Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено во неделата на Цветници, во храмот Успение на Пресвета Богородица во Дебар, на 9 април 2023 лето Спасителово
Мили мои браќа, сестри и чеда,
Нека ни е за многу години овој величествен празник и триумфалното влегување на нашиот Господ Исус Христос во Ерусалим! Најнапред, би сакал да им се заблагодарам на монасите и монахињите, на тие чудесни избраници и апостоли Господови, кои низ вековите и времињата најсилно сведочеле за воскресението Христово! Еве, тие и сега самопрегорно се потрудија за овој некогаш славен и сјаен храм да изгледа како во неговите најславни времиња. Кога влегов во храмот, се почувствував така како овде секојдневно да има богослужба, како да е една жива парохиска црква во која постојано се принесува бескрвната жртва. Ми дојдоа солзи на очите, па дури и сега, верувајте, со многу возбуда го зборувам ова. Затоа што, по Божја промисла, во почетокот од Постот дојдов овде заедно со некои браќа и сестри монаси и тогаш ни се роди идеја повторно да служиме во овој храм на празникот Цветници, како некогаш, пред дваесетина години.
Но за да се случи тоа, неопходно беше да се вложи голем труд, овој прекрасен храм да биде возобновен и колку што беше можно, да биде подготвен за богослужба. Во контекст на ова, особено му благодарам на отец Миле Ангелоски, кој заедно со одборот и малкутемина Христијани, уште минатото лето се погрижи да го реконструира покривот на црквата, кој беше прилично оштетен и пропушташе вода. Пред нас има уште многу работа; олтарот од источната страна е во земја и поради тоа таму има многу влага, а има и други места што треба да се санираат. Но верувам дека со Божја помош и во соработка со верните Дебрани, ќе го завршиме и тоа, за радост на предците. Оваа година храмот слави 150 години од својата изградба. Бил подигнат во времето кога Дебар бил еден силен и жив христијански град. Во тоа време, гледајќи на исток, од левата страна на храмот постоела една величествена зграда, црковно училиште, на кое денес, за жал, Дебрани едвај се сеќаваат, бидејќи единствена трага од него се само древните слики. Тоа здание беше урнато пред дваесетина години. Сепак, Му благодарам на дародавецот Бог, што устрои да си го вратиме тоа место и повторно да го направиме црковна сопственост. На западната страна, пак, била зградата на некогашната славна Дебарска митрополија. И ден денес нашата Митрополија сè уште го носи тоа славно име, Дебарско-кичевска, иако нашиот почитуван Митрополит, дедо Тимотеј, е со седиште во градот Охрид.
Мили мои, од денешниот празник многу нешта веќе стануваат јасни. Денес Самиот Свет Дух јасно и недвосмислено ни објавува Кој е, всушност, Исус од Назарет. За гласници на оваа блага и спасителна вест, Светиот Дух ги одбира доенчињата, односно оние со чисти срца, кои сè уште не ни прозбореле. Токму нив Светиот Дух ги поттикнува и вдахновува да повикаат „Осана во висините, благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, осана на Синот Давидов!“ Овие зборови, возгласувани насекаде по Ерусалимските улици од устите на невините младенци што биле држени во прегратките на своите мајки, Го покажале Христа како духовен Цар на целиот свет, произлезен од потомството на пророкот Давид. Сите знаеме од Светото Евангелие зошто Спасителот денес е толку торжествено пречекан од мноштвото народ во Светиот Град Ерусалим, пред најголемиот јудејски празник Пасха. Тоа се случува поради фактот што сите веќе имале разбрано за чудото што Он го направи во Витанија со Својот пријател Лазар. Имено, иако Лазар бил веќе четири дена мртов, смирисан во гробот, тој ја послушал оттаму заповедта на Христа и излегол жив од гробницата. Ваквото големо чудо, што е единствено од постоењето на светот, го поттикнало народот да излезе да Го види и да Го пречека Воскресителот на мртвите, Воскресителот на сите нас, Спасителот наш Господ Исус Христос.
Синот Божји е пријател на целото човештво. Во Евангелието се вели: „беше пријател на Лазара“. Меѓутоа, Он не само на Лазар му беше пријател и не само Лазара го сакаше посебно, туку секого од нас поединечно, бидејќи Бог има неизмерна и надразумна љубов за сите. Всушност, именскиот предикат треба да го поставиме обратно: Лазар Му беше пријател на Христа. Тоа е околноста за која сите треба да бидеме свесни. Не од Исуса зависеше пријателството со Лазара, туку Лазар беше тој кој го градеше тоа пријателството, љубејќи Го силно Христа. Истото може да се рече и за Свети Јован Богослов, за кого во Евангелието се вели „возљубениот ученик на Господ“. Ако сакаме тоа аналитички да го кажеме, ќе речеме: ученикот кој особено Го љубеше својот Учител. Во однос на Христос нема никаков сомнеж дека Он ги љуби сите неизмерно, како што ги љубел сите свои ученици. Сепак, токму љубовта што свети Јован Богослов ја чувствувал во срцето кон Него, го направила да биде таков богопредан, богопросветлен и возљубен ученик. И ете, единствено тој во своето Евангелие го опишал настанот за воскресението на Лазара. Впрочем, Свети Јован Богослов последен од сите го напишал Светото Евангелие. Другите ученици, апостоли и евангелисти се воздржале да го опишат ова големо чудо, за да не му причинат на Лазара некакви проблеми и искушенија со народот, бидејќи тој сè уште бил жив и бил епископ во Кипар. Со должна почит кон него, тие чекале тој прво да се упокои, па дури тогаш да напишат за чудото со него. Таа чест му се паднала на Свети Јован Богослов.
Мили мои, пред нас е најсветата Седмица од целата година. Гледате, секој ден е велик по дух и содржина, секој ден од таа Седмица носи длабоко и таинствено значење и секој нов ден за нас е уште еден поттик за духовно размислување: Каде одиме? Која е целта на нашето суштествување? Кое е нашето вистинско предназначение? Зошто Христос дојде на Земјата? И ако внимателно се внесеме во настаните на овие претстојни свети денови, ќе сфатиме дека Он дојде единствено од љубов кон човекот – најпрвин, да му го осветли и да му го покаже патот и потоа да го остави слободно да избира: ќе тргне ли по Него? Ќе го земе ли крстот свој за да врви по Творецот? Затоа и јас прашувам: ќе го земеме ли и ние Крстот, за да врвиме по Христа? Ќе го оставиме ли светот, барем во оваа Света и Велика Седмица, та да се издигнеме во духот и да ги презреме светските нешта и наслади? Чувме денес од Апостолот Павле како тој нè повикува да мислиме само на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба (Филип. 4,8).
Па така, мили мои, Светата Црква сега нè повикува да мислиме само на Христа, Кој живот дава. Да мислиме на Христос, Кој ќе ни ја даде вечноста. Да мислиме на Христос, Кој со љубов ги исполнува срцата наши. Тогаш сите нешта ќе бидат на своето место. Гледате, оние што ќе Го стават Христос на прво место во својот живот, тие веќе добро знаат што прават и каде одат во животот и во овој век. Секој што го избрал Христа им станува патоказ и на другите, бидејќи Христос е Патот, Вистината и Животот. Да, ова што денес го гледате е вистински, би рекол, православен патриотизам. Не оној медиумски и автодеструктивен, кој се пропагира со несовесно и неодговорно ругање по социјалните мрежи, туку патриотизам кој зборува со дела, со многу работа и жртва. Вперени со умот во Христа, работејќи на Неговата нива, ние постепено се издигнуваме. Не мала е денес и вашата жртва, што од многу градови од нашата Татковина стасавте овде во овој славен храм на нашите предци, за да Го прославиме вечно Живиот, во Кого сите се живи. Тогаш кога првпат годинава дојдов во храмот, си реков: На Цветници, кога во овој храм повторно ќе се слушне пофалба за Бога, тогаш Воскресителот на душите наши, Христос Бог, ќе ги испрати и духовите на предците и на градителите на негови, како и на сите жители кои добиле слобода во Него; тогаш душите нивни ќе бидат меѓу нас и ќе се радуваат. Затоа што еве, потомците нивни, не ги забораваат светињите што ги осветиле нив и ги издигнале кон небото.
Мили мои, да не ни се случи световните грижи да нè обземат до толку, што да го заборавиме духовното во нашиот живот, зашто тогаш тој ќе стане бесцелен. Сите да бидеме вперени со умот во Христа. Во оваа Седмица на Христовите страдања, на Велики Петок ќе биде издигнат Крстот на Спасителот и тој ќе биде нашето светило што ќе ни го осветлува патот од Распетието до Воскресението. Така, макар овој Пост и да не сме биле доволно исполнителни во подвизите и во молитвите и евангелските заповеди, сепак, ете, ни се дава уште една можност за покајание; Господ нè повикува да поработиме на нивата на добродетелите во овој единаесеттиот, последен час, а Он домовладиката Христос Бог е штедар дародавец и најмилостив добротвор на секого од нас. Он и работниците од единаесеттиот час ќе ги награди, доколку барем во оваа последна и најсвета Седмица, нашите мисли ги насочиме кон Него и нашето срце сострадално го исполниме со љубов за Него. Така ќе можеме подготвени да го дочекаме славното Христово Воскресение и просветлени да одиме во пресрет на нашето земно скончание, за потоа да се преселиме во вечната Татковина, којашто е и целта на нашиот живот.
Амин.