Преподобната Параскева како образ на надежта и радоста

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на споменот на Преподобната Параскева Епиватска, на Божествената Литургија во храмот на Преподобната во град Дебар, на 27 октомври 2022 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Денес, мили мои, со благодарење и со срдечен копнеж по светоста го празнуваме сјајниот спомен на Преподобната мајка наша Параскева Епиватска, една од недобројното множество Светии, кои го исполнуваат Царството Небесно и со моќни застапништва се молат за нас. Светиите Божји го исполнуваат Царството на Бога, затоа што најнапред го исполниле Светото Евангелие. Ги чуле и во своите животи ги примениле словата на Словото Божјо, Господ Исус Христос, станувајќи на тој начин патоказ кон вечните блаженства за сите луѓе.

Не е ли еден таков јасен и светол патоказ за нас денешната наша возљубена и сепочитувана славеничка, Преподобната Параскева? Кон што друго нè устремува нејзиното восхитувачко житие, ако не кон Христа?! Самиот нејзин животен пример нè повикува да го земеме благиот јарем на Оној Кој вели: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене. Од што да се поучиме? Од многубројните ли чудеса што ги извршил? Од Божествените ли размисли, креации, исцеленија, воскресенија? Несомнено, Он сето тоа го поседува, но кога нè повикува да се поучиме од Него не ни го посочува тоа, туку вели: бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Матеј 11,28-29).

Епископ Партениј, Игумен Бигорски
Епископ Партениј, Игумен Бигорски

Нè повикува, значи, на кроткост и смирение. Трпеливо да го кренеме сопствениот животен крст и да тргнеме по Него, Единствениот, Кој може да даде вистински спокој на човечката душа. Само Он го дава суштиот, автентичен мир, кој не е од овој свет. Мир, кој ни е насушно потребен на сите нам. Утеха, мир, спокој и вечен живот. Еве ги даровите што ги дава благиот јарем Христов. Со нив, ние имаме една цврста и бескрајна надеж и мотив да го живееме сопствениот живот, да се бориме со проблемите, искушенијата и предизвиците во нашето секојдневие. Денес, за жал, се забележува дека кај еден значителен дел од Христијаните често преовладува безнадежноста – особина што воопшто не би требало да биде одлика на еден верник во вистинскиот Бог.

Во Отечникот има една интересна приказна, поврзана со ова што го говориме. Имено, еден Старец им раскажува на своите монаси, како ѓаволот наводно отворил некој голем пазар и во него продавал сè убаво што може и не може да се најде на овој свет. Тој честопати, дури, давал многу работи и бесплатно. Луѓето биле зачудени зошто сето тоа тој така го дава, без никаков надоместок. И го прашале: „ѓаволе, зошто бесплатно ни го нудиш сето ова? Нема ли да задржиш или спечалиш нешто за себе?“ А тој одговорил: „Ништо од ова што јас го давам не ми е значајно и никаков материјален надомест не ми е потребен; сепак, има нешто што ќе ми остане на крај и со кое им наплаќам на луѓето, оти само тоа може да ми причини задоволство. Тоа  е безнадежноста. На луѓето им овозможувам секакви задоволства, но за возврат ги исполнувам со очај; им ја вдахнувам безнадежноста и така ги правам свои приврзаници и накрај со нивните души го исполнувам пеколот“.

Мислам дека не е потребен некој особен труд за да увидиме дека меѓу нас, современите Христијани, силно е присутно ова нечестиво ѓаволско внушение. И зошто е тоа така? Бездруго поради фактот што ние со многу поголема леснотија ги прегрнуваме насладите и комфорот од овој свет, отколку што Го прифаќаме Оној Кој нè повикува во мир и спокојство. За разлика од нашата млакост, Светиите биле бескомпромисни во однос на љубовта кон Господа Исуса. Да го погледнеме само примерот на Света Параскева. Таа, буквално над сè во својот живот Го поставила Христа. Најнапред го раздала сиот свој имот на сиромашните и тргнала да Го следи Христа. Се предала на многубројни телесни и духовни подвизи, борејќи се против својот егоизам, против негрижата за спасението на душата и против невоздржливоста. И загинала ли со тоа? Се разбира, не. Видете само колку е славен и преславен нејзиниот спомен. До ден денес, по илјада години откако поживеала на Земјата, таа громогласно ни говори: „Ете, јас оставив сè што имав, тргнав по Христа, Го положив Него над секоја земска грижа и еве сум со вас денес, во вашите потреби и неволи“. Се чини дека нема поголем град, а да нема изграден храм или параклис на Преподобната, каде што луѓето одат за да ѝ се молат и таа им ги исполнува прозбите, ги исцелува од многубројни беди и искушенија.

Да го усвоиме, мили мои, животниот пример од Преподобната мајка наша Параскева и да зачекориме стамено по нашиот преблаг Христос, та да можеме да се наречеме вистински ученици Негови, кои ќе бидат полни со надеж, со живот, со радост и љубов. Оти, мисијата на еден Христијанин е да влева надеж на луѓето околу себе, или како што се вели во една утринска молитва: таму каде што има омраза – да сее љубов, каде што има осуда – проштавање, каде што има раздор – слога, каде што има очај – надеж, каде што има темнина – светлост, каде што има жалост – радост. Со еден збор, да биде подражател на Христа и со тоа – светлина на светот (сп. Матеј 5,14).

Светиите кои денес го исполнуваат Рајот, уште додека живееле на Земјата стасале до степен, во нив, наместо тие самите, да заживее кроткиот Христос, според зборовите на Божествениот Павле, кој вели: Не живеам веќе јас, туку во мене живее Христос (Гал. 2,20). Тие, значи го умртвиле стариот човек кој се распаѓа во лажните похоти и станале охристовени луѓе и следствено, започнале да ја живеат вечноста уште одовде – што е, впрочем, и целта на нашиот живот. Ова ни го сведочи Преподобната Параскева со слободата што ја има во Бога, а којашто ја стекнала токму преку подвижничкиот живот на доброволно лишување од страстите и воздржание од грев. И со оваа стекната слобода таа постојано ни помага, ги услишува нашите молитви. Нејзината душа, како и душите на сите светии, е жива и е со нас.

Мошти на Св. Параскева Епиватска
Мошти на Св. Параскева Епиватска

Па така, мили мои, да се исполниме со надеж во милостивиот Христос, Кој е насекаде и сè исполнува и Кој е нашето сè и согласно тоа, да Му да го дадеме местото што Му припаѓа, да Го ставиме над сè во нашите животи, доколку сакаме сè останато да си дојде на свое место и да победуваме со Него секакво зло и искушение.

Молитвите и благословот на Преподобната мајка наша Параскева нека бидат со сите нас.

Амин!