Светиот и Велик Понеделник

Денот што дојде го објави почетокот на страдањата Господови. Полека, со скрушени срца и смирени мисли, заедно со Господа го правиме првиот чекор во оваа Голема и Страдална Седмица, која нè повикува да се задлабочиме во тајната на надумните страдања што ги поднесе Он во последните денови од својот живот на земјата. Оставаме сè земно и со верните ученици Го придружуваме Божествениот Учител, Кој влезе во Ерусалим за од рацете на оние што со Својата рака ги создаде да прими шлаканици и биење и од устите нивни да слушне секаков презир и ругање. Влегуваме и ние во тој Свет град, чиишто што жители вчера со палмови гранчиња во рацете со усните Го благословуваа и Му пееја: Осана во висините, Благословен е Оној Кој доаѓа во името на Господа, а еве сега подмолно со истите тие усни се подготвуваат да извикаат: Распни Го, распни! Тргнува Он и дозволува да биде предаден од еден од Своите ученици и на Крст да биде прикован и во мртвите вброен, тргнуваме и ние, умртвените од гревот, та утврдени во Неговата безгранична милост и прошка што за сите се излева, забораваме на силата на злото Кротко и молитвено чекориме кон сесветиот храм за да Го пресретнеме како Спасител на нашите души и слушаме: Ете Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној што ќе го најде буден, а недостоен ќе биде оној што ќе го најде да дреме. Затоа пази душо моја, сонот да не те притисне и на смрт да не бидеш предадена и вратите на Царството да не се затворат пред тебе. Но, разбуди се викајќи: Свет, Свет, Свети си Боже наш, по молитвите на Богородица, помилуј нè. Ги подигнуваме нашите очи и мисловно стоиме пред вратите на тоа Царство и украсената Свадбена одаја, но гледаме дека на нас чиста облека од добродетели за да влеземе таму нема. Но, допира преслаткиот глас на Спасителот, одново ги допира и трогнува нашите скрушени срца, кажувајќи им дека чесните Негови страдања му светат на целиот свет, зашто Он дојде со божествена добрина да ја победи силата на злото и со Своето страдање нè ослободува од древната наша осуда.

 Овие безвременски настани, оваа драма на Христовото страдање заради човечкото спасение, ја исполнуваат молитвената тишина во храмот на Крстителот, во Обителта на Победоносецот и во градината на Богомајката. Во овие последни денови од најсветиот Пост со свештена почит стоиме пред пречистиот Образ на нашиот Спасител и благоговејно Му се поклонуваме како на прекрасен Младоженец. Усрдно Го молиме, најпрвин на нашиот возљубен Старец и епископ Партениј, а потоа и на сите нам да ни испрати поткрепа, за до крај да останеме со Него и да го изодиме страдалниот пат кон Голгота, та на крај, со чисти срца и мисли да стасаме до празниот Гроб и да го прославиме триумфот на Животот. Зашто, Он дојде за да промени сè, дојде да го избави човештвото од затворот и оковите на злобата и со славното Свое Воскресение да ја избави падната човечка природа, која поради гревот, за своја последица ја беше примила смртта. Нема таков ум кој надумните вакви таинства ќе ги разбере, но и нема срце кое сето ова барем еднаш не ќе го доживее.

Господи, Кој дојде за да поднесеш толкава неправда, Кој доброволно трпиш сè, слава Ти!

Одејќи Господ на доброволно страдање,
на Апостолите по патот им велеше:
 Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе се предаде,
 како што е напишано за Него.
 Затоа дојдете со очистени мисли,
 да отидеме со Него да се распнеме
 и заради Него да се умртвиме за животните наслади,
 та со Него и да оживееме и да Го слушнеме како вика:
 Повеќе не одам во земниот Ерусалим да страдам,
 туку одам при Мојот Отец и вашиот Отец,
 при Мојот Бог и вашиот Бог,
 и ќе ве издигнам со Себе во горниот Ерусалим,
 во Царството Небесно.

__________________________________

Грядый Господь к вольной страсти,
апостолом глаголаше на пути:
се восходим во Иерусалим,
и предастся Сын Человеческий,
якоже есть писано о Нем.
Приидите убо и мы, очищенными смыслы,
сшествуим Ему, и сраспнемся, и умертвимся Его ради житейским сластем,
да и оживем с Ним, и услышим вопиюща Его:
не ктому в земный Иерусалим, за еже страдати,
но восхожду ко Отцу Моему, и Отцу вашему,
и Богу Моему, и Богу вашему,
и совозвышу вас в горний Иерусалим, 
в Царство Небесное