Благовештение – денот кога пророштвата проговорија во полнота

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Вечерната богослужба на празникот Благовештение, во Манстирот Пречиста Кичевска, на 24 март/6 април 2025 лето Господово


Високопреподобни и сепреподобни отци,

Преподобни монаси и монахињи,

Драги псалти, возљубени браќа, сестри и чеда во Господа Христа,

Би сакал накратко да се навратиме на она што го слушнавме пред литијните стихири од оваа прекрасна Вечерна богослужба, на оние три свештени текстови од Светото Писмо, коишто Црквата ги определила да се читаат на овој голем и Божествен празник – Благовештението на Пресвета Богородица. Денес, со песни и химни, го славиме Воплотувањето на Словото Божјо, големата тајна на Божјото влегување во светот преку нашата Пресвета Владичица, којашто стана таинствената врата низ која Синот Божји стана и Син Човечки.

Светите Отци, значи, во својата боговдахновена мудрост, определиле да се читаат токму тие три раскази од Стариот Завет. Навидум, на некого можеби тие ќе му се чинат неповрзани со личноста на Пресвета Богородица. Меѓутоа, доколку духовно ги читаме, доколку ги слушаме со внатрешниот слух, тие говорат токму за Неа, тивко, таинствено, пророчки.

Во првото четиво се зборуваше за Јаков, кој во едно необично видение здогледал скала што се протегала од небото до земјата и ангели Божји се искачувале и слегувале по неа. Тоа видение, мили мои, не е ништо друго освен праобраз на Пречистата Богомајка. Имено, Таа е лествицата по која небото се спушта на земјата, и преку која човекот се искачува кон небесните. Преку Неа, незабележливо, се движат Божествените енергии и слегува при нас Самиот Бог.

Јаков, кој го имал тоа видение, е син на Исаак, а Исаак – син на Авраам, патријархот на верата вистинска. Самиот Исаак, којшто се родил по ветување Божјо, е праслика на Господ Исус Христос. Знаеме дека Авраам и Сара, во староста своја, во јаловоста на годините, го добиле ова дете според Божјото ветување, како вдахновение, како благослов, како залог на нешто многу поголемо и повозвишено. И кога радоста им била најголема, Бог ја искушал верата и послушноста на Авраама, барајќи од него да го принесе во жртва својот единороден син. Тоа не било обична жртва; тоа е длабоко сведоштво дека верата, кога е жива, кога е вистинска, кога е дејствена, знае да се откаже од сè, па дури и од најмилото. Но Бог, Кој не сака човечки жртви, го прекинал тој чин на жртвопринесување: преку Свој ангел ја сопрел раката на Авраама и му укажал на еден овен што се појавил таму, жртвено животно – праобраз на Христа, Јагнето Божјо Коешто ќе го понесе гревот на светот. И така, во оваа древна и света историја веќе се скриени образите на нашето спасение: верата, послушанието, принесувањето, и конечно, милоста.

Авраам, кој ги поминал сите овие испитанија, се нарече татко на сите верници, на сите оние кои веруваат во вистинското Божјо откровение. Сега сите ние сме чеда Авраамови по дух. Неговата вера е образецот. И неговата средба со Светата Троица, кога во облик на три Ангела му се јави Самиот Бог и му вети за раѓањето на Исаак, е повторно сведоштво дека секоја вистинска вера води кон лична, таинствена и жива средба со Бога.

Праотецот Исаак, пак, имал два сина – Јаков и Исав. Постар бил Исав, но Јаков, за кого слушнавме денес во паримијата, бил човек тивок, кроток, ама со страшна упорност во верата. Наспроти него, неговиот брат Исав бил алчен и груб по природа, сконцентриран на сегашноста и на своето телесно битие. Јаков, поради својата мудрост и истрајност, успеал –на начин кој ние не можеме лесно да го сфатиме – да го земе благословот од својот татко Исаак. Дури и првородството, што во таа епоха ѝ припаѓало на првата рожба, Јаков успеал да го преземе. Ова го разгорело гневот на Исав, кој се ожесточил и решил да го убие брата си. И така, Јаков морал да бега од лицето на својот брат и да се сокрие. Во своето бегство, стасал до земјата Харан, до местото што подоцна самиот ќе го нарече Ветил, и токму таму го доживеал едно од најдлабоките виденија дадени на еден човек. Скалата од земјата до небото, по која ангелите Божји се качувале и слегувале. Тоа било внатрешното видение на оној кој преку страдање, прогон, немир и борба, созревал за духовниот поглед. Тоа е истата таа скала, таа тајна врска меѓу небото и земјата, што Црквата отсекогаш ја гледала како праобраз на нашата Пресвета Владичица Богородица.

И Јосиф, синот Јаковов, е исто така, праобраз на Христа – како што и сите патријарси, и сите праведници на Стариот Завет ја носат таа сенка на идното исполнение. Зашто, Јосиф, продаден од своите браќа во ропство, со живот полн со страдање, гонење и несигурност, пројавува една длабока линија на Божјата Промисла – имено, дека Бог ги подготвува срцата и го изработува спасението низ тишина, низ борба, низ страдање и вера.

Јаков имал дванаесет синови, од кои произлегуваат дванаесетте племиња Израилеви. Оваа библиска теологија е особено важно, бидејќи преку Јаков, на кого Бог му го даде новото име Израил, произлегуваат дванаесетте племиња Израилеви. Преку нив било сочувано Божјото откровение, вистинската вера, преку нив се чувала надежта и ветувањето за Месијата. Преку нив се подготвувал патот за Оној Кој ќе дојде – Самиот Син Божји. И токму од таа лоза, од тоа благословено и маченичко потомство, ќе израсне благословената фиданка – Пресветата Дева Марија. Таа е скалата, таа е вратата, таа е таинствениот рај кој го симна небото на земјата. Од Неа ќе се воплоти Словото Божјо, за спасение на светот.

Значи, сè што се случувало, сè што сме прочитале и слушнале во овие стари свети текстови, не се приказни од минатото. Тие се светлина, тие се сведоштва, тие се откровение. Тие ни ја покажуваат истата вистина што денес Црквата ја воспева: дека Бог доаѓа преку Дева, и дека секое срце што ќе се уподоби на Авраама, Исаака и Јакова, ќе биде оживотворено срце – дом на Словото Божјо.

Со Своето пресудно „да“ на овој благословен празник, Преблагословената го отвори небото и му ја донесе на човештвото најрадосната вест што некогаш можела да биде чуена: дека Бог ќе стане човек, како еден од нас, и преку тоа богочовечко соединување ќе го спаси светот. Таа вест, тоа таинство сокриено во вековите, тоа тивко „да“ во нејзиното девствено срце, ја промени историјата засекогаш и ѝ даде на вселената нова оска, нова тежишна точка, нова смисла и ориентација. Преку Богородица Христос влезе во светот; Словото Божјо, Кое од вечноста беше кај Бога, стана плот. Така беше осветена целата човечка природа – и телото и душата, и умот и срцето. Сето човечко битие стана живо со посредство на Божјата благодат, бидејќи Бог се всели во човечката природа. Господ Христос, по Своето славно Воскресение, се вознесе на небесата и седи оддесно на Бога Отецот – како што исповедаме секојдневно во Символот на верата. Тоа значи дека сега, таму, оддесно на Престолот Божји, седи обожено човечкото тело. Богочовекот Христос со тоа го прослави човекот и му даде достоинство какво што не може ниту да се замисли: да бидеме синови Божји, обожени по благодат, призвани да седиме со Него во Царството на вечната светлина.

Христос стана првороден од мртвите, како што вели апостолот Павле, и затоа веќе никој што верува во Него не умира, туку живее вечно. А таа тајна, тоа воскресение, тој дар, дојде преку Богородица. Сите дарови, секој благослов, секој Божји призив, доаѓаат преку Неа, затоа што Таа стана вратата преку која Бог слезе во светот. Второто четиво што го чувме денес беше токму за ова: пророкот Језекиил ја виде Неа како врата затворена, и само Кнезот, само Царот можел да влезе низ неа. Ова е јасен образ на Пресветата – дека Таа е Вратата Господова, затворена и свештена, чиста и неприкосновена, низ која влезе Самиот Бог, без да ја наруши Нејзината вечна девственост.

Никој немал така силна вера како што има Богородица. Дури и кога слушнала зборови кои не можат да се појмат – дека ќе роди Син иако не познавала маж и брачен живот – Таа, со детска и длабока доверба, му одговорила на Архангелот Гавриил: „Нека ми биде според зборвите Твои“. Тоа „нека ми биде“ е најдлабоката вера што човечкото срце некогаш Му ја понудило на Бога. И со тоа „нека ми биде“ започна спасението на светот. Затоа велиме дека Таа е Мајка на сите нас. Преку Неа доаѓа секоја блага вест во животот на човекот. И полесно е да Му се пристапи на Бога преку Неа, зашто Таа е милосрдна Мајка, Којашто секогаш посредува, Којашто секогаш шепоти молитви за нас пред Својот Син и Бог.

Да ѝ благодариме што и оваа година стасавме до навечерието на овој голем празник, во оваа Богородична Света Обител, на ова место каде што стотици години нашиот народ прибегнувал под Нејзината мајчинска покривка, барајќи утеха, милост и благослов. Да го дочекаме со радост и благодарност утрешниот ден и да ја отслужиме Божествената Литургија, та со мир и еднадушност да го продолжиме овој свет пост, да влеземе подготвени во големата и страшна Страсна седмица, и со покајание и светлина во срцата да Го прегрнеме Празникот над празниците – Светото Христово Воскресение.

Амин.