Лазаревото разбудување од мртвите

„Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам“.

За нашиот Господ смртта е едно заспивање и состојба во темнина. Он со Својата појава Самиот сѐ исполни со светлина. Смртта ја испразни, ги разбуди од века заспаните мртовци, даде нов живот и склучи нов завет – живот во светост и завет на вистинска љубов. Сите луѓе од Адама заспиваа во смртен сон, сѐ додека Самиот Себеси не се предаде на смртта, за потполно да ја разгори и уништи таа состојба со Своето Воскресение. Таа повеќе не е страшна, туку е еден голем, значаен и радосен момент во кој душата оди на средба со својот Бог.

Самиот Бог и Господ доаѓа да го разбуди заспаното човештво од бесчувствителноста од гревот и да му го покаже вистинското постоење – пред Бога и во Бога. Милостивиот Господ – Создателот, Самиот тргнува кон Своето создание, се понижува Себеси и зема облик на човек, за да не нѐ исплаши со појавата, доаѓа да го изврши спасението, принесувајќи се како жртва. Ги воскресна душите, го отстрани пијанството од гревот, ги разбуди духовните чувства и ги отвори духовните очи.

Денес, преку воскреснувањето на Лазар, кој веќе четири дена лежел мртов погребан, нѐ уверува сите во вистинитоста на Општото Воскресение кое ќе се случи на крајот од времињата. Он тоа го направи шест дена пред Пасха, за учениците Свои и верните да не се исплашат од настаните што следуваат во деновите до Пасха, односно страшното и грозоморно измачување на Господ Исус Христос, неговите чесни страданија за секој човек пооделно од секој род и од сите векови, принесувајќи се Себеси за откуп.

Во нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча Бигорски, Сведокот на светлината Христова, процветаната градината на верата и плодот на духовното воскресение и денес беше преполна со богољубиви души, жедни за Христовата светлина. Нашиот Старец и Игумен Епископ г. Партениј, по чии молитви е закрилувано ова свето и свештено место, како вистински и верен пријател Божји и опитен познавач на Божествените тајни молитвено претстоеше на Повечерието со Канонот на Лазар, како и утрово на Утрената и Божествената Евхаристија.