си спомне за сите оние на кои и ние се сеќаваме, а се сеќаваме на нив затоа што ги љубиме. Молејќи се за нив ние ги среќаваме во Христа Кој е Љубов, и Кој бидејќи е Љубов, ја надминува смртта како крајна победа на одвоеноста и недостатокот на љубов. Во Христа нема разлика меѓу живите и мртвите, зашто во Него сите се живи. Он е Живот, а тој Живот е светлина за човекот. Љубејќи Го Христа, ги љубиме сите оние кои се во Него; љубејќи ги оние во Него, ние Го љубиме Христа. Ова е закон на Црквата и очигледна причина за нејзините молитви за покојните. Нашата љубов во Христа ги одржува живи зашто ги држи „во Христа“, и колку само не се во право оние западни христијани кои молитвата за покојните или ја сведуваат на јуридично учење за „заслугите“ и „накнадите“ или едноставно ја отфрлаат како бесполезна. Големото бдение за покојните во пресрет на месопусна сабота служи како пример за сите други помени за покојните. Тоа се повторува во втората, третата и четвртата сабота од Великиот Пост.
Љубовта е основната тема на „Месопусната недела“. На овој ден од Евангелието се чита Христовата парабола за Страшниот Суд. Кога Христос ќе дојде да ни суди што ќе биде мерило за Неговиот суд? Во параболата се одговара: љубовта – и тоа конкретна и лична љубов кон секое човечко битие што по Божја волја ќе го сретнеме во својот живот, а не само хуманитарна грижа за апстрактна правда и за анонимниот „сиромав“. Оваа разлика е многу битна, бидејќи денес сѐ повеќе и повеќе христијани настојуваат христијанската љубов да ја поистоветат со политичката, економската и социјалната грижа и нега. Со други зборови, тие се свртуваат од единствената Личност и нејзината единствена лична судбина, кон некакви анонимни категории „класа“, „раса“ итн. Не станува збор за тоа дека оваа грижа е погрешна. Очигледно е дека Христијаните се повикани, во рамките своите максимални можности и знаења на својот животен пат, во своите обврски како граѓани, како деловни луѓе и слично, да се погрижат за едно праведно, рамноправно и похумано општество. Сигурно дека сето ова потекнува од христијанството и можеби е инспирирано од христијанската љубов. Но христијанската љубов, како таква, е поинаква и таа разлика треба да се разбере и запази – доколку Црквата сака да ја сочува својата единствена мисија, а не да се претвори во некаква „социјална служба“, што дефинитивно не ѝ прилега.
Христијанската љубов е „можна неможност“ да се види Христос во секој ближен, без разлика кој и да е, а кого Бог, по Својот вечен и таинствен план го одредил да влезе во мојот живот, барем за еден миг, и тоа не како случајност, заради можност за „добри дела“, или заради вежбањето во човекољубието, туку како почеток на вечната дружба во Самиот Бог. Бидејќи што е љубовта ако не онаа таинствена сила која го надминува случајното и надворешното во „другиот“ – неговиот физички изглед, социјалниот статус, етничкото потекло, интелектуалните способности – и достигнува до душата, единствениот и исклучиво личен „корен“ на човечкото битие, вистинскиот удел на Бога во човекот. Ако Бог го љуби секој човек, тоа е затоа што само Он ја познава таа непроценлива и совршена ризница, „душата“ или „личноста“, која му ја дал на секој човек. Христијанската љубов е учество во ова божествено знаење и дар на божествената љубов. Не постои „безлична“ љубов, бидејќи љубовта е таинствено откривање „на личноста“ во „човекот“, откривање на личното и единственото во општото и заедничкото. Таа е откривање во секој човек на она што може да се љуби кај него, она што е од Бога.
Христијанската љубов во овој поглед е нешто спротивно на „социјалната активност“, со која денес го поистоветуваат христијанството. За „социјалниот активист“ објектот на љубовта не е „личноста“, туку човекот, апстрактен поим и дел од уште поапстрактна „хуманост“. Но, за христијанството човекот е предмет на љубовта, затоа што е Личност. Таму личноста е сведена на човек; овде во човекот се гледа само личност. „Социјалниот активист“ не е заинтересиран за лицето и многу лесно го жртвува за општи интереси. Христијанството може да се чини, а во извесна смисла и да е прилично скептично во врска со таа „хуманост“, но прави смртен грев против самото себе кога ќе престане да се грижи за личноста и кога ќе престане да ја љуби. Социјалниот активизам е секогаш „футуристички“ во својот пристап. Тој секогаш дејствува во името на правдата, поредокот и среќата кои треба да дојдат, кои треба да бидат постигнати.
Христијанството малку се интересира за таа проблематична иднина, туку повеќе става акцент на „сега“ – едното и сигурно време за љубов. Овие два става заедно не се исклучуваат, но не треба ни да се помешаат. Христијаните сигурно имаат одговорност за „овој свет“ и мораат да ја исполнат таа одговорност. Тоа е подрачјето на „социјалниот активизам“ кое потполно му припаѓа „на овој свет“. А христијанската љубов го надминува овој свет. Таа е зрак, објава на Царството Божјо. Таа ги надминува сите граници, сите „услови“ од овој свет, бидејќи нејзин мотив, а исто така нејзина цел и крај се во Бога. Знаеме дека дури и во овој свет кој „лежи во зло“, единствена тајна и преобразувачка победа е победата на љубовта. Вистинската мисија на Црквата е во тоа да го потсетува човекот на оваа лична љубов и призив, да го исполни со љубов овој грешен свет.
Параболата за Страшниот Суд зборува за љубовта. Не сме сите повикани да работиме за „хуманост“, но секој од нас го примил дарот и благодатта на Христовата љубов. Знаеме дека на сите луѓе безусловно им е потребна личната љубов – признание дека во нив има единствена душа во која на чудесен начин се одразува убавината на сето создадено. Исто така знаеме дека луѓето се во затвор, и болни, и гладни, и жедни, зашто во нив се негира таа лична љубов. И најпосле, знаеме дека колку и да е тесна и ограничена рамката на нашето постоење, секој од нас е одговорен за Христовата љубов. Па така, ќе бидеме судени според тоа дали сме ја прифатиле оваа одговорност или не, дали сме љубеле или сме одбиле да љубиме. Бидејќи: Доколку сте го направиле ова на едно од најмалите Мои браќа, Мене сте ми го направиле (Матеј 25, 40)