Панел дискусија во Дебар: „Да водиме со личен пример“

Олимпијци, светски медалисти и планинари ќе ги инспирираат младите во регионот

Со цел промоција на спортските вредности, мотивирање на младите и истакнување на личниот интегритет како клуч за успех, на 20 декември (сабота) со почеток во 12:00 часот, во хотелот „Венец“ во Дебар, ќе се одржи панел дискусија под мотото „Да водиме со личен пример“.

Настанот е во организација на Здружението „Рајчица“, како дел од проект поддржан од Општина Дебар. Оваа трибина ќе обедини петмина истакнати имиња од македонската спортска сцена, кои преку своите автентични животни приказни ќе дебатираат за предизвиците на врвниот спорт, спортското лидерство, но и за балансот помеѓу семејството и професионалните обврски.

На панелот ќе говорат:

Едина Муса – македонска кошаркарка. Таа ја претставуваше земјата и играше колеџ кошарка во САД, а во земјава настапуваше за ЖКК Вардар, Скопје. Моментално е дел од кошаркарскиот тим на Гевгелија. Освен тоа, Едина е и првак во фитнес, фитнес тренер, кошаркарски тренер, спортски активист, а од неодамна и мајка.

Ирина Камилоска – Истакната планинарка која го освои врвот Ама Даблам на Хималаите, но и многу други врвови. Таа е инспирација за сите кои се стремат успешно да ги обединат мајчинството, приватниот бизнис и љубовта кон екстремните спортови.

Пулексенија Јовановска – Олимпијка (Токио 2020) и симбол на женската истрајност во спортот. Како економистка и претседателка на Комисијата за спортисти при МОК, таа е гласен застапник за родова еднаквост и професионален развој на спортистите.

Берат Јакупи – Четирикратен европски шампион во карате и светски универзитетски првак. Како актуелен селектор на националната репрезентација, тој претставува пример за успешна транзиција од врвен атлет во докажан спортски лидер и педагог.

Харис Беќири – Првиот Македонец со успешно реализиран „Everesting“ предизвик и основач на Rostushe Trails. Како педагог и ултратркач, тој е посветен на мисијата за враќање на младите кон природата и активниот начин на живеење.

Зошто „Да водиме со личен пример“?

Целта на оваа дискусија е да покаже дека патот до врвот бара истрајност, дисциплина, храброст и висока општествена одговорност. Панелистите ќе споделат искуства за тоа како спортот го кали карактерот, како се надминуваат животните бариери и зошто е клучно секој поединец да стане позитивен пример во својата заедница.

„Спортот не е само резултат запишан на теренот, туку и пораката и вредностите што ги оставаме зад нас. Сакаме да ги охрабриме младите во целиот регион да веруваат во сопствените капацитети и да ги изберат здравите животни навики како свој начин на живот“, порачуваат од Здружението „Рајчица“.

Датум: 20 декември 2025 година, 12:00 часот

Локација: Хотел „Венец“, Дебар

Ги покануваме медиумите и сите заинтересирани граѓани да присуствуваат на овој настан и да бидат дел од дискусијата која го трасира патот за идните генерации спортски и општествени лидери.