(Видео) Цветно торжество во Дебар

Денес светата Црква нè повикуваа нас, своите верни чеда, со торжествени пофалби и врбови гранчиња во рацете, налик на доенчињата да Го пресретнеме Спасителот наш Господ Кој триумфално влегува во Ерусалим. Но, следејќи Го Христа, во предворјето на Неговиот крстен вход, само врбовите гранчиња се чинат недоволни, оти црковното песнопение вели: „Денес благодатта на Светиот Дух нè собра и сите, земајќи го својот крст, велиме: Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Осана во висините!“ Значи, земајќи го покрај нив и својот крст, да Го следиме нашиот Спасител, Кој денес на сите им се објавува торжествено како Цар. Да, Он доаѓа како Цар, не носејќи ги со себе познатите царски знаменија, ниту оружје, ниту некаква сила и власт, туку доаѓа смирено, качен на осле и со себе ја носи само пожртвуваната крстовоскресна љубов, кој оди да се предаде на Распетие за Своето љубено создание. Какво разочарување за гордите и самољубиви фарисеи: наместо световната моќ и сила – крајно смирение, наместо оружје – љубов до смрт. Сигурно не го очекувале така доаѓањето на Месијата. Дури и учениците не Го познаа својот Создател. Затоа тоа „Осана“ по само четири дена стана „Распни Го, распни“. Да се погрижиме и ние, да ја примиме со вера силата на љубовта што го победи светот, и да се наоружаме со Неговото смирение, оти доколку не ја усвоиме, доколку таа не стане смислата на нашето постоење, набрзо ќе се вброиме меѓу оние кои зедоа удел во Христовото Распетие.

            Радоста од триумфалното влегување на Христос во Ерусалим, беше вистинско воскресение за верните Дебарчани и за прекрасниот Богородичен храм, кој после долги години повторно доживеа да се украси со големо мноштво верници, кои го преполнија ова големо светилиште. Глетката навистина будеше восхит. Според сведоштвото и на постарите жители, никогаш како досега немало такво големо присуство, се чувствуваше радоста и на оживеаниот храм, и на бројните предци кои со голема ревност го изградиле и ѝ го посветиле на Мајката на животот. Особено беше прекрасно да се види толпата од весели и разиграни дечиња што со голема љубов зедоа учество во празничната богослужба, како и распеаниот хор Митрополит Козма Пречистански, чиишто литургиски песнопенија ги исполнија душите на сите присутни и придонесоа за чудесниот молитвен амбиент во храмот. Но, круна на радоста беше присуството на нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој чиноначалствуваше со празничната Литургија, во сослужение со парохискиот свештеник, отец Миле Ангелоски, како и архимандритот Доситеј, со останатите јеромонаси од Бигорската Обител. Како и секогаш кога се слави Бог – благодатта што беше видливо присутна и зрачеше од лицата на верните – покажа дека Господ навистина се радува и го наградува секој труд во Негово име, па и ова скромно воскресение на напуштеното светилиште е слава за ангелите и пофалба на Светиите.

            Господи, Ти Кој појде во Витанија да го воскреснеш Лазара, сега влегуваш во Ерусалим за да нè совоскреснеш сите со Себе. Не давај заради Својата немарност, да се најдеме во толпата што Те осуди на Распетие, туку помогни ни барем во оваа последна недела да го упатиме својот поглед кон Твоите Страдања, за да можеме, по Твојата милост, да се удостоиме со радоста ан Твоето Воскресение.