Вторник вечер
Тешко мене, каква осуда си навлеков и каков срам ме снајде! Мојата внатрешност не е како надворешноста, зборувам за бестрастие, а дење –ноќе мислам на гнасните страсти; почнувам разговор за непорочноста, а во мислите се занимавам со нечистотии. Тешко мене, какво испитување ми претстои. Зашто јас, всушност, имам побожен изглед, но не и неговата сила. Со какво лице ќе застанам пред Господ Бог, Кој ги знае тајните на моето срце, кога сум виновен за толку лоши дела! Додека стојам на молитва, се плашам да не слезе оган од небото и да не ме изгори, како што некогаш Божјиот оган ги изгоре оние кои Му кадеа во пустината. А што да очекувам јас, кој носам толку тешко бреме гревовно?
Изгоре моето срце, се променија моите благочестиви мисли, умот ми е помрачен; како пес секогаш се враќам на својата нечистотија. Нема смелост во мене пред Оној кој ги испитува срцата и утробите. Нема чистота на умот и нема солзи за време на молитвите. Воздивнувам, ладејќи го така своето лице покриено со срам, и се удирам во гради – тоа живеалиште на страстите, тој дом на лоши помисли.
Слава Ти, единствен Долготрпелив! Слава Ти, единствен Благ! Слава Тебе, Добротвору на нашите души и тела. Голема е Твојата милост, Господи, кон нас грешните. Не отфрлај ме заедно со оние кои ти велат: „Господи, Господи“, а не ја извршуваат Твојата волја; не отфрлај ме, заради молитвите на сепречистата Владичица наша Богородица, и по молитвите на сите Твои угодници.
Ти, Господи, ги знаеш моите скриени страсти, а знаеш и за раните на душата моја. Исцели ме, Господи , и ќе бидам здрав (Ер. 17, 14). Ако ти, Господи, не го изградиш домот на мојата душа, залудно се мачат градителите (Пс.126, 1). Се спремам за борба со страстите, кога ќе ме нападнат, но лукавата змија со сластољубие ги раслабува моите духовни сили. И иако никој не ми ги врзува рацете, страстите ме влечат како заробеник. Усрдно сакам да го спасам од пламенот оној кој во него гори, и додека собирам сила, мирисот на огнот и мене ме влече во огнот. Се трудам, исто така, да спасам давеник, но заради своето неискуство и јас тонам со него. Го укорувам сакатиот, а јас сум слеп. Би сакал, несреќниот, да исцелувам страсти а и самиот сум нивен заробеник. Просвети ги, Господи, очите на моето срце, за да ги спознаам мноштвото мои страсти. Нека ме осени благодатта Твоја, Владико. Просвети го помрачениот мој ум, и наместо незнаење, всели во мене божествено знаење, зашто за Бога сè е можно што ќе каже (лк.1,37).
Ти, Господи, некогаш за народот Твој, непроодното море го направи проодно. Ти и од најтврдиот камен си извадил вода за жедните луѓе Твои. Ти по благоста Своја си го спасил оној кој паднал во раце на разбојници. Заради големата добрина Своја, Господи, смилувај се и на мене, бидејќи паднав во раце на разбојници и како заробеник, врзан сум со злоумие. Никој не може да ги исцели маките на душата моја, освен Тебе, Господи, Кој ги познаваш длабините на моето срце. Колку пати јас, бедниот, сам на себе си ставав граници, и подигав ѕидови меѓу себе и беззаконите мои гревови? Но штом непријателот ќе стапеше во борба со мене, разумот ги минуваше границите и рушеше ѕидовите,зашто тие не беа утврдени со страв од Севишниот, а ѕидовите немаа за темел искрено покајание.
Кој нема да заплаче за мене, бидејќи за мало задоволство го занемарив незгасливиот оган и не го придобив вечното Царство. Јас несреќниот им служев на страстите; разорувајќи го достоинството на својата душа, се уподобив на животно, и не можам да го кренам погледот кон милосрдниот Господ. Некогаш бев спокоен и богат со многу дарови, а сега го засакав сиромаштвото на страстите. Туѓа ми стана добродетелта и се упатив во далечната земја на пороци. Полумртов сум, и многу малку живот остана во мене.
Плачете, преподобни и праведни, за мене, обземениот од гревови и страсти. Плачете, подвижници во воздржанието, за мене стомакоугодникот и сластољубецот. Плачете, милостиви и снисходливи, за мене кој сум помилуван, па одново Го гневам Господ. Плачете вие, кои го засакавте доброто и замразивте злото, за мене кој го засакав злото, а намразив доброто. Плачете вие, кои го сочувавте добродетелниот живот, за мене, кој однадвор сум љубител на доблести, а внатре се предавам на страсти и немар. Плачете вие, што Му угодивте на Бога, за мене, човекоугодникот. Плачете вие, кои имате совршена љубов кон Бога и ближниот, за мене кој на збор покажувам љубов, но далеку сум од неа на дело. Плачете вие, кои стекнувате и принесувате плодови на трпение, за мене нетрпеливиот и бесплодниот. Плачете вие, кои смело се молите на Бога, за мене кој се срамам и да погледнам кон висината небесна. Плачете вие, кои стекнавте кротост, за мене кому таа е туѓа. Плачете, смиреноумни, за мене, високоумниот и гордиот. Плачете вие, кои стекнавте апостолско нестекнување, за мене кој сум приврзан за материјалното што обременува. Плачете вие, верни и непоколебливи по срце пред Господа, за мене колебливиот, слабиот и во доброто неискусниот. Плачете вие, кои го засакавте плачот и ја намразивте смеата, за мене, кој ја засакав смеата, а го презрев плачот. Плачете вие, кои секогаш го имате на ум Судот после смртта, за мене, кој тврдам дека се сеќавам на Судот, а го правам спротивното. Плачете наследници на Царството небесно, за мене, наследникот на геената огнена.
Молете се, светители Божји, за душата опустошена, и помагајте како знаете и умеете. Зашто знам дека ако се помолите на човекољубивиот Бог, сѐ ќе ни биде дарувано од морето на Неговата благост. И токму како човекољубивиот Бог, ни вие, кои ве молам јас, грешниот, не презирајте ја мојата молба, бидејќи јас, самиот, немам смелост, заради мноштвото мои гревови. Ваше дело е, светители Божји, да се застапувате за грешниците, а дело Божјо е да ги помилува очајаните. Светители божји, смилостивете Го Царот, за робот, смилостивете Го Пастирот, за овцата; смилостивете Го Животот за покојникот, да ја подаде раката Своја и да ја подигне смирената душа моја од нејзиниот пад.
Паѓам пред големата благост Твоја, Владетелу на сите и сѐ. Прими го молењето на грешникот, заслади ја душата загорчена од гревот, напој го жедниот од Источникот на животот, и раководи ме на тој пат. Како Владетел Својот слуга, приведи ме кон царските двери, за да се ослободам од ропството на безбројните страсти, зашто срцето ми е оковано со железни ланци. Нека ме пресретне милоста Твоја, Господи, по молитвите на светителите твои, пред да бидам одведен на местото приготвено за оние што вршат беззаконија.
Таму ќе биде откриено сѐ што сторив и тајно и јавно. Тешко мене, каков срам ќе ме обземе тогаш, кога ќе ме видат осуден, оние што сега ме сметаат за беспрекорен. Оставајќи го духовниот труд, јас кутриот се потчинував на страстите. Тешко тебе, душо моја! Зошто сонцето се помрачува од маглата на страстите? Зошто животот е нагризуван од смртта? Зашто маглата не исчезнува, кога ќе се појават зраците на светлоста? Зошто на трулежноста ѝ даваме предност над нетленото? Зошто им дозволуваме на страстите да ја влечат душата кон земјата? Боготкаената одежда ја направивме неприкладна и недостојна за царскиот брак. Доброволно им се предадовме на гревовите и паднавме во ропство на непријателот на нашиот живот.
Што ќе кажеш, Судијо, во оној страшен и ужасен Ден? Ќе речеш ли дека заради тебе трпев глад, или жед, или сиромаштија, или дека се смирував, или дека Те љубев со сета своја душа?
Учителот непрестајно повикува со смелост: „Оној кој е на власт, нека се заузда; оној кој е во ропство, нека прими почести; оној кој е сиромашен, нека го земе непропадливото богатство“. Зошто не одбереш слобода, туку бираш грижи? Зошто оставаш на времето, а не го слушаш разумот? Зошто го слушаш злонамерниот пријател, а не спасителната љубов? зошто да не ѝ помогнеме на својата природа, додека сеуште имаме време? Додека си уште господар на помислите и додека не ти изнемоштат телото и умот, додека твоите добра не преминале во раце на други, додека ти следува очигледен и несомнен дар, и благодатта допира до длабините, додека солзите ти служат како патоказ, излези и храбро застани против страстите, борејќи се во војската Божја и со помош Божја. Јуначки избори се со Голијат, да не те престигне разбојникот и да не те испревари убиецот, и на вратите да не ти се препречи некој од оние што го Царството го грабат насилно и разбојнички.
Треба да се плашишиме и со секаква внимателност да пазиме, да не се најдеме некако виновни за лага, во она што сме го ветиле. Бидејќи ако Бог, Кого го земаме за посредник, ги утврдува нашите договори со луѓето, тогаш колку ли е опасно да ги прекршиш, на дело да носиш вина, не само за други гревови, туку и за самата лага, и тоа во прилики кога нема ново раѓање, обновување и враќање во претходната состојба? Многу е опасно да бараш да пазаруваш, кога пазарот е веќе затворен. Опасно е да се размислува после сторените дела и дури тогаш да се почувствува штетата. По преселувањето од овде и мачниот крај на сето она што сме го сториле во животот, не е можно да се отстранат последиците.
Како цариникот воздивнувам и како блудницата пролевам солзи, како разбојникот повикувам и како блудниот син Те призивам: „Човекољубив Христе, Спасителу на светот, Светлино вистинска, утврди ја мојата изнемоштена душа, раслабена од опиеност со сластољубието; излечи ги нејзините рани и заблудите на мојот ум. Со Твојата Чесна Крв измиј ја мојата бедна душа, поцрнета од гнасната крв на гревот. Сега е времето погодно, сега е денот на спасението. По големото милосрдие Твое обрати ме, единствен Долготрпелив, и избави ме од секаква угодност и сластољубие. Додека потполно не ме изгорела печката на страстите, згасни ја со росата на Твоето милосрдие“.
Тешко мене! Ти, Господи, си ми ја дарувал светлината на знаењето, а јас ја отфрлам. Тешко мене! Постојано изнемоштував и слабеам, и непрестајно ме посетува и исцелува Твојата благодат, но јас постојано ја отфрлав, па и сега го отфрлам нејзиниот исцелителен дар. Со колку многу дарови си ме надарил, Владико, и секогаш ме даруваш мене грешниот, но јас покајаниот, сум свесно неблагодарен. Благодатта Твоја секогаш ме насладува, секогаш ме просветлува и непрестајно ме укрепува, но јас постојано ја отфрлам и повторно се враќам на несреќата своја. Ти, Благи, ме потсетуваш на смртта и вечните маки и секогаш ме влечеш кон живот, за да се спасам, но јас постојано останувам со лошите навики. Затоа таму нема да имам никакво оправдување.
Чукам на вратите на милосрдието Твое, Господи, за да ми се отворат. Не престанувам да молам, да го добијам тоа што го барам; неуморно просам помилување. Долготрпелив биди кон мене развратниот, избави ме од гревот на кој му робувам, за кога ќе оздравам, да станам од неговиот трулежен одар. Ослободи ме од секакво лукаво дело, пред да мине времето на мојот живот. Зашто во гробовите кој ќе те слави? (Пс.6,5). Избели ја осквернетата облека на мојата душа, пред да дојде страшната наредба, и ме затекне посрамен и неподготвен. Избави ја мојата скрушена душа од лавовските заби и спаси ја со благодатта и милосрдието, по молитвите на сепречистата Владичица Богородица и на сите светии, зашто си благословен во век и веков! Амин.