Долготрпението е добродетел на смелата и благородна душа која за основа ја има љубовта кон ближниот. Долготрпението е великодушност и висина на духот и пријател на кроткоста. Тоа сведочи за доброто воспитание на душата и се отсликува како сострадание, човекољубие, скромност и праведност. Долготрпеливиот владее со гневот и јароста и ги стишува поривите на своето срце, тој ги милува паднатите и ги жали грешниците. Кога изобличува, тоа го прави благо, а зборовите му искажуваат мудрост и логичност. Гневот не му го помрачува разумот и јароста не го поматува. Погледот му е ведар, а движењата му се насочени и прикладни. Бидејќи е разумен, тој не суди строго, туку со бестрасен суд се изјаснува за грешникот.
Златоуст вака зборува за долготрпението: „Причина за секое добро е долготрпението. Тоа е корен на секоја философија, непобедливо оружје и неразрушлива кула која брзо ја отфрла секоја жалост. И како што кога искрата ќе падне во бездна, таа никако не може да и наштети на бездната, туку самата ќе изгасне, така и се што ќе падне во долготрпеливата душа, брзо ќе исчезне и нема воопшто да ја вознемири … Долготрпеливиот како да седи во засолниште и се насладува со длабок спокој, па ти макар и да сакаш да му наштетиш, не можеш да ја победиш карпата, дури и да го исмеваш, не ќе ја растресеш тврдината, дури и да си го ранил, не си го ни гребнал дијамантот“. Долготрпеливиот човек е блажен.