Нашето книжевно богатство е сведоштво за нашето битисување во овој свет. Тоа во себе ја носи таинствената порака на претците, скриена меѓу тие пожолтени страници, шепоти за нивните радости и таги, нивното страдање, борби, порази и победи, нивните стремежи вткаени во црните редици со букви, преку кои, денес, на секој читател му се отвора вратата кон минатото. Можеби затоа овие веќе избледени пишани споменици ни се толку блиски на душата. Тие се нашиот сигурносен ленгер кој не држи закотвени во ова немирно светско море, нашиот корен, од кој црпиме животни сили, нашата врска со она што сме и кои сме и колку голема одговорност носиме во себе. Зашто ние не смееме да заборавиме колку многу добивме и колку треба да се потрудиме, тоа богатство да им го оставие и на оние што ќе дојдат по нас. Тоа е нашиот свет долг кон предците и најважниот дар за нашите потомци.
Малкумина се денес оние кои потполно ја разбираат вредноста на овиезачувани нишки од минатото, но сепак, слава на Бога, сѐ уште ги има и со големо родољубие и ентузијазам целосно се посветени на таа благородна мисија да се запази во изворна форма нашето книжевно минато. Имено во Лабораторијата за конзервација и реставрација на библиотечни материјали при НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје, работи една мала екипа, која целата своја љубов кон татковината ја вложила во својот пожртвуван труд за потполна реставрација и заштита на старите литерарни споменици. Овие млади ентузијасти, директорот г. Миле Бошески, конзерваторот, а воедно и раководителот на Лабораторијата г-ѓа Зорица Јаковлеска Спировска и конзерваторот техничар г-ѓа Ирена Наумовска, се заслужни за реставрацијата на многу вредни книги, меѓу кои се и најстарите четвороевангелија во Македонија и други црковни творенија. Дознавајќи за Бигорската книгохранителница во која се чуваат оригинални примероци од многу значајни наши дејци, како Кирил Пејчинович, со поучната творба „Огледало“, издадена во Виена во 1816 г.; потоа Григор Прличев со својата поема „Ο ΑΡΜΑΤΟΛΟΣ“ (Сердарот), издадена во Атина во 1860 г.; а секако треба да се спомне и реткиот примерок на црковнословенскиот месецослов, кој потекнува од времето на руската царица Екатерина Велика, 1793 г., потоа едното од првите изданија на Светото Писмо на народен јазик од 1874 г, како и ракописот со невми на зографскиот јеромонах Сергиј од 1906 г., тие великодушно се понудија да направат реставрација на овие книги, не барајќи за тоа никаква материјална надокнада и принесувајќи го својот труд како дар за Бога. Навистина восхитува благородноста на овие луѓе кои посветија толку големо внимание и труд за најпосле овие примероци повторно да заблескаат со својата убавина. Ова нивно богоугодно дело ни причини голема радост, но исто така нѐ потсети дека треба да се погрижиме и останатите стари и оштетени книги да бидат возобновени. Но за да го сториме тоа потребни се значителни финансиски средства. Затоа оваа обврска ни дава можност сите да го стекнеме благословот на нашите праведни и богољубиви предци, како достојни синови на оваа наша убава татковина и благочестиви чувари на нашето духовно наследство. Сите љубители на книгата и пишаниот збор кои сакаат финансиски да помогнат, можат да се вбројат во редот на возобновителите и добротворите на славната Бигорска книгохранителница, станувајќи дарители за реставрација на останатите стари книги.