За Светата Тајна Покајание

„И да биде проповедано во Негово име покајание и проштевање на гревовите кај сите народи, почнувајќи од Ерусалим, а вие сте сведоци за ова“ (Лк. 24, 47-48), и повеќе од сведоци зашто Господ им ја дава на апостолите власта да проштеваат:

„Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат“ (Јн. 20, 22-23).

Св. Кипријан Картагински ја објаснува добро црковната практика на исповедање: „Секој да ги исповеда своите гревови, додека оној што згрешил е сѐ уште во овој свет, додека исповедта може да му биде примена, додека помилувањето и проштевањето на гревовите, давано од свештеникот, е угодно на Бога“.
Имено свештеникот – духовник е „распоредник“ на покајанието, тој ги ислушува исповедите на грешниците и дава простување. Тој е задолжен со извршувањето на исповедта и домостроителството на покајанието.
Институцијата, пак, на старците, коишто се во многу поголема степен духовни отци, отколку „директори на совеста“, го покажува православниот народ како оној кој постојано ја бара не формалната хиерархиска инстанција, туку живата пројава на харизмите, авторитетот, којшто произлегува не од функциите, туку непосредно од Бога, во којшто се пројавува Светиот Дух. Духовен отец е пред сѐ оној, којшто и самиот е роден од Светиот Дух. Името „пророк“ обично се додава кон имињата на великите духовни учители, коишто ја имаат благодатната дарба на „огнената молитва“, славословитето во срцето и расудувањето – распознавање на духовите и помислите. Заедно со тие дарови тие, подобно на мудри лекари, настојчиво ги насочуваат човечките способности кон добри цели. Некои учители се занимаваат со опитна психологија, дури со психоанализа. Модерните психијатри наоѓаат зачудувачки богат научен материјал во трудовите на големите христијански учители: св. Макариј Велики, св. Јован Лествичник, св. Григориј Назијански, св. Максим Исповедник и многу други. Овие богопросветлени автори знаат многу подобро за постоењето на потсвеста и за целата опасност од исфрлувањето на виделина на потсвесните несакани појави. Многу страсти се кријат во душата, но ни се измолкнуваат од вниманието. Искушенито ги вади најаве. Тие строго ги разграничуваат психичките зони и никогаш не ги мешаат физичките, психичките, характерните или бесовските поттикнувачи. Забележително им е учењето за психогенезата: поминувајќи преку целиот спектар на „сугестии“, злото стигнува до страшната страст: себељубието. „И така, пишува христијанскиот мислител Касијан, тајната мисла го разрушува срцето. Оној којшто крие нешто во себеси, станува болен. Очевидниот белег за тоа дека дадената мисла произлегува од демонот, е тоа дека се црвенееме кога ја разоткриваме на нашиот старец“. Ава Доротеј, пак, нѐ поучува дека „разоткривањето на душата не им дава на комплексите да се формираат и ги разобличува“, ја исцелува болната грижа на совеста. Духовниот отец го предава Светиот Дух на своите ученици, како некогаш светиот пророк Илија на Елисеј. „Тој е, вели св. Григориј Назијански, пазител на Божјото човекољубие“. Често се случувало прости монаси да бидат старци и „духовни отци“ на епископите. Монаштвото по својата суштина е состојба на покајание; бидejќи се мајстори на тоа искуство, монасите можат да им помагаат на другите, нагласува св. Симеон Нов Богослов.
Исповедта на грчки се нарекува ἐξομολόγησις (ексомоло́гисис), признавање на вина, после кое доаѓа опростувањето. За св. Климент Александриски исповедникот е како „ангел Божји“ или „ангел на покајанието“, способен да проникне во душата на грешникот и да ја отклучи. Тој е пред сѐ лекар, кој ги лекува болните, „лекар Божји“. „Бидејќи си дошол во болница, да не си одиш неизлекуван“, гласи молитвата пред исповед. Светата православна црква им заповеда на оние што ја примиле од Бога власта да врзуваат и да разврзуваат, внимателно да го разгледаат качеството на гревот и готовноста на грешникот да се покае и така да го определат лекот, што одговара на болеста. Св. Анастасиј Синаит им препорачува на верните да се исповедаат „на Бога преку свештениците“ и во исто време „да најдат човек духовен, опитен, способен да нѐ излекува, за да му се исповедаме како на Бог, а не како на човек“.
Двеилјадитиот опит на Црквата го докажува спасителното значење на исповедта. Затоа што вината пушта корени во душата и го труе внатрешниот свет. Тоа изискува хируршка операција, со којашто треба да се исечат корените и да се извади прегрешението најаве, а за тоа е неопходен сведок, којшто треба да ислуша, за да ја скрши самотијата и така да го доведе човекот во согалсие со Телото. Во V в. историчарот Созомен возгласува: „За да измолиш прошка, апсолутно неопходно е да си ги исповедаш гревовите“. Исповеданата вина е симната од душата, но како да ја направиме несуштествена? Работата е во тоа што нечистата совест не е само грижа за сторениот грев, туку и тага по изгубената невиност. Човекот бара прошка, но во самата длабочина тој се надева злото да биде уништено, и имено тоа толку посакувано бришење на гревот го бара простувањето преку светата Тајна Исповед. Изваденото најаве, дури и раскажано и на тој начин објективирано прегрешение, може сѐ уште да заплашува одвнатре. Само простувањето преку светата Тајна Исповед го уништува неповратно и донесува полно излекување. Психијатрите верници го познаваат тоа дејство на таинството, што води до полно ослободување, и често ги испраќаат своите болни да го го довршат лекувањето во црковната „болница“ на благодатта. Да станеш одново слободен означува да можеш да го исползуваш минатото, за да ја твориш иднината, да си способен да преодолеваш на минатото како автоматска причина за иднината. Да си способен да се избавиш од тие причини означува да станеш господар на својот живот, да ги обликуваш слободно своите ситуации, господарејќи над нив.
Актот на простувањето нѐ поставува во самиот центар на односите помеѓу Бога – Светиот и човекот – грешниот, и треба да ја осознаеме бесмртната важност на тој акт. Во него не се вовлекува Божјата семоќност, способна да избрише нешто и да го направи несуштествено; но станува збор за нешто многу повеќе, станува збор за Агнецот, заклан од создавањето на светот, станува збор за Христа, Кој, по зборовите на св. ап. Павле, „заедно со Него ве оживи, простувајќи ви ги гревовите; извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот“ (Кол. 2, 13-14). Создавањето на светот се корени во актот на заколувањето и власта за простување која призлегува од цената на крвта, пролеана од распнатиот Агнец. Имено поради тоа што Христос ги зеде гревовите на светот и одоговори на Татковата љубов со неизречена љубов кон нашиот свет, Тој ја поседува „моралната“ власт да ги брише гревовите од сеќавањето и да простува, да нѐ прави чеда на Отецот. Господовата молитва го поставува како услов за прошка „подражавањето“ од наша страна, во коешто сме повикани да слеземе во адот на сеопштата виновност, каде што се сите виновни – нешто, коешто секој верник го исповеда пред Причест: „од коишто (грешници) првиот сум јас“.
Црковното искуство ја посочува седумгодишната возраст како време за прва исповед. Молитвата на таинството измолува простување за сите прегрешенија „волни и неволни, со збор или со дело, со знаење или без знаење, дневни и ноќни, со ум и со помисла“. Тука е сѐ опфатено од еден и ист срдечен акт без секаква анализа и класификација – та нели е ожалостен Бог и Неговото милосрдие? Православниот христијанин кој се кае не би можел да си го поставува прашањето дали е во благодатта или не. Тој оди како бедник, молејќи за спасение. Дури после исповедта, во моментот на причестувањето, тој исповеда дека „е првиот од грешниците“, и на возгласот од свештеникот „Светињата е за светите!“ може само да одговори: „Еден е свет, само единиот Господ!“.
По исповедта и епитимијата (извежбување во покајанието), оставена на проценка на исповедникот, ако таква се бара во дадениот случај, исповедникот ја произнесува отпустителната молитва. Епитимијата, поправањето не е казна. Правниот момент на „сатисфакција“ отсуствува сосема. Тоа е лекарство и духовниот отец ја бара органската врска помеѓу болниот и начинот за негово лекување. Целта е покајникот да се постави во состојба, во којашто гревот нема повеќе да го влечи кон себе. Св. Јован Златоуст вели: „Времето нема значење. Ние не прашуваме дали се сменувала често преврската врз раната, туку дали имало полза од неа. Моментот кога таа може да се тргне, се определува од состојбата на раните“.
Следствено, станува збор не за искупување на реалните факти, туку за пресушување на нивниот извор. „Отвори ми ги дверите на покајанието. (…) Дај ми, Господи, солзи, за да ја измијам нечистотијата на моето срце“. Самата состојба на покајание, самите негови солзи се дар – ете зошто причестувањето завршува со утеха и радост.
Свештеникот – духовник е само сведок на присуството Христово. Тој е, така да се каже, скриен под таинствата, власта му е само да препредава; единствено Бог е Творец на таинствата. Светата Тајна Исповед го враќа, повторно го соединува грешникот со Црквата. Само покажувајќи се одново во лоното на светата православна Црква, човек може да се прочисти преку исповедањето на својата душа и да добие излекување, зашто секој грев го става човека надвор од Телото Христово, Кое е Црквата. Покајанието се разгледува како дело, коешто го продолжува дејството на крстителните води. Тоа е „трепет на душата пред портите на рајот“.