Новото лето Господово и благословот на Свети Василиј Велики

Свети Василиј Велики, Архиепископот Кесариски. Достоен ученик и беспрекорен следбеник на Великиот Пастир Исус Христос


Како што на Божјото величие му нема крај, така и убавината и мудроста на Црквата, на таа богооснована заедница на децата Божји, немаат граници. Еве, на пример, таа премудро устроила Новото лето Господово да започнува токму со Обрезанието на Господ Исус Христос, Кој беспочетен и безвремен по Своето Божество, влегува во времето како Човек, за да го освети, да го облагороди, да го направи средство што ни помага да стасаме до вечноста.

Уште, Новата година започнува и со споменот на еден прекрасен Јерарх на Црквата Христова, еден чудесен учител и пастир, кој со своите од Бога вдахновени учења, ја исполнил сета вселена со убавината на правилното богомислие, ја објаснил природата на нештата, ги украсил обичаите, продрел во тајните на Божјата креација и со премудри одредби го уредил монашкото општежително живеење. Самото негово име предизвикува чувство на восхит и стравопочит: Свети Василиј Велики, Архиепископот Кесариски. Достоен ученик и беспрекорен следбеник на Великиот Пастир Исус Христос. Тој е првиот отец и учител во сесветската библиографија кој пишувал за еволуцијата на светот и на битијата, се разбира, во согласност со теориите и искуството на стариот и на новиот свет.

Свети Василиј Велики, во своето толкување на Шестодневот, вели дека Бог го оформил светот во еден мигновен изблик на љубовта Негова. Бил потребен само еден миг на безграничната и несфатлива љубов Божја, за да се обликува небото и земјата и сè што е во нив. И сето тоа, за во светот да се всели човекот.

Спомнувајќи си за овие убавини на добрината Божја, нашиот Старец, Архимандрит Партениј, утрово отслужи света Василиева Литургија во Манастирот на Богомајката – Пречиста, за потоа да ја прекрши традиционалната василопита, најпрво со пречистанското сестринство, па со бигорското братство и најпосле со сестринството од Рајчица.

„Вечното и постојано слово Божјо“, ќе рече тој во една прилика, „нè повикува да го цениме секој миг од нашиот живот: внимавајте добро како живеете! Не како безумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави (Ефес. 5,15-16). Оваа мудра препорака е единствениот ефективен лек против несопирливиот тек на времето, коешто секогаш е замаглено од несигурноста на утрешниот ден. Пречекот на Новата година се случува според вообичаениот начин: честитки, желби, ручеци, гозби… и пред сè, нови „надежи“. Но, празнувањата испаруваат за најбрзо време, а истото, за жал, се случува и со новите „надежи“, веднаш штом се соочат со суровата реалност на текот на времето… Тогаш, што ни преостанува? Секако, единствената, вистинска, непосрамлива наша надеж, Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос! Оној Кој даде сè, „се испразни“ Себеси целосно, заради секого од нас. Не само со Своето крајно смирение, туку и со Својата пречесна крв, Он ја потпиша гаранцијата за нашата непрестајна и непроменлива надеж, која започнува во сегашниот век и не завршува никогаш“.

Нека ни е благословено Новото лето Господово!