Беcомачноста на нашето време

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, за Петтата недела по Педесетница, изговорено на Светата Литургија, по читањето на Евангелието


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, од светото евангелско четиво чувме за чудото што Господ Исус Христос го направил со двајцата бесомачни луѓе од Гергесинската земја (Матеј 8,28-9,1). Во Евангелието ни е опишано колку тие демонопседнати биле зли и опасни: беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат. За свое живеалиште ги избрале гробиштата, место на смртта, сеејќи страв кај луѓето, така што сите се плашеле да поминат покрај нив, затоа што биле особено агресивни. Но, Спасителот доброволно отишол при нив и ги исцелил од долгогодишната и тешка мака.


Свети Григориј Палама вели дека Христос Бог го направил ова чудо, за да им покаже на Своите ученици дека Он има власт и над нечистите духови и дека дојде за да го ослободи човечкиот род од демонската тиранија и од светот на темнината. Непосредно пред тоа, Он им покажал на учениците дека и природните стихии се покоруваат на Негова заповед, кога ја стивнал бурата што го зафатила коработ во кој биле тие, среде морето. Тогаш учениците се восхитувале и се прашувале: Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат? (Матеј 8,27) Сега, вели Светителот, „Он, според Своето предзнаење и голема милост, по Сопствена побуда им дошол напомош на оние што така тешко и долго време страдале од демоните“ (Свети Григориј Палама, Омилија 45).

Господ запрашал еден од демоноопседнатите како му е името, на што добил одговор: „Легион“, зашто многу демони беа влегле во него (Лука 8,30). Прашал не затоа што не знаел, туку за учениците  да слушнат дека демонот не е сам, туку станува збор за едно огромно мноштво зли духови. Легион била римска воена формација составена од неколку илјади војници. Замислете колкав духовен размер има во човекот и колку зло може да се собере во само едно човечко битие! Но, ете, доаѓа Исцелителот и Избавителот од мрачните сили, коишто крволочно демнат, за да го погубат човекот што своеволно им се подава. Доаѓа при нас Самиот, за да нѐ спаси и избави. Чувме од Евангелието, дека откако ги истерал демоните од Гергесинците, тие станале сосема нови битија, благоразумни, кротки, Го препознале Христа како Ослободител на човештвото и Му се поклониле. 

Злите, пак, духови, коишто сакаат да владеат над суштествата, побарале од Господа да им дозволи да отидат во свињите. И, чудно, Он навистина им дозволил да влезат во стадото свињи, по што тие се втурнале кон морето и издавиле. Сигурно некој би се запрашал зошто Христос им допуштил на демоните да влезат во свињите. Всушност, свињите им припаѓале на жителите од соседниот град Гадара, иако, според тогашниот закон, тие како Евреи не смееле да чуваат свињи и да јадат свинско месо, бидејќи во тоа време свињата спаѓала меѓу нечистите животни. Но, жителите на градот Гадара очигледно биле многу среброљубиви и заработувале на нечист начин, одгледувајќи свињи и покрај одредбите на Законот Мојсеев. Ним им биле поважни парите, заработката, отколку Законот Божји. Ете зошто Господ удрил по нивниот имот. Затоа, кога жителите на градот разбрале што се случило на гробиштата, наместо да се израдуваат за исцелението на нивни сожители, коишто дотогаш биле неизлечливо болни и опасни, тие се разочарале за пропаста на свињите. И наместо да Го повикаат благиот Господ, за да Му се заблагодарат и да Го помолат да продолжи да им прави добри дела, да спасува во нивниот град и други луѓе, тие излегле да Го пресретнат, да не би случајно Он влегол во нивниот град и Го замолиле да си замине од нив. Подрага им била заработката што ја добивале од свињите, отколку спасението на нивните ближни. 


Со денешниов случај Господ сака да ни каже дека една душа човечка е поскапа од сиот материјален свет. Тоа го кажува и со збор, кога на едно место во Светото Евангелие вели: каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја и напакости? (Матеј 16,26) Во Божјите очи човекот е бесценет, бидејќи, по Неговата благодат, тој одовде заминува во вечноста. Човечкиот живот не се содржи само од пребивање на земјата. Впрочем, незначителен е делот од неговото постоење кое се одвива тука, спореден со вечното суштествување што започнува по преминот кон Небото. Затоа Господ, со денешното евангелско четиво, ни дава поука и пример повеќе да го цениме ближниот отколку себичната заработка и нашиот комфор. 

Светот денес, за жал, се наоѓа во една ужасна, би рекол, општа бесомачна состојба. Според искуството на Црквата најголемото лукавство на злите духови е да го сокријат своето постоење. Меѓутоа, иако демоните за повеќето не се видливи во нивната ужасна форма – многумина дури и не веруваат во нивното постоење – сепак, денес и тоа како се гледаат последиците од нивното дејствување. Модерниот човек е просто растргнат од нив. Колку ли само фобии, асоцијални појави, анксиозност, панични напади, ирационална агресија, параноја и други психички аномалии, па дури и некои најнови, необјасниви за психолошката наука, постојат во нашево време, особено меѓу младите?! Луѓето непрестајно трчаат по психијатри и психотерапевти, барајќи излез од нивната мрачна состојба. Нели се сите тие појави резултат на влијанието на злите духови? Во општеството владее една страшна демоноопседнатост, затоа што луѓето Го оставија и заборавија Бога и се предадоа под власта на мракот. 

Во многу нешта денешниот свет приличи на жителите од градот Гадара. Колку само млади луѓе денес привидно се задоволуваат со лажни наслади, консумирајќи разни наркотични средства, што се произведуваат и продаваат од луѓе кои сакаат гнасна печалба! Безброј млади души стануваат робови на злото, бидејќи и зависноста од наркотиците претставува една страшна демоноопседнатост. Зависниците, завладеани од бесовите, се уништуваат себеси и нивното опкружување. А, на тие што произведуваат и распространуваат дрога воопшто не им е грижа за тоа. Единствено нешто околу кое тие се беспокојат е нивната злокобна заработувачка. 

Состојбата на демоноопседнатост е присутна не само во нарко-светот, ами тукуречи во сите сфери од општественото живеење. Погледнете само како човекот – поттикнат, секако, од мрачните сили – упорно ја уништува планетата на којашто живее. Да ги земеме за пример превозните средства што се движат на нафтени деривати. Колку ли загадување предизвикуваат во природата! Сведоци сме на рапидно глобалното затоплување, на изумирање на многу животински и растителни видови, на загадување на водите и многу други еколошки катастрофи. Меѓутоа, покрај сето тоа, иако веќе се пронајдени други енергетски средства со далеку помал коефициент на загадување, гледаме како сè уште светската индустрија произведува машини што работат на нафта. Одамна се измислени автомобили што се движат на електрична енергија, но, на олигарсите во овој свет, коишто имаат огромен профит од нафтената индустрија, не им е грижа за тоа што се случува со нашата планета Земја, која Господ ја создал и ни ја доверил нам за живеење, како на господари и на чувари. Очевидно, со сето она што се случува околу нас, ние се покажуваме како лоши стопани, недомаќини, на кои поважно им е задоволувањето на ниските страсти, отколку запазувањето на домот и на потомството. Многубројните страсти во луѓето се современите идоли. Наместо да сме поклоници на добриот Бог, Чиешто присуство во нас нè прави сочувствителни, луѓе со пожртвувана љубов кон ближниот, со чувство на емпатија кон својот со-човек и кон сето творение, ние стануваме страшно егоистични и уништувачи на сè околу нас. 


Господ, мили мои, сака да нè ослободи од нашите погубни страсти, коишто можат да нè доведат до најстрашната болест – демоноопседнатоста. Лошите духови не би можеле да му наштетат на човекот, доколку тој самиот не им допушти да навлезат во него, преку оддавањето на страстите и гревовите. Затоа, да се трудиме во воздржание од задоволување на гибелните страсти. Потребна е духовна борба и трезвеност на умот, борба со помислите. Секогаш да бидеме селективни со што се занимава нашиот ум, кој, пред сè, треба да е насочен кон молитвата, кон просветлението со словото Божјо, да се храни со зборовите на Светото Писмо и со поуките од светите отци. Во првиот псалм се вели: Блажен е човекот кој не појде на совет на нечестиви и на пат на грешници не застана… И ќе биде како дрвото посадено крај изворите водни, кое плодот свој ќе го даде во време свое и чиј лист нема да испадне и во сè што би правел ќе благоуспее

Да Го молиме милостивиот Бог да им ги отвори срцата на сите, а најнапред, нам Христијаните, бидејќи ние знаеме за словото Божјо, го имаме Божјото откровение, се причестуваме со телото и крвта на Избавителот и Исцелителот. Нека нѐ исполни со Своето присуство за да може да ги исцели и спаси нашите и душите на нашите ближни. Нему, на Христос вистинскиот Бог, Му прилега секаква слава и чест, заедно со беспочетниот Негов Отец и со Сесветиот и животворен Негов Дух. Амин!