Колку големо добро е постојаната молитва…

Колку големо добро е постојаната молитва гледаме од онаа Хананејка во Евангелието, која не престанувала да вика: „Помилуј ме, Господи!“ (Мт.15,22).

И така, она за што Христос ги одбил апостолите – Своите ученици, го постигнала таа со своето трпение. Бог, гледате, претпочита за нашите барања да Го молиме ние самите, кои сме и должни, отколку други да Го молат за наша сметка.

Кога имаме потреба од некои луѓе (на функција), треба и пари да потрошиме и со потчинување да им ласкаме и многу да трчаме, оти големците од овој свет не само што не ни го даваат лесно она што им го бараме, туку честопати не прифаќаат ниту да ни прозборат.

Најпрво, потребно е да им се доближиме на луѓето што се околу нив – помошниците, секретарите, вработените итн. – да ги фатиме со добро, да ги премолиме, да им даваме поклони. Така ќе го придобиеме нивното посредство кај надлежните власти, за разгледување на нашиот случај.

Бог, напротив, не сака посредници. Нема потреба други да Го молат за нас. Претпочита да Го молиме ние самите, па дури ни должи благодат кога Му бараме, кога имаме потреба. Само Он ни должи благодат кога Му бараме, само Он ни го дава она што не сме Му го позајмиле.

И доколку види дека сме упорни во молитвата со вера и воздржание, плаќа без да бара за возврат. Доколку, пак, види дека се молиме со мрзеливост, го одлага плаќањето, не затоа што нè потценува или се одвраќа, но затоа што, како што реков, со тоа одлагање нè држи во Своја близина.

Ако си услишан, заблагодари Му на Бога. Ако не си услишан, остани со Него, за да бидеш услишан. Ако, пак, го имаш огорчено со своите гревови, не очајувај.

Кога огорчиш некој човек, но продолжуваш да излегуваш пред него и наутро и напладне и навечер, барајќи смирено прошка, зар нема да ја освоиш неговата благонаклонетост? Многу повеќе ќе ја освоиш благонаклонетоста  на незлобливиот Бог, доколку и наутро и напладне и навечер и во секој час го повикуваш Неговото милосрдие со молитвата.

Нека го слушнат сето ова оние кои се молат со мрзеливост и негодување, кога Господ доцни да им го исполни барањето; ним им велам: „Помоли го Бога!“. И ми одговараат: „Го помолив еднаш, два, три, десет, дваесет пати, но не добив ништо“.

Не престанувај додека не добиеш. Или подобро, ни тогаш не престанувај со молитвата. Пред да добиеш – барај. И откако добиеш – благодари!