Тајната над сите црковни тајни

Слово на Старецот, Високопреподобниот Архимандрит Партениј, изговорено на Светиот и Велик Четврток, по читањето на светото Евангелие

 

енес, возљубени, си спомнуваме за еден настан од земниот живот на Спасителот, настан кој не е завршен, туку сѐ уште трае и ќе трае до крајот на човечката историја, надминувајќи ги ограничувањата на просторот и времето. Преку него нам, верните, ни се дава можност да станеме соучесници во спасителното дело на нашиот Господ Исус Христос, да ја продолжиме Неговата служба на земјата, земајќи постојано учество во Неговиот живот, страдање, смрт, Воскресение, вознесение, седењето оддесно на Бога Отецот и Неговото Второ доаѓање. Тој настан, како што знаеме сите, е Тајната Вечера на Христа Спасителот со учениците Негови. На таа Божествена Пасхална Вечера е востановена Тајната над сите црковни тајни, Тајната која е цел на сите други тајни, и преку која сите тие се осветуваат. Таа е, како што вели големиот учител на Црквата, Св. Симеон Нов Богослов, „самата Тајна на Црквата“ – светата Тајна Евхаристија, Причастие, или Благодарност, како што и означува самиот збор евхаристија (грч. εὐχαριστία). Благодарност затоа што Бог, Кој е непоимлив, недостижен, невидлив, заради нас луѓето стана достижен и видлив.

На денешната вечерна богослужба, од паримиите, од тие старозаветни текстови, чувме како Бог во Стариот Завет општел со своите верни чеда. Кога Господ разговарал со Мојсеј, гората Синајска целата беше во дим, зашто Господ беше слегол над неа во оган; и дим се креваше од неа (2. Мојс. 19,18). Целата гора димела поради Божјата непричесна природа. Потоа, и четивото од книгата за Јов зборуваше за неискажливото и несфатливо Божјото величие (Јов, 38,1-23;42,1-5). Притоа, Бог му проговорил на Јова не од некаков видлив облик, туку од бурата. Исто така, и светиот пророк Исаија ни зборуваше за величината Божја, за Неговата надмоќ над непријателите Негови (Иса. 50,4-11). А, ете, пред малку слушнавме од светото Евангелие, како Оној, Кој некогаш го создал човекот со својот збор, Кој го создал и сиот видлив и невидлив свет, Истиот Оној Недостижниот, Неискажливиот, Неиспитливиот и Невидливиот, стана еднаков на нашата природа и ги даде Своите Божествени Тело и Крв како духовна храна за нас, луѓето. Стана Посредник за луѓето пред Бога Отецот, и нѐ направи сопричесници на Троичното Божество. Ги слушнавме сега тие преслатки Христови зборови, кои се кажуваат на секоја Литургија, на секое повторување на Тајната Вечера: Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите (Матеј 26,26-28). Тоа е Телото со кое е обновено човечкото битие; таа е Крвта преку која е препородена човечката природа. Тоа значи дека ние во Христа, преку светата Тајна Евхаристија, добиваме голема сила за победа над гревот, и се препородуваме за новиот, вечен живот, соединувајќи се со вечниот Бог.

Но, слушнавме денес како Апостолот нѐ предупреди за тоа колку е важно пред да се пристапи кон светата Причест, секој човек да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша (1. Кор. 11,28). Во продолжение тој го наведува недостојното причестување како причина за нашите немоќи, болести и умирања. Од друга страна, пак, секој човек кој живее здрав духовен живот, духовно се гледа себеси и ја спознава својата падната природа по Адама, знае дека никогаш не би можел да биде достоен да пристапи кон светите Тело и Крв Христови, затоа што тие се духовен оган кој сѐ согорува. „Како ќе се осмелам, јас недостојниот, да се причестам со Твоите свети Тајни?“ – се вели во молитвите пред светата Причест. Тогаш, кој е условот да станеме вистински сопричесници на Телото и Крвта Господови? За какво испитување на самите себеси говори Апостолот Павле?

Господ Христос им ги мие нозете на учениците Свои

Одговорот на ова прашање денес ни го даде Самиот наш Спасител Христос, Кој иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога, но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга... (Филип. 2,6-7). На Тајната Вечера, Тој ја соблече Својата горна облека, зеде крпа и се препаша… и почна да им ги мие нозете на учениците... (Јован 13,4-5). Ете го клучот кој ни ја отвора вратата кон светата Причест: смирението. Преблагиот Господ се наведна и им ги изми нозете на учениците, поучувајќи ги нив, а преку нив и сите нас на Божествената добродетел смирението, кое од Бога направи човек, еднаков во сѐ со нас, освен во гревот. Со оваа Негова постапка, Христос сите нѐ повика на смирение, на смирено признавање и исповедање на нашите гревови и слабости. Само така ќе можеме достојно да ѝ пристапиме на светата Тајна Евхаристија, без да ни биде таа за осуда. Исто така, Господ денес ни покажа дека тој што е прв по чест во Црквата, треба да им служи на сите, за нивно спасение. Во текот на Својата беседа кон учениците на Тајната Вечера, Спасителот им ја дал новата заповед да се љубат еден со друг, како што Он ги возљубил нив (в. Јован 13,34). Љубовта е таа која нѐ прави Божји пријатели и која нѐ облекува во облеката на Божјото достоинство, за да можеме да јадеме од Дрвото на Животот, кое Христос од човекољубие го засади среде Црквата Своја, а тоа е Неговото животворно Тело и Неговата Божествена Крв.

Нека ни даде Господ сила и мудрост постојано да созерцаваме и да размислуваме за Него и за Неговата несфатлива љубов кон нас; да се приближуваме до Него, Недостижниот, како што Тој се приближи до нас, и стана достижен заради нас, стана човек заради нас. Нека ни даде благодат секогаш да го чувствуваме во срцето Неговото присуство, да се соединуваме достојно со Него и да остане секогаш во нас. Амин!