1206

Гласот Господов на водите…

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, изговорено пред почетокот на сеноќното бдение спроти Водокрст

озљубени браќа, сестри и чеда, ви посакувам добредојде на сите на ова наше заедничко, единствено по својата традиција, молитвено бдение, во навечерието на големиот Господов празник Богојавление. Нека нашиот велик и штедар домовладика, Светиот Јован Крстител, свештеноизвршителот на големото таинство на Христовото Крштение, биде вечерва и во овие денови на празненство, наш тајноводник во созерцателното доживување на божествените настани.

По неговите молитви, значи, со отворени срца и богоуправени умови, не само да го дочекаме, ами и благодатно да го преживееме чудесното Богојавление. Овој празник, со јазикот на Црквата, се нарекува уште и Просвештение, просветување, бидејќи со јавувањето на Троичниот Бог на реката Јордан, при крштевањето на Богочовекот Господ Исус Христос, се просветува сеопфатно целото создание. Утрово, на чинот на големиот богојавленски водосвет, ќе испееме еден прекрасен тропар, кој гласи: „Гласот Господов на водите вика, говорејќи: ’Пријдете, примете Го сите Духот на премудрост, Духот на разум, Духот на страв Божји, на Христа Кој се јави‘“. Господ дојде на многуте води. „Гласот Господов на водите“ се слушна на Јордан, во облаците, во понорите земни и насекаде во вселената каде што постои вода. Господ „се јави да ги освети водите“. Каде што има води, таму доаѓа Христос за да ги освети.

Ги осветил некогаш гласот Господов водите на Јордан со Крштевањето на Синот Божји, но истиот тој глас ги осветува и денес сите води, по целата земја. Во духовна смисла, Бог зачекорува и во водите на нашите гревови и многубројни гревовни желби, што како брзи вруточни струи нѐ одвлекуваат далеку од Бога. Во текот на богослужението повеќе пати ќе слушнеме од пророштвата и песнопенијата како, кога Господ се крштеваше во Јордан, нејзините бездушни води се уплашија и се вратија назад. Подобно на ова, од гласот Господов, од присуството Христово, се плашат и се одвраќаат од нас нашите прегрешенија, страстите, нашите лоши помисли, и ние се очистуваме, се менува нашата природа, постануваме свети. Оти доаѓа Сесветиот и несветото исчезнува; доаѓа Светоста и со Себе сѐ осветува. Како што водата, која по својата природа е подложна на расипување, но кога преку благодатта на Светиот Дух од обична се претвора во света и повеќе не се расипува, така и ние, преку Христа се осветуваме и преминуваме во нераспадливост. Сите од сопствено искуство знаеме каква необична моќ има осветената вода, особено Богојавленската. Ете, Божјото Слово воплотено влегува во јорданските водотеци и со Своите Божествени енергии ја осветува целата водена природа. Истото станува и со нас, кога Му дозволуваме на Христа да влезе во нас – тогаш и ние се осветуваме, се обожуваме. Сѐ што се наоѓа во нас, што нѐ преплавува, како водите, Он го осветува, го прави Свое, го исполнува со Сопственото присуство. Всушност, Бог, преку светата Причест, целиот се вселува во нас и нѐ осветува.

Меѓутоа, за да стане тоа просвештение, тоа наше осветување од Бога, наше богоуподобување, неопходна е, се разбира, и согласноста на слободната ни волја. Потребно е доброволно да Го побараме, да Го повикаме, да го отвориме срцето и да го слушнеме гласот Негов. Да ја почувствуваме жедта за Бога, бидејќи природно е за човека да жеднее за Бога, да Го сака, да Го бара постојано. Вечерва во една од старозаветните паримии, поточно од светиот пророк Исаија, ќе прочитаме: Зарадувај се, пустино жедна (Радуйся, пустыня жаждущая – цсл.), да се весели ненаселената земја и да расцути како крин (Иса. 35,1) Жедната пустина е сува земја, пресушена, земја на која сосема ѝ недостасува свежина и живост, ѝ недостасува Бог. И Он слезе, ги освети водите и се зарадува целата земја и целата твар. Во преносна смила жедната пустина, која може да се напои единствено со Бога, е нашата душа, разумот, внатрешното наше битие. Он се вселува во нас, се настанува Себеси во нашите души, кои се суви и сурови поради оддалеченоста од Него – и станува животворна вода која ги напојува, така што никогаш да не ожеднат, а да станат извор на вода, што ќе тече во живот вечен (Јован 4,14). Осенети од Божјата благодат, со нив се случува чудо: од бесплодни, суви и бесполезни, душите ни стануваат плодотворни. Во спротивно, доколку не ги отвориме дверите на нашето срце за Него, како ќе може да протече Бог во нас, да ја угасне духовната ни жед и да нѐ исполни со Себеси? Гледате колку е потребно да ја почувствуваме таа насушна жед за Бога, тој силен копнеж по Него, како пресушената земја на која и неопходен дожд за да може да вроди со плод!

Да бидам искрен, до пред малку малодушно се прашував дали да говорам вечерва нешто, бидејќи многупати на овој ден сме зборувале и не до многумина допирало реченото, особено не толку многу до нашите соседи од околниве села, нашите многу сакани браќа и сестри реканци. Но се охрабрив да говорам, сеќавајќи се на тоа како Христос – читаме во Евангелието – понекогаш изговарал цели беседи наменети во тоа време за една личност, зашто Самиот Он кажа дека целиот свет не вреди колку една човечка душа (Сп. Матеј 16,26). Така што, си реков, макар и само една душа да разбере, ќе бидам многу благодарен. Зашто христијанската вера е силна, бидејќи е жива и вистинита, и не се мери со бројот на верниците, туку со нивното силно исповедание. Може и малкумина да се, но поради нивната вера и сведоштво за вистината, Бог го спасува светот – како што можел да ги спаси во она време и Содом и Гомор, само доколку се изнајделе во нив десет праведници. Несомнено, во светов, ваков каков што е – оддалечен од Бога, налик на сува и бесплодна земја, сепак има луѓе коишто Го бараат Бога насекаде по овој свет, се осветуваат, се исполнуваат со Бога и затоа светот сѐ уште постои…

Сега, пак, кога ве гледам вас, реканциве, собрани овде во толкав број; кога гледам дека оваа прекрасна традиција со кумството на крстот сѐ уште опстојува, моето срце многу се успокои и израдува. Тоа значи дека и во наши дни продолжуваат да светат зраците на верата на нашите предци. Меѓутоа, верувајте, доколку не се држиме до суштината на ваквите обичаи, а само формално ги практикуваме, прашање на време е кога тие целосно ќе згаснат. Ви го зборувам ова, бидејќи навистина е неопходно да го развиваме духовно чувство за верата, чувството за жед по Бога. Денес имав еден гостин од селото Мелничани, кој, меѓу другото, ми кажа дека во Дебар, од пет-шест кумства на крстот од околните села до пред неколку години, годинава останало само уште едно! Па и тие единствени кумови размислувале дали да одат во Дебар, или да дојдат вечерва во Бигорски. Се разбира, ги посоветував да си останат во Дебар, за да се радува и тамошниот храм. Слична е состојбата и тука. Пред неколку години згасна кумството од Јанче, но, еве, слава Му на Бога, тоа се обнови и јанчани сега се тука со нас. Бог да ве благослови сите што со љубов се трудите да ги запазите нашите преубави православни обичаи! Зашто, тие ни се наследство од нашите длабоко побожни предци, кои ни ја предале спасоносната вера, културата, битот, идентитетот. Затоа, должни сме и ние да ја подражаваме верата нивна, макар и да сме многу грешни. Оти, рековме, во нас дејствуваат разни гревовни желби, страсти – но кога ќе застанеме со смирение и страхопочит пред Божјото величие, пред Љубовта Негова, сите тие гревовни настроенија ќе се повлечат. Бог ќе нѐ очисти, ќе нѐ освети. Доколку не се стремиме кон таа внатрешна преобразба, кон Божјото просвештение, тешко дека ќе можеме да ја одржиме верата и да ги прославуваме празниците на достоен и богоугоден начин, и да им го предадеме тоа непроценливо духовно наследство и на нашите потомци. Вие самите сте сведоци дека секоја година сѐ помалку и помалку кумови доаѓаат. Едноставно, некои изгубиле секаков интерес за верата. И ако наминат случајно, веќе туѓа и чудна им е на духот богослужбата во храмот, па за брзо си заминуваат. И наместо на молитва и благодарење кон Бога за сите Негови добрини што ни ги дава, тие одат во селото да играат карти, да јадат и да пијат цела ноќ, па уште и кажуваат дека тоа им било „традиција“. Колку неподобно извртување на православните празнувања! И полека-полека, душата на таквите станува како сува земја, неплодородна, но и без желба за напојување. Не може да се зарадува од Божјата благодат, бидејќи не ја ни бара. Ова не се однесува само за нашиот случај, туку општо – за целата ни земја. Токму затоа се соочуваме и со големи искушенија, и како народ, и како држава; понекогаш заприлегаме на сува земја, на пустина без ниедно дрвце, никаква тревка, никаков плод.

Ги замолувам сите што не се интересираат, или не се ни обиделе да навлезат подлабоко во тајната на православното празнување, на чудесните богослуженија по нашите православни храмови, да се подзамислат малку и барем понекогаш да одат и да ислушаат едно богослужение во црквата. Колку и да им се чини здодевно, несфатливо, туѓо, нека се обидат да се помолат, макар и со една најпроста молитва од срцето, оти имаме многу причини за што да се молиме – на светот како ништо друго му е потребана молитвата. Особено ги замолувам нашите драги реканци, и сите коишто се по потекло од овој крај, да се свртат повеќе кон својата исконска христијанска вера, да ја спознаваат повеќе најзината духовна красота. Тогаш несомнено и овој обичај со кумството на крстот ќе опстои и ќе продолжи. Најважно е  да ги отвориме своите срца за благодатта на Светиот Дух да дојде и да се всели во нас, да нѐ просветли и освети, уште повеќе отколку што ja осветува водата. Зашто ние, навистина, имаме таква можност преку Светата Евхаристија.

„О, прекрасни дарови“ – пееме во една песна од канонот на претпразненството на Богојавление – „о, благодат Божествена и љубов неискажлива! Ете, Создателот и Владика, со вода ме очистува, со оган ме просветлува, и со Божествениот Дух ме усовршува, откако Безгрешниот во Јордан се облече во мојата природа“. Така што, ние не смееме да се плашиме за своите гревови, туку во покајание на Бога да Му ги принесеме, за Он да ги очисти. Сега имаме слобода кон Него да пристапуваме и пред Него да стоиме. Но да ѝ го придружиме на таа слобода и благословениот трепет, чувството дека стоиме пред Господа, трепетот со кој Јована Крстителот и бесчувствениот Јордан се вратија назад, кога му рече Господ на Својот слуга да ја положи раката на главата Негова. Така и ние – да стоиме пред Господа, со чувство дека сме крајно неподобни и недостојни, сврзани со телесни похоти и страсти, но како што Крстителот ја испружи својата рака, да го положиме и ние нашето срце и нашите мисли пред Христа. И како што со својот допир на Господа се освети и Јован; како што водите на Јордан со влегувањето на Христа во нив примија од Неговата светост, така и ние биваме осветувани, допирајќи се до Него и дозволувајќи Му да влезе во нас.

Ви посакувам на сите благодатно стоење пред Господа вечерва и вистинско духовно просвештение од Оној, Кој заради нас денес се крштева во Јордан!