Може ли маѓепсниците да прават добрини? (IV дел)

 

Ѓаволот никогаш не може да направи добро

Старче, може ли еден маѓепсник да излечи некој болен?

Маѓепсник да излечи болен човек!? Некој којшто е потресуван од демонот, може да го направи да се чувствува добро, со тоа што демонот ќе го испрати кај друг. Затоа што маѓепсникот и ѓаволот се колеги, та му вели на ѓаволот: „Излези од овој, и оди кај оној“. Го вади демонот од него, и го праќа кај некој роднина или познат којшто му има дадено право на ѓаволот. Потем, тој што имал демон вели: „Јас страдав, но тој ми направи да бидам добро“ и, така маѓепсникот станува популарен. Потоа демонот се шета кај роднини или пријатели. Ако некој, да претпоставиме, е згрбавен од демонско влијание, маѓепсникот може да го изгони демонот од него и да го прати на друго место, та грбавиот да стане исправен. Но, ако има грпка од инвалидитет, маѓепсникот не може да го направи да биде добар.

Ми кажаа за една жена дека лечи болни, користејќи различни свети нешта. Кога слушнав што прави останав вчудоневиден од техниката на ѓаволот. Држи еден крст и пее различни тропари. Пее на пример: „Богородице Дево“, и штом ќе стаса до „благословен е Плодот на твојата утроба“ плука близу до крстот, значи – се исмејува на Христа, та затоа, потоа, ѝ помага ненависникот. Така, некои коишто се болни, имаат меланхолија (и сл.) од демонски влијанија и лекарите не можат да ги излечат, таа ги лечи, зашто го изгонува демонот којшто ја предизвикува тешкотијата, го праќа кај друг, тие се ослободуваат од маката, и многумина ја сметаат за светителка. Се советуваат со неа, а таа им наштетува на душите, ги упропастува.

Потребно е многу внимание. Нека бега човекот далеку од маѓепсниците и маѓиите, како што бега далеку од огнот и од змиите.

Да не ги мешаме работите. Ѓаволот никогаш не може да направи добро. Само болестите коишто тој ги предизвикува, само нив и може да ги „излечи“. Имав слушнато ваква случка: еден младич се имаше сплеткано со некој маѓепсник, и се занимаваше со магии. Потем претрпе штета, се разболе и заврши во болница. Потроши месеци татко му, а тогаш немаа ни здравствено осигурување, за да најдат што му е. Но, лекарите не наоѓаа ништо. Беше станат за никаде. Што направил тогаш ѓаволот! Му се јавил како светиот Јован Крстител, кого што го имале за заштитник во нивното место и му рекол: „Ќе те излечам, ако татко ти изгради една црква“. Му го кажал младичот тоа на татка си и тој бедниот рекол: „Мое дете е, сè што имам ќе дадам, само да се излечи“, и се ветил на Чесниот Крстител да му изгради црква. Ѓаволот излезе и детето оздраве. Го направи… „чудото“! Тогаш таткото рекол: „Јас се ветив да изградам црква. Треба да го исполнам зареченото“. Бидејќи немаа финансиска моќ, тој, за да изгради храм, ги продаде нивите што ги имаше, го даде целиот имот. Децата му останаа на улица. Вознегодуваа, „скраја да е православието“ – рекоа, и станаа Јеховини сведоци. Гледаш ѓаволот што прави? Изгледа таму немало Јеховини сведоци, и тој најде начин и таму да станат Јеховини сведоци. Кога се фаќаат маѓиите. Старче, секогаш ли се фаќаат маѓиите?

За да се фатат маѓиите човекот треба да му даде права на ѓаволот. Значи, да му даде сериозна причина, и да се нема средено преку покајание и исповед. На еден човек што се исповеда и со лопата да му фрлаат маѓии нема да се фатат. Зашто, кога се исповеда и има чисто срце, маѓепсниците не можат да соработуваат со ѓаволот и да му наштетат.

Еднаш дојде еден средновечен во Колибата со самобендисан залет. Само што го видов, од далеку, разбрав дека има демонско влијание. „Дојдов да ми помогнете“, ми вели. „Моли се за мене, зашто веќе една година имам страшни главоболки и лекарите не наоѓаат ништо“. „Имаш демон“, му велам „зашто си му дал право на ѓаволот“. „Немам направено ништо“ ми вели. „Не си направил ништо?“ го прашувам. „Не излажа една девојка? Е, таа отишла и ти направила магии. Оди сега да побараш извинување од девојката, потоа да се исповедаш, да ти прочитаат егзорцизми, за да си го вратиш здравјето, Ако ти не си ја разбереш грешката, и не се покаеш, сите духовници на светот да се соберат и да се помолат, демонот нема да излезе“. Кога доаѓаат такви луѓе, со таков залет, им зборувам отворено, зашто нив треба да ги растресеш за да се повратат. Еден, пак, друг, ми кажа дека жена му има демон. Постојано правела неред во куќата. Станувала навечер, ги будела, се вртела наопаку. „Ти се исповедаш?“ го прашувам. „Не“ ми одговара. „Треба да му имате дадено права на ѓаволот. Тоа се нема случено без некаков повод“. Најпосле најдовме дека одел кај некој оџа, и овој му дал нешто да попрска дома за к’смет, за да му оди добро работата, а на тоа не ни обрнуваше внимание. Потоа, „вршеше“ ѓаволот во неговата куќа.
 

Сведоштва за демонските влијанија врз човекотПреп. Пајсиј Светогорец
Што е тоа магија и колку видови магии постојат? (I дел)
Гревот на гатање со светите книги, кое денес е вообичаено кај верниците (II дел)
Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)
Дали маѓепсниците имаат виденија? (III дел)
Како се одврзуваат магиите – (V дел)
Зошто христијаните западнаа во магии? – (VI дел)
Ѓаволот треба да се плаши од христијаните, а не христијаните од ѓаволот – (VII дел)
Кои се последиците од Гревот на маѓепсништвото? – (VIII дел)