Што е православна цивилизација? Дали е тоа цивилизација во онаа смисла во која се подразбира Западната цивилизација? Не, Православието не е цивилизација, и покрај тоа што Тојнби употребува термин „православна цивилизација“. Секако дека во Православието постојат претпоставки за создавање цивилизација, меѓутоа Православието не е цивилизација. Зошто? Затоа што Православието е наука, и тоа медицинска наука, според денешните критериуми. Но не е цивилизација. Православието не е ни политички или социјален систем, затоа што неговата грижа е спасението на човекот. Всушност Православието се темели врз овие две вистини: „Логосот стана тело“ (Јован 1, 14) и „Во адот нема покајание“. Православието не е ниту религија, како што постојат други религии. Тука постои еден единствен феномен, кој го нема во другите религии и тоа е она што го одвојува Православието од нив. Тоа се: антрополошкиот и терапевтскиот феномен. Православието е всушност терапевтски метод кој ја исцелува човековата личност.
Вистинскиот лекар се грижи за исцелувањето на сите болни, без исклучок. Не прави селекција меѓу оние кои бараат исцеление. Не го интересира нивниот социјален статус, образовно ниво или морално однесување. Вистинскиот лекар гледа само тоа дали човекот што му доаѓа е болен или не. Доколку е болен, тогаш тој води грижа и се обидува да го исцели од болеста. Должен е да го исцели. Во православното предание имаме и нешто многу повеќе од ова.
Бог ги љуби не само светителите, туку сите луѓе, без исклучок. Ги љуби сите грешници, па дури и самиот ѓавол. Бог сака сите да ги спаси, односно исцели. Сака, но не може да ги исцели сите, бидејќи не сите сакаат да се исцелат. Опитот на обожените луѓе, односно на оние кои достигнале до боговидение го потврдува фактот дека Бог е љубов и дека сака да ги исцели сите луѓе и сите подеднакво ги љуби.
Меѓутоа Бог не може да ги исцели сите, бидејќи не врши насилство врз човековата волја. Бог го почитува и го љуби човекот, но не може да го исцели на сила. Ги исцелува само оние кои сакаат да се исцелат и кои го бараат тоа од Него. Обично, кога некој има телесна или душевна болест, тој своеволно, а не принудно оди на лекар за да се излечи. Така е и во православниот терапевтски метод. Треба човек самиот, без принуда и притисок, слободно да пристапи кон Црквата, кај оние кои имаат просветление и опит и кои го поседуваат терапевтскиот метод на православното предание. На тие луѓе треба да им биде послушен за да најде исцеление.
Општествена цел на православието
Човекот живее во општество и треба да дејствува како здрава единка. Исцелението на умствената енергија на човековата душа, извршено до крај, автоматски создава душевно здрав човек, кој е подготвен општествено да делува во сите сегменти. Оној кој е исцелен, тој автоматски, преќутно, бива хиротонисан за лекар за другите неисцелени. Медицинската наука која се нарекува Православие се разликува од другите науки по тоа што исцелениот автоматски станува терапевт. Примената на терапевтскиот метод врз себеси станува средство за исцеление на другите. Затоа не може да се замисли човек кој е исцелен, а да нема духовни деца, односно други луѓе во духовна зависност од него, кои тој ги советува и раководи кон исцелението.
Во древната Црква немало официјален или конкретен терапевт, секој христијанин бил терапевт. Тоа било мисијата на древната Црква. Но таа мисија не е исто што и мисијата на денешната Црква, која што многу често се состои во рекламирање на нашите убави догми или на нашето богослужбено предание, како да се тоа производи за продажба… на пр. велиме: „Погледнете, ние ги имаме најубавите догми, најубавото богослужење, најубавото пеење, најубавите одежди и слично, и се обидуваме да ги восхитиме луѓето со нашите жезли, нашите мантии, нашите камилавки за да вршиме мисија“. Секако, мисијата која се врши на овој начин има одредена смисла и извесен успех, но тоа не е автентичната мисија, каква што била онаа на древната Црква.
Денешнава мисија се состои главно во следново: просветлуваме луѓе кои се суеверни, и ги правиме православни христијани, без да се обидуваме да ги исцелиме. Меѓутоа, на тој начин ние само им ја заменуваме претходната догма со нова догма, односно правиме размена на едно суеверие со друго. А тоа е така затоа што кога Православието се пласира на ваков начин, тогаш во што се разликува тоа од суеверието? Кога Православието се пласира како христијанство кое не исцелува, и покрај тоа што негово главно дело е терапијата, тогаш во што тоа се разликува од суеверието?
Постојат христијани на Запад кои имаат догми, прифаќаат одредени Собори. Значи тоа се еретици во чиишто догми, надворешно гледано, не постои толку голема разлика од православните догми. Не постои огромна разлика, како онаа помеѓу христијаните и идолопоклониците. Според тоа, доколку православните догми надворешно немаат голема разлика со догмите на инославните христијани, и ако православното догматско учење, како што се изучува денес кај нас, не е поврзано со терапевтскиот метод на православното предание, тогаш во што тоа се разликува од преданието на инославните? И зошто некој неправославен би поверувал во Православието, а не во некоја друга христијанска догма, кога и двете на начинот на кој се пласираат не се нудат како методи, односно патишта кон исцеление, туку како суеверие?…
Ако православните не се занимаваат со суштинскиот терапевтски метод на очистување на душата од страстите, тогаш во што тие се разликуваат од неправославните? Во догмата? А што да прават со православната догма, кога не ја употребуваат за исцеление на својата душа. На таков начин догмата не им служи за ништо.
Поимот на догмата
Отците на Црквата нагласуваа дека за спасението не е доволна догмата сама по себе. Значи догмата не е она што го спасува човекот. Таа само му го отвора патот на човекот за да стигне до очистување и просветлување. Меѓутоа, без православната догма никој не би можел да стигне до тоа. Без правилна догматска свест, без православната пракса и без православниот литургиски живот, никој не може да стигне до очистување и просветлување. Догмата и литургискиот живот не се средства за достигнување на очистување на душата и просветление, меѓутоа, тие се неопходни претпоставки, неопходни темели за човек да го достигне очистувањето и просветлението. Значи, догмата не е автоматско средство кое само по себе може да нѐ доведе до овие состојби.
Што е состојбата на помирување со Бога
Да ги погледнеме црковните богослужби. Крштението се поистоветува со очистувањето. На самото Крштение му претходи егзорцизмот, односно ослободувањето на човекот од влијанието и правата што врз него ги имале лукавите духови. При Крштението, со трикратното потопување во водата се дава отпуштање на гревовите и се уништуваат енергиите на ѓаволот во човекот. Потоа следи Миропомазанието, кое е состојба на просветлување на човекот со Божјата благодат, односно од енергијата на Светиот Дух.
Во времето на древните христијани, таканаречените новопросветлени, или неофити, откако ќе се крстеле на Велика Сабота и со Миропомазанието го дополнувале првобитното просветление, започнувале пат кон комплетно просветление што временски требало да се совпадни со денот на Педесетница. Значи педесет дена од нивното крштение.
Но во што се состои комплетното просветлување на човекот? Тоа е посета на Светиот Дух во умот, односно во срцето на човекот. Значи, како што на Педесетница станало комплетно просветлување на апостолите со слегувањето на Светиот Дух, така Црквата би сакала ова истото да се случува и во духовниот пат на секој нејзин верник. Целиот процес на катехизација во древната црква завршувал со лична Педесетница, односно посета на Светиот Дух Кој доаѓа и живее во срцето на човекот. Се разбира, ова комплетно просветлување не се случувало кај сите во толку краток временски период, бидејќи не сите ги имале истите предиспозиции.
На денот Педесетница апостолите не само што стекнале комплетно просветлување, туку достигнале и до обожение. Според тоа, штом Педесетница е прототипот на духовното усовршување на човекот, тогаш, значи, целта на секој христијанин е да стигне до обожението, односно да Го види Бога во слава. Ова се случува со сите светии на Црквата. Затоа по празникот Педесетница веднаш се слави празникот на сите Светии, кога го празнуваме споменот на сите обожени светии на Црквата, кои сме повикани да ги подражаваме. Ова е суштината на катихетската структура на Црквата.