Најголемиот проблем не е тоа како да ги поправиме самите млади, туку како ќе ги поправиме родителите, односно нас самите, како да се поправиме себеси кога нашето дете има некаков проблем.
Исто се случува и со нас, свештениците. Одам во сите училишта, зборувам со децата и тие ми поставуваат многу провокативни прашања. Намерно.
-Зошто се возите во мерцедес? Зошто ги трошите парите во Црквата и ништо не правите? Зошто вие владиците по цел ден се карате?
Можете да си претпоставите. Дури и наредив со мене повеќе да не одат свештеници кога одам по училиштата, зашто тие, милите, исто како и родителите, на почетокот се возмутуваа:
– Како смееш да му кажеш такво нешто на владиката?! – Се вознемируваа од прашањата на учениците.
Им реков:
-Отче, погрешно е да реагираш така. Треба да го оставиш другиот човек да ти каже што сака.
Тоа е најдоброто искуство на општењето. Да се научиш да ислушаш сѐ, и потоа кога другиот ќе ти каже што сака, тогаш и тој ќе го слушне тоа што сакаш да му го кажеш. Па макар и да се само два збора. За жал, во нашата земја продолжува таа лоша традиција да немаме култура на општење. Тоа е голема трагедија. Гледате дека постои тенденција да ставаме етикети во сите сфери од животот – национална, социјална, политичка, граѓанска. Редиме етикети, одлични пропагатори сме, но ретко наоѓаш луѓе кои добро го познаваат тоа за коешто зборуваат и можат јасно да го изразат. Освен тоа, не научивме, иако тоа постои во нашата традиција, дека големото искуство на општењето не е да зборуваш, туку да го сослушаш другиот човек. И целта не е да го парализираш со своите ораторски потфати и аргументи, односно кога тој ќе ти каже нешто, ти да му возвратиш со илјада нешта. Тоа не е општење, тоа е војна. Поважно е да слушаш, отколку да зборуваш.
Кога станав свештеник и духовник на Света Гора, Старец Пајсиј ми кажа:
– Кога ќе ги исповедаш луѓето, ќе слушаш илјада зборови, а ќе кажуваш само еден. Нема многу да зборуваш, исповедта не е за да зборуваш ти, туку да зборуваат другите. Ти ќе слушаш.
Св. Никодим Светогорец во една книга за духовните отци пишува: „Внимавај многу, духовнику, да го оставиш другиот човек да ти каже што сака и како сака. Особено многу да внимаваш да не направиш некаква гримаса на запрепастеност или одбојност, или да покажеш дека брзаш, на пример да го гледаш часовникот, зашто со тоа го разоруваш општењето. Или другиот да ти рече: ’Извршив убиство‘, а ти да извикаш или да направиш гримаса: ’Ама што зборува овој човек?!‘“.
Ако постапиме така, човекот повеќе нема ништо да сака да ни каже. Тоа е искуството на општењето и ние како родители треба да им дадеме на децата чувство дека во секој миг можеме да ги сослушаме, без да се разгневиме, без да се запрепастиме и дека нема да почнеме да си ги корнеме косите ниту да паничиме, па што и да ни кажат. И потоа кога ќе си кажат сѐ, толку колку што сакаат и како што сакаат и колку и време да сакаат, тогаш и ние можеме спокојно и тивко да им ги изложиме сите наши аргументи, но не со заповеднички тон, бидејќи тоа веднаш ќе ја предизвика нивната реакција. Ако на нивните аргументи и причини, основано одговорите заради кои причини вие не се согласувате да го направат тоа, ќе видите дека во 95% од случаите тие ќе ве послушаат. Ви велам дека во училиштата оние деца што така реагираат и поставуваат провокативни прашања, се всушност првите кои потоа слободно ја продолжуваат комуникацијата со нас. Подоцна доаѓаат и во митрополијата, разговараме и се многу добри деца. Тие едноставно нѐ испитуваат, сакаат да видат како ќе реагираме, што ќе направиме, дали ќе се вознемириме и ќе ги нападнеме, дали ќе ги отфрлиме, дали ќе бидеме испровоцирани од тоа што ќе ни го кажат.
Децата и младите ги испитуваат своите родители, како и своите духовни родители, учители, свештеници. Тоа што ќе ни биде од полза е пред сѐ да сме автентични, искрени, а не лицемерни, едно да зборуваме, а друго да правиме. Претставете си еден родител кој пуши цигари и му вели на своето дете да не пуши. Тоа е трагикомично. Или родител којшто ја навредува својата мајка, а на детето му вели да го почитува, зашто му е татко. Детето го гледало како многупати погрдно зборувал за своите родители или за оние на жена му. Помислете си и како изгледа во очите на децата еден родител, којшто го тера детето да оди во Црква, а тој самиот останува дома и спие. Ако родителот не е искрен, не може ништо да направи. Истото важи и за свештеникот и за учителот – ако не се вистинити, нема ништо да направат.
(Продолжува…)