Денеска, во Свештената Бигорска Обител се одржа значајна средба со претставници на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје. Почитуваните гости, г. Метју Фланес, политички советник, и г. Митко Бурчевски, политички аналитичар при амбасадата, беа примени од нашиот Старец, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.
Во рамките на разговорот беа опфатени повеќе актуелни прашања од животот на Манастирот, со посебен акцент на неговото долгогодишно делување во полето на духовната и социјалната мисија. Особено внимание беше посветено на програмата за рехабилитација и ресоцијализација на лица зависни од наркотични средства, која во изминатите години даде значајни плодови и помогна на многумина во нивниот пат кон целосно обновување на личноста и кон станување на полезни личности во општеството.
Господинот Метју Фласен го изрази своето големо задоволство од оваа благородна мисија на Манастирот и го потенцираше значењето на ваквите макотрпни заложби за целото општество. Средбата помина во отворен и конструктивен разговор, при што беше истакната важноста на соработката и поддршката за вакви општествено корисни процеси.
Нашата Обител изразува благодарност за интересот и вниманието на претставниците на Амбасадата на САД и за нивното морално охрабрување да продолжиме со духовната и општествена мисија на нашето братство.