РОЖДЕСТВО ХРИСТОВО

Што да ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјата?
Секое Твое создание Ти принесува благодарење:
Ангелите – песна;
небесата – ѕвезда;
мудреците – дарови;
пастирите – чудење;
земјата – пештера;
пустината – јасли,
а ние – Мајката Дева.
Боже, Кој постоиш пред вековите, помилуј нè

Стихира од „Господи Возвах“

Настапи празникот над сите празници и се исполни со радост вселената! Се тргна ѕидот кој го раздвојуваше небото и земјата, исчезна оружјето што го попречуваше патот кон Дрвото на Животот! Кај човекот кој згреши доаѓа неговиот Творец, призивајќи го во Своите прегратки. Духот Свет преку апостолите повикува: „Во името на Христос – помирете се со Бога!“ Не вие кои згрешивте Му приоѓате на Бога, туку Синот Божји, пред Кого згрешивте, доаѓа кај вас да ви дарува прошка.

Дојдете сите христоносни луѓе, да го видиме чудото, Божјото снисходење кое секој ум го ужаснува:
Оној Кој во вечноста седи во слава на Престолот божествен, и во раце го држи жезолот на правдата, жезолот на Царството Свое, се смири Себеси до изглед на слуга.
Словото Кое беше во почетокот – Синот Божји, Создателот на сета твар, стана тело.
Бог на Кого ни ангелските чинови не смеат да погледаат, се јави во видливо обличје и се насели меѓу луѓето. Веселете се праведници, радувајте се небеса, заиграјте гори!
Однапред радувајќи се на Раѓањето на Богомладенецот, браќата и сестрите од нашите два манастира и бројните духовни чеда ги започнаа подготовките за овој голем настан уште од самиот почеток на Божикниот пост. Благодатните богослужби, богопросветлените поуки од нашиот Старец Партениј, големата љубов и грижа за достојно украсување на храмот, припремајќи го како Вителеемска пештера за најсветата ноќ, кошниците и Божикните пакетчиња за децата, сето тоа како да го внесе Божикниот дух во нашите обители, будејќи во секого од нас ревност што повеќе да си го очисти срцето низ посниот подвиг, за да може во него да Го смести Оној Чиј престол се небесата.

А премилостивиот наш Господ, Кој ги љуби смирените по срце, не доцни, туку ги посетува со благодат така очистените срца и го вселува во нив Својот мир. Тоа го почувствувавме уште на бадниковата Свечена Василиева Литургија, која нè исполни со неискажлив мир и тивка благодат, подготвувајќи нè така за блескавата рождественска радост. Собрани подоцна во манастирската библиотека, налик на апостолската дружина, со коледарски песни – каланди, се потсетивме на древниот христијански обичај, со кој низ вековите верниот народ го славел доаѓањето на Бога во тело. Секако, најисполнети со радост беа чистите срца на најмладите, кои од рацете на старецот си добија прекрасни божикни пакетчиња.

Таа ноќ, ноќта на Христовото Раѓање, украсена со белината на снегот, со чудесна светлина која извираше од небото, беше навистина предвесник на прекрасниот настан што требаше да се случи – од утробата на Дева, како од облак, да заблеска по плот незалезното Сонце и Ѕвездата Јаковова, за да просвети со благодат сè што е под Сонцето.

Восхитени од празничното руво на храмот и молитвено внесени во недогледната длабочина на небесните стихири, сложени од божествените отци на Црквата Христова, монашкото братство и сестринство, заедно со бројните присутни верници, ги вознесуваа своите мисли кон созерцавање на неискажливата Божја Тајна, недостижна и за ангелите, која Бог ја устроил за наше спасение. Секој на свој начин од своето срце Му принесуваше на Христа дарови, наместо злато, ливан и смирна, положувајќи ги пред Него своите добродетели. А на возвишено богомислие дополнително нè поттикнаа и топлите зборови од Божикното послание на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ – ОА. И додека сите со трепет ги упатуваа своите молитви кон Божествениот Младенец, преслаткиот Христос неусетно, на таинствен начин се вселуваше во нивните срца, озарувајќи ги со Својата благодат. А најпосле, на Светата Рождествена Литургија дарежливо ги нахрани и со Своето свето Тело и чесна Крв.

Му благодариме на Милостивиот Бог, Кој и покрај нашата грешност и недостојност, и овој пат штедро ја излеа Својата нетварна благодат, исполнувајќи ги нашите срца со небесната радост. Им благодариме, исто така, и на сите добротворци, кои милосрдно помогнаа оваа чудесна ноќ достоинствено да се прослави и покрај слабата финасиска положба на Манастирот и чиишто имиња нема да бидат заборавени од Божјата правда.

Колку е недостижна и непоимлива Божјата љубов! Оној Кој заради нас се овоплоти, раѓајќи се оваа ноќ, одново нè потсети на смислата на нашето постоење – повторното враќање во небесната татковина, во прегратките на нашиот Отец, од каде бевме изгонети заради нашите гревови, но Божественото Дете повторно ни го отвори патот. Затоа, трогнати од величието на Христовото снисхождение кон човечкиот род, да Му оддадеме на Бога достојна чест и награда! А единствената награда за Него е нашето спасение, грижата за добродетели и жртви за нашите браќа. Ништо друго не може да биде празник и сведоштво за оној кој верува во Христа и оној кој Го љуби Бога, освен грижата за нашите ближни и грижата за нивно спасение – зашто Христос не дојде да угоди на Себеси, туку да послужи на мнозина.

 
ХРИСТОС СЕ РОДИ!