На многаја лета, наш возљубен духовен татко во Христа

Благодарствени писма и честитки од духовните чеда на Архимандрит Партениј, по повод неговиот именден


Благодарствено писмо од духовните чеда од Охрид

Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар што ѕвони или кимвал што ѕвечи. Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни и да го имам сето знаење и таква силна вера што и планини да преместувам, ако љубов немам ништо не сум.

И да го разделам целиот свој имот и да го предадам телото да ми изгори, штом љубов немам, ништо не ми користи.

Љубовта е долготрпелива, полна со добрини.

Љубовта не завидува, не се превознесува, не се гордее, не се срди, на неправда не се радува, а на вистината се радува, сѐ простува, во сѐ се надева, сѐ претрпува. Љубовта никогаш не престанува.

Нашиот духовен татко, Архимандрит Партениј, ја врежал оваа Химна на љубовта во своето срце, како што со Божјиот прст биле врежани Десетте Божи заповеди на камените плочи.

Оваа медоточна љубов, која извира од Господ Исус Христос, изобилно се излева и од срцето на нашиот Старец, преку Светиот Дух, а според сведоштвото на Оној Кој рекол: „Ќе бидам со вас до свршетокот на светот“.

Секој што влегол во Бигорскиот Манастир на Крстителот Господов, ја почувствувал сладоста на таа Христова љубов, која ги надминува тесните манастирски рамки и се шири насекаде по целата земја. Многу се оние што ги озарила неговата мудрост, татковска љубов и топлина, па толку восхитено сведочат за неа, така што и оние кои слушаат, а сѐ уште не го знаат, копнеат да ја почувствуваат.

Добро, има и такви за кои е несфатлива неговата широчина и се противат, но, верувајте, овој Старец и за нив има љубов. Портите на неговото срце се отворени за сите. Во него има само: љубов, љубов, љубов.

Од него вкусивме колку е слатка љубовта. Тој ни покажа колку само нѐ сака Господ Исус Христос. Научивме дека Неговата љубов е како некој непресушен извор, и кој ќе пие од овој извор, никогаш нема да ожедни. Дека треба постојано да растеме во Христовата љубов. Но, колку и да растеме, нашите срца никогаш нема да ја достигнат таа мера, за да возвратат на неизмерната длабочина на љубовта на нашиот Старец. Неговото срце е бунар без дно, преполн со љубов. Љубов во која има место за сите нас, и која нѐ соединува со Бога, правејќи и ние да бидеме дел од Неговото тело.

Ајде сите ние, браќа и сестри, да го следиме уште поревносно и верно примерот на нашиот духовен татко, па да имаме изобилие на меѓусебна љубов и тој извор никогаш да не пресуши!

Ве сакаме, мил наш Старецу и вечно ви име! Амин.


Благодарствено писмо од духовните чеда од Кичево

Народот без Бога е изгубен. Личи на изгубената овца… Христос е Пастир, Тој трага по изгубената овца додека не ја најде, оставајќи ги сите други 99. Затоа е толку голема радоста на Небесата кога ќе се најде и една изгубена душа. Онаму каде има благодат радоста е голема. Онаму каде молитвата трепери, душата се смее, затоа што со Бога разговара. И кичевчани се молат, секој на свој начин, а нивната несебична љубов длабоко допира до срцата на сите, уште повеќе кога се сплотени.

Бог има чудни начини, кога ги сплотува луѓето. За таа Своја цел Тој испраќа луѓе на земјата подобни на ангели. И тие ангели имаат свој пастир. И тој плаче со нив, се радува со нив, работи токму со нив, вредно на нивата Господова, не штедејќи се ни малку. И голема е неговата радост за секоја нова душа што Бога ќе Го спознае. Зашто тоа е неговата цел: што повеќе луѓе да дознаат за Бога, што повеќе луѓе да се спасат, што повеќе луѓе да разбeрат за Светите Таинства на Невестата Христова – Црквата. Оној, кој ги проси постојано нашите молитви, кој непрестајно се моли за сите нас, кој ја потенцира љубовта како главен штит на Христијаните, благослов е за сите нас, од Бога скапоцен подарок, неговата молитва сите нас нѐ сплотува, нѐ држи заедно, силни и цврсти во верата, нѐ насочува правилно во животот; токму со нас низ него чекорејќи.

Како да му се заблагодариме за таа несебична, татковска љубов, кој збор да го кажеме, а доволен да биде?! Што може да му подариме, а тој дар нашите чувства да ги искаже?! Но, едно можеме сигурно. Да го послушаме во зборовите, така најмногу ќе го израдуваме, со нашето послушание неговото срце ќе го охрабриме, уште повеќе пред Бога да се моли за нас. Зашто тој тоа го прави тајно. За тоа него Бог да го награди јавно. Нашата љубов нека биде мал дел од таа награда.

На многаја лета името, отец наш Партениј!

Ве сакаме бескрајно!

Од кичевското Ви стадо.


Благодарствено писмо од духовните чеда од Струга


Наш возуљубен татко во Христа, наша радост и сила!

Во овој светол ден на Вашиот и наш празник, споменот на Светиот Отец наш Партениј Лампсакиски Чудотворец, примете ги нашите срдечни, искрени и најтопли желби и молитви, за Ваше телесно и духовно здравје и благоуспевање, та уште многу години да нѐ водите по патот на Христовата љубов и милост. Зашто, Вие, со Вашиот личен пример, ни покажавте што значи да се љуби со Божествена љубов; ни покажавте како да си простуваме меѓусебно, како што Господ, најголемот Страдалник им прости на Своите распнувачи од Крстот. Така и вие, живеејќи во секојдневно распетие за спасението на сите нас, постојано ни проштавате и нѐ прифаќате онакви какви што сме, за со Вашата татковска љубов да нѐ направите Христови. Ве сакаме бескрајно и со најолема љубов Ви го честитаме Вашиот јубилеен 25-ти именден! На многаја лета!