Блажен е оној кој совршено ја умртвил својата волја и сета грижа за себе ја предал на својот учител во Господа зашто тој ќе стои оддесно на Исуса Распнатиот.
Оној којшто во разговорите упорно сака да настојува на своето мислење, дури и кога тоа е справедливо, тој да знае дека боледува од демонска болест.
Душата што постојано ја има на ум исповедта, тој со помош на неа, како со некаква узда, успешно се воздржува од грешење.
Послушниот сам на себе си изрекува пресуда: ако совршено се покорува Христа ради, се ослободува од сопствената вина, дури и кога не мисли дека е совршено послушен; но доколку во било што ја изврши својата волја, самиот ја носи одговорноста, дури и кога мисли дека е послушен.
Кој го отфрла укорот, било праведен или неправеден, тој го отфрла и своето спасение; а оној што го прима, било со болка или без болка, брзо ќе прими прошка на своите гревови.
Усрдно пиј го понижувањето како вода на животот, од секој човек кој сака да те напои тебе со овој лек што очистува од блудната похота.
Знак за усрдно покајание е тоа што човекот се смета себеси достоен за сите видливи и невидливи искушенија што му се случуваат, па дури и за уште поголеми.
Покајанието е возобновување на крштението.
При исходот на нашите души, браќа, нема да бидеме обвинуваме за тоа што не сме твореле чудеса, ниту што не сме богословствувале, ни што не сме достигнале виденија, но без сомнение, ќе треба да дадеме одговор на Бога за тоа што не сме плачеле за гревовите.