Љубовта кон Бога се пројавува во љубовта кон ближните: тоа се двете страни на единствената христијанска љубов. „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован, 13, 35)“. Таа љубов, пред сè, се изразува во взаемните односи на христијаните. Верниците во Христа се браќа едни со други, и потребно е меѓусебно да бидат поврзани со братољубие. Секој кој верува дека Исус е Христос, е роден од Бога – вели Апостолот – и секој, кој Го љуби Оној Кој Родил, Го љуби и Оној, родениот од Него… (1. Јован, 5, 1). Христијанството е големо братство во Христа, и затоа не може да постои осаменички, изолиран христијански пат. Христијанството е Црква, т. е. католичко (соборно) единство и заедница, а пред сè единство на Духот преку врските на мирот (Ефес. 4, 3). И во тоа „заедничарско“ или „католичко“ (соборно) устројство на христијанскиот живот, се согледува сеопфатната љубов Божја. Целиот христијански живот мора да биде „заедничарски живот“, живот во заедничарење…
Ранохристијанската заедница и ранохристијанското заедничарење овде се јавуваат како идеален образец за сè. „Господ од нас го бара и го сака токму општежитието (киновијата), на кое и нè повика“ – вели св. Теодор Студит. Господ тоа ни го покажува со примерот на Своите дванаесетмина ученици, кои образуваа своевидно братство. Самиот Спасител, „на земјата избра не пустински, ниту столпнички, ниту каков и да е сличен живот, туку законот и правилото на послушноста“, и дојде за да им служи на луѓето (Матеј, 20, 28). А Јас Сум меѓу вас како слуга (Лука, 22, 25). Само со животот во заедница можно е да се исполни заповедта на љубовта. А таа не му е дадена само на еден човек, туку на многумина и на сите… Бидете братољубиви едни кон други, со срдечност (Рим. 12, 10). Оваа апостолска заповед ја спомнува и св. Василиј Велики и објаснува дека под таа „срдечност“ треба да се разбере повисок степен на пријателство, кој достигнува до огнено настроение и љубов кон другиот… Таков е и законот во внатрешниот христијански живот… И тоа не е некоја симпатија, ниту било каква природна или органска склоност, туку токму – подвиг. Зашто, пред сè, таквата љубов бара самоодрекување и заборавање на себеси: да се сака ближниот како самиот себеси, означува не само него да го поистоветуваме со себеси, да го правиме еднаков на себе, туку токму тоа да се видиме себеси во другиот, во другите, а не во самите себе. Во тоа е и смислата на пријателството: пријателот е другото Јас и тоа, она Јас кое има предност. Според светоотечкото објаснување, токму во Христијанството законот на пријателството ја достигнува својата полнота… „Саканата личност за оној кој ја сака е токму тој самиот“ – вели св. Јован Златоуст. Уште поточно – повеќе отколку тој самиот! Христијанската љубов во ближниот гледа – брат, создаден по „образот Божји“, во „секого од овие најмали браќа“ Го гледа Самиот Христос! Во тоа е и вистинската мистика „љубовта кон ближниот“.
И тоа братство во Христа не се ограничува само на единството во верата, на единството на кршталното братосоздавање: за христијанинот ближниот е не само Израилец, туку и Самарјанин. Ближниот во Христа е секој, заради кого Спасителот дојде, заради кого Он пострада и умре, за кого Он се молеше, а Он, предавајќи Го Својот дух на Крстот, се молеше за оние кои Го распнаа, како за оние кои не знаат што прават… Љубовта кон ближниот ја достигнува Христовата мера, тогаш кога созрева до степен на љубов кон непријателите, и кон оние што нè мразат и навредуваат (Матеј, 5, 44). Зашто да ги сакаме оние кои и нас нè сакаат, не е некое особено дело, така постапуваат и грешниците и митниците (Лука, 6, 32 – 33; Матеј, 5, 46 – 47). Со други зборови, христијанската љубов мора да биде некористољубива, и со ништо предизвикана, таа не смее за себе да бара „причини“ и „заснованост“. Христијанинот треба да го сака својот ближен, зашто самиот тој не може да се однесува кон ближниот на друг начин. т. е. самиот тој треба да постане љубов и љубовта од него да се излева како од извор што врие… во тоа е и мерата на богоподобната љубов. Отецот небесен, подеднакво добро им прави и на праведните и на неправедните, и на добрите и на злите, зашто Он е добар и е Добро, и секое Божјо дејство е добродејствено и благодатно. Грешникот самиот е заслужен за тоа што љубовта Божја го гори во вид на гнев… Ете зошто оној што вели дека Го сака Бога, а го мрази братот свој – лаже. Тој не Го познал, не Го знае Бога, зашто Бог е љубов. Бог не чека ние Него први да Го засакаме: во тоа е љубовта, не затоа што ние Го засакавме, туку затоа што Он нè засака (1. Јован, 4, 8 – 10; 19 – 20). Во таа љубов кон ближниот, која се издигнува до богоподобност, се случува очистување и осветување на срцето. Во таквата љубов провева Светиот Дух. И таквата љубов ние ја почитуваме кај праведниците и угодниците Божји, кои се „распламтени од љубовта на Духот“, според зборовите на Преп. Макариј Египетски.
Таа љубов се пројавува, пред сè, во молитвата, во молитвеното спомнување на сите, во горењето на срцето кое страда поради туѓите гревови, како на пр. поради отуѓување на браќата од љубовта Божја, како и во горењето на срцето кое се стреми да го придобие братот свој (Матеј, 18, 15), зашто, не е волја на вашиот Отец Небесен да загине ниедно од овие, мали (Матеј, 18, 14). Молитвата е првото дело на љубовта, но не и единственото. Љубовта се излева во милосрдноста. И Господ повикува на дела на милосрдие и љубов. Во делата на милосрдноста, човечкото подвижништво одново се издигнува до богоподобие. Зашто Бог е милосрден, и оној кој стекнал милосрдие, и самиот станува причесник на Божественото милосрдие. Затоа Отците во милосрдноста виделе голем подвиг и чест. Св. Јован Златоуст нагласувал дека Господ, во Својата беседа за Страшниот Суд, блажени ги нарекува токму милостивите: „И гледај, она што е зачудувачко е тоа што Он не говори за никаква доблест, освен за дејството на милостивоста… зашто сите доблести се помали од милостивоста“. Затоа и може да се зборува за христијанската мистика на милосрдието. Тоа не е случаен одзив ниту добрина на срцето. Христијанското милосрдие мора да Го препознае Самиот Христос во неволниците и страдалниците. Евангелските зборови, зборовите на Самиот Господ сосема јасно кажуваат: Зашто гладев бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев, и Ме напоивте; странец бев, и Ме примивте… доколку сте го направиле ова на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле (Матеј, 25, 35 – 40).
Древните Отци, овие Господови зборови ги објаснувале токму во оваа смисла. „Христос не се ограничил само на смртта и на Крстот – вели св. Јован Златоуст – туку благоволи да постане ништожен, туѓинец, без покрив над главата, Оној Кој трпи голотија, затворање, болки: сè за да те привлече кон Себе… ако не Ми возвратиш за тоа што страдав за тебе, вели Господ, тогаш барем сожали се на Мене, заради ништожноста Моја… Смилувај се на самата природа, гледајќи Ме оголен, и сети се на онаа голотија која заради тебе на Крстот ја поднесував. А, ако не сакаш да се сетиш на таа голотија, сети се на голотијата која ја поднесувам во ликот на ништожните. И иако те избавив од најтешките неволји, Мене ми е доволно и само тоа да посакаш да Ме видиш врзан…“ Тоа значи дека Самиот Христос се жалости заради секоја човечка неволја, дека ја прима на Себе: да се препознае Христос во ближниот, значи да се стане причесник на Неговата спасоносна и милосрдна љубов. Тоа значи – да се влезе во духот и умот на Неговото спасително дело. Кај светиите ние го почитуваме нивното големо милосрдие, ние нив ги почитуваме како милосрдни… Во милосрдието провејува дух кој дарува осветување.
Имајте љубов (1. Кор. 14, 1), а љубовта се открива во делата. Христијанинот мора да биде максималист во своите надежи, зашто мора да живее во Христа, да биде член Христов. Таа надеж тој мора да ја оправда со делата на својот живот, за да ја прими и усвои благодатта која му е дадена и навистина да се сообрази со Воплотениот Христос (Рим. 8, 29). Тоа е единствената цел и единствената смисла на животот.
Бог го создал човекот како живеалиште на Својата света слава, за човекот да Го пројавува Бога во своите дела и во самиот себе. Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела, и да Го прослават вашиот Отец небесен (Матеј, 5, 16). Секој има свој пат, но сите патишта водат кон една цел, кон животот во Бога. Заради тоа Бог посака да го создаде човекот.
Нека биде Твојата волја!