Заблеска со светост и убавина преподобниот Јоаникиј Ракотински

Не времето и околностите ги провозгласуваат светиите, туку благородството на совршената и нелицемерна љубов кон Бога

Така запиша во синаксарот од богослужбата за Преподобниот Јоаникиј, химнографот на Великата Христова Црква, сепреподобниот јеромонах Атанасиј Симонопетрски. И несомнено, светоста не може да се ограничи во просторот и времето, бидејќи како исклучиво Божјо својство, таа ги надминува и двете. По примерот на Светецот, Кој ве повика, и вие самите бидете светци во сите ваши постапки. Оти е напишано: „Бидете свети, бидејќи Јас сум свет” (1. Петар 1,15-16) – оваа заповед Божја важи не само за древните поколенија, ама за сите луѓе, во сите времиња. Значи, светоста е послушание кон волјата Божја, која го посакува нашето осветување и спасение. А дека исполнувањето на ова највозвишено послушание е можно и во наши дни, ни докажува токму вчерашното торжество по повод впишувањето на Преподобниот Јоаникиј Ракотински Чудотворец до Диптихот на Светиите во православната Црква. Овој сјаен Христов угодник, „посведочен христоносен монах, опитен испосник, богомудар игумен, боговдахновен духовник, народен учител и судија, исцелител на душите и огнен застапник пред Бога засветли во поново време како најсветла ѕвезда на небото на Црквата Христова“.

И како што е блескава неговата слава во Црквата небесна, блескаво беше и неговото прославување од Црквата земна. Среде илјадниците верни, притекнати во нашата Престолнина по тој повод, во раскошна молитвена литија, составена од мноштво свештеници, ѓакони, монаси, коњаници, знаменосци, придружници од ансамблот „Македонија“ облечени во скопски народни носии…, мина кивотот со чесните и чудотворни мошти, пристигајќи до Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, каде претстоеше свеченото, литургиско причислување на името на преподобниот Јоаникиј во списокот на Светиите. На Божествената архиерејска Литургија, чиноначалствувана од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со собраќата архиереи од Свештениот Синод на МПЦ-ОА и бројното духовенство, во полнотата на евхаристиската благодат, како небесно озарение, засветли и живото присуство на прославениот Светија – пренесувајќи им го благословот на сите верни од небесната Црква. Голема беше радоста и славата, и честа и достоинството на денешниот ден! Уште еден молитвеник пред Престолот на Светата Троица за родот наш православен, за Татковината наша и спасението наше!

Со Божественото величие на денешното ликување духовно се радуваа не само илјадниците верници во Соборниот храм, ами и ангелите Божји, душите на светиите и праведниците, како и претставниците од Светата Гора Атонска, Бугарската патријаршија, Грчката и Албанската архиепископија, кои дојдоа да го споделат со нас ова небоземно собитие.

Навистина, благодатното присуство на преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински и неговото чудесно прославување од Црквата Христова, ни покажува, како што тоа мудро го предочи во своето слово нашиот возљубен архипастир и Архиепископ, дека кон светоста Христова се повикани сите Христијани:

ДЕН ЗА НЕБОЗЕМНА РАДОСТ

Прекрасен е Бог во Неговите свети[1]

„Секогаш кога им оддаваме почит на светителите, ние Го прославуваме Бога! Но, светоста не е привилегија на одредени луѓе, туку е наменета за секој христијанин, кој има вистинска вера, покајание и постојани подвизи во животот. Канонизацијата, односно објавувањето за светоста на еден човек, е израз на нашата благодарност, но и Божја волја за истакнување на преголемата љубов што светителот ја има кон Бога и кон луѓето. Светоста е нераскинливо поврзана со длабокото смиреномудрие, и затоа обожените луѓе не се истакнуваат себеси, и не се фалат со своите добродетели. Колку поголеми се нашите подвизи, толку помалку треба да зборуваме за нив, советува свети Јован Златоуст[2]. Затоа Црквата сведочи за нив, и преку канонозацијата Го славослови Бога, Кој богато ја излева Својата благодат врз нас.

По прекинот на страшните гонења од првите три века, голем број христијани не се задоволувале само со надворешно исполнување на заповедите, туку живееле со стремеж кон непрестајна молитва и евангелско совршенство. Одрекувањето од острастеното себељубие, преобразувањето на противприродно насочените човечки способности е првиот чекор кон очистување на срцето, кое го отвара патот кон совршената љубов. Затоа, темелот на осветувањето на човекот е покајанието, кое значи преумување и напуштање на световниот, огревовен начин на живеење. Само тогаш Бог се вселува во срцето и станува негов постојан жител[3].

Заеднички карактеристики на сите светители се нивната  вера и нивниот личен опит со Бога. А тоа подразбира активен литургиски и подвижнички живот. Така, личниот опит на светителите станува заеднички опит на целата Црква. Личноста се преобразува и се осветува, зашто светоста е преродување на целокупното човечко битие. А еден од белезите на тоа преобразување се и светите мошти, кои се показател за осветувањето и на душата и на телото.

Божјата обожителна благодат, преку душата, се пренесува и на телото, и затоа моштите на светителите се осветени, а неретко и нераспадливи и мироточиви. Вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас, вели светиот апостол Павле[4]. Начинот на живот на светителите претставува образец за живеење на христијаните. Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град, што се наоѓа на врв планина. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата![5] – порачува Господ Исус Христос.

Светителите се најсовршени богоугодници, зашто себеси се осветиле преку подвизите на верата во воскреснатиот Господ. Во нивниот живот сѐ е исполнето со Господа – и мислите, и чувствата и постапките… А да се живее за Господа значи да се живее по Евангелието, како што порачува и апостолот Павле: живејте само достојно за Христовото Евангелие[6]. И навистина, светителите тој повик го претвориле во живот, покажувајќи дека нема евангелска вистина која не може да се претвори во живот. Светителите со своите животи ги потврдиле и догматските учења, и етичките начела, и педагошките постапки, покажувајќи совршеност до мера на растот на Христовата полнота[7]. Затоа кај светителите сѐ што им припаѓа најпрво е на Господа, па потоа нивно… И нивниот живот е животот на Христа, или животот Христов е продолжен во нивниот живот. Всушност, секој светител, пред сѐ и над сѐ – Го љубел Христа. И таа љубов кон Господа е најголема и најсовршена, така што секој светител е свет сведок за вистината во Христа.

Сеќавањето и прикажувањето на животите на светите христијани е поволна и плодоносна почва, од која никнуваат нови генерации на светители. Не постои ништо поскапоцено од тоа кога човекот е во Божји раце. А штом Бог е живот и светлина, тогаш и оние кои се во Неговите раце, пребиваат во живот и во светлина, поучува свети Јован Дамаскин[8]. Светителите ни го покажуваат вистинскиот христијански начин на живот, според кој од преголема љубов кон Христа и кон ближните треба да се придржуваме на евангелските принципи, за да можеме да бидеме учесници во Царството Божјо.

Непроценливо е позитивното влијание на светителите во средината каде што живеат. Со своето присуство и подвизи тие предизвикуваат духовна преобразба кај народот. И тоа не само преку поучни слова, туку и, пред сѐ, со делата свои.

Ние, пред сѐ, треба да се уподобуваме на нивната чистота, на нивниот добар живот и на нивното угодување на Бога, поучува св. Климент Охридски.[9] Нашиот православен народ, низ вековите, го имал благословот да има светители во својата средина. Нивното влијание било особено благотворно за духовна поткрепа и опстој на народот во тешките времиња на ропствата и туѓите владеења.

Денешнава канонизација на преподобниот Јоаникиј Ракотински се совпаѓа со одбележувањето на 50 – годишнината од автокефалноста на Македонската православна црква. Светителот е потврда на светоста на народот во кој се родил и на Црквата во која растел. Светителот е потврда дека се живее по Светецот, Кој нѐ повика, и дека се свети постапките и делата наши[10]. Дејството на Светиот Дух е живо присутно во Црквата, а секоја помесна Црква е потполна Црква Христова, затоа светителите од нашиве простори се плод на покајанието и на христоцентричноста на народот. Но некогаш појавата и присуството на светителите претставува и опомена и повик за покајание. Поради тоа, светителите се сведоци на Бога, кои имаат и пророчка улога за поправање на народот во чија средина се појавиле.

Од љубов и почит кон облагодатената душа на архимандритот Јоаникиј, но и како пример за сите нас и за идните генерации, ние денес ѝ објавуваме на целата  црковна полнота за неговата светост. Тој е современ светител, кој живеел во втората половина на 19 и првата половина на 20 – от век, и како миризлив цвет процветал од македонската земја. Нашава и идните генерации кон него ќе покажеме почит доколку го следиме неговиот пример. Тој, заедно со соборот на македонските светители, е и ќе биде горешт застапник и молитвеник за нас пред Бога. Тоа е за нас од непроценливо духовно значење, но истовремено треба да биде и патоказ за чување на чистотата на православната вера и на православниот начин на живеење.

Се надеваме дека животот на преподобниот отец Јоаникиј од Ракотинци ќе ни биде постојан поттик за растење во Христовата љубов, бидејќи денес имаме особена потреба од вакви светли и свети примери, затоа што сме сведоци на живеење исполнето со огревовено себељубие и завидливост. Причината за тоа е отфрлањето на Бога од нашите животи, па како последица на тоа нѐ снајдоа овие зла, како порачал уште старозаветниот праведник[11]. Живеењето во православната вера претставува животворен дух, кој го одржува и го обновува секој човек и сиот народ. Затоа, да се трудиме да растеме во љубовта кон Бога и кон луѓето, надминувајќи ги меѓусебните недоразбирања и себељубието. На тој пат, пред престолот Божји, имаме бројни застапници, каков што е и, денес канонизираниот, преподобен Јоаникиј.

На овој голем ден и од ова свето место, би сакал да ви заблагодарам на сите што дојдовте, и сношти, и утрово и денес, за заедно да ја поделиме радоста со која Бог нѐ дарува како народ и Црква. Особено сакам да им се заблагодарам на сите што помогнаа овој настан да биде празник, а пред сѐ за ангажирањето во подготовките на монасите од Бигорскиот и монахињите од манастирот во Рајчица, под раководство на архимандрит Партениј; му благодарам на отецот Бобан Митевски за придонесот во организацијата на чинот; му благодарам на еромонахот Атанасиј од манастирот Симонопетра – составувачот на Последованието за преподобниот, како и на отецот Филотеј од манастирот Дохијар на Света Гора и отецот Матеј од манастирот Св. Јован кај Берија за нивното денешно присуство, како и на монахињите од Клисурскиот манастир од Бугарија и на отецот Тоди Јован од Подградец; им благодарам и на свештенослужителите од Скопската епархија, и на сите што учествуваа и го помогнаа велелепието на овој чин, и на крајот ви благодарам на сите вас што дојдовте да се поклониме пред преподобниот Јоаникиј.  

По неговите молитви и застапништво, Господ да нѐ помилува и да ни помага да се удостоиме за вечен живот во Царството Небесно!

Преподобен оче Јоаникие, моли Го Бога за нас! Амин!“

„Јоаникие, отче чедољубив, за твојот свештен спомен сега собрани, со песни те чествуваме; затоа подај ни благодат изобилно, и на твојот живот подражание“ (од канонот на Преподобниот).

Стихови:

Јоаникие, пастир си, и учител и лекар,
моли се на Бога за твоето стадо
и од моштите твои, како од најсилен извор,
бликни им на сите утеха од Рајот,
да се исполнат со ревност и копнеж сите срца,
имајќи го пример житието твое,
та да минеме и ние низ ова бурно море,
и земи нѐ таму, во радоста твоја“.

Од вишниот Сион, на светите градот,
погледни на нас и испрати ни сладост,
Јоаникие свети, најнежен татко,
од преслаткиот Христос, нашата радост,
Кого од младини Го возљуби силно
и возвишен во Него, покажа живот“.


[1] Сп. Пс 67, 36.

[2] Αγίου Ιωάννου του Χρυσοστόμου, Χρυσοστομικός Άμβων Β΄изд. Συνοδία Σπυρίδωνος Ιερομόναχου Νέα Σκήτη Αγ. ‘Ορους, 2005, стр. 36.

[3] Сп. Јн 14, 23.

[4] 1. Кор 6, 19.

[5] Мт 5, 14 и 16.

[6] Фил 1, 27

[7] Ефес 4, 13

[8] ΕΠΕ, ΙΔαμασκήνου, εργα 1, изд. Ιερά Μητρόπολις Θεσσαλονίκης 1976, стр. 488.

[9] Општа поука за апостол, маченик или светител, стр. 2. Собрани дела: слова, поуки, житија.

[10] Сп. 1 Птр 1, 15

[11] 5 Мој 31, 17.