Основи на Православната вера – VIII дел

Црковните канони претставуваат многу важен извор на Христијанската вера и учење. Зборот канон значи правило, норма или мерка на расудување. Каноните претставуваат своевидни обрасци или начела на христијанското учење и практика и затоа е неопходно да се има увид во канонските основи на животот на Црквата. Големо значење имаат Апостолските правила, Правилата на Вселенските Собори, Правилата на 10 – те Помесни Собори и Правилата на 13 – те Свети Отци. На овие правила се додаваат и дополнителните правила, односно канонските списи на Св. Јован Посник, Св. Никифор Исповедник, Св. Николај Граматик, Св. Василиј Велики, Св. Јован Златоуст и Св. Атанасиј Велики. Сите споменати правила го сочинуваат црковниот закон, кој е обврзувачки за сите членови на Црквата.

Светите канони, заедно со догматските одлуки се донесувани во Црквата со цел запазување на вистинската вера и унапредување на животот на нејзините членови. Според својата содржина и намена тие не се мртво слово на законот, туку благодатни упатства, правила на новиот живот во Црквата, или закон на духот на животот во Христа (Рим. 8, 2). Тоа е закон на новиот живот во Христа во кој, според зборовите на Ап. Јаков, милоста слави победа над судот (Јаков, 2, 13).

 

Догматски и етички канони

Каноните можат да бидат со догматски и етички карактер. Догматските канони, или каноните на верата го изложуваат учењето на Православната Црква и се однесуваат на одредени членови на Символот на верата (на пр. зборуваат за Света Троица, за Личноста на Господ Христос, за односот на Личноста на Словото со двете природи и др). Догматските канони се најважни и никогаш не подлежат на измени.

Каноните со етички карактер ги регулираат моралните прашања и устројството на црковниот живот. Меѓу нив постојат такви кои не можат да се менуваат, како на пример канонот со којшто се забранува плаќање за причестувањето од страна на верниците, но и такви кои се менувале низ историјата, на пример: канонот дека епископот мора да биде неоженет, иако претходно епископите можеле да бидат и оженети.

Заедничка одлика на сите канони, без разлика дали се со догматски и етички карактер, е тоа што тие својата значајност и потврда ја имаат во Светата Евхаристија како централна Тајна на животот на Црквата. Секакво нарушување на канонот од страна на свештениците и лаиците, повлекува со себе забрана на правото на учество во Евхаристијата. Најтежок вид на казна за некој кој ќе ги прекрши каноните на Црквата, е одвојување од Светото Причестување, било привремено или трајно.

(Продолжува…)