Денес, мили мои, повторно празнично сме собрани во слава и чест на Светиот славен и сефален Великомаченик Георгиј Победоносец. Ова е, впрочем, третиот негов празник во текот на годината, кога се спомнува издигнувањето и осветувањето на неговиот велелепен храм во Киев, од страна на киевскиот кнез Јарослав Мудриот (1019 – 1054), во светото крштение наречен Георгиј.
Кој бил, всушност, Свети Георгиј и зошто Црквата Христова му изградила еден посебен култ?
Според земскиот светоглед тој бил војник, поточно, воен трибун – висока чиновничка позиција во војската – во служба на римскиот император. Но, од духовен аспект, Свети Георгиј бил, пред сè и над сè, служител и војник на бесмртниот Цар – Христос. Својата преданост кон вечниот Цар тој ја посведочил со тоа што пострадал за Него како добар и верен војник, за да постане траен соборец на Христијаните во борбата за доброто. Знаете, во црковната лексика Мачениците Христови имаат епитет ‘добропобедни’, т.е. победници во доброто. Светиот добропобеден Великомаченик Георгиј дополнително се нарекува и ‘Победоносец’, бидејќи тој, со своите славни чудеса, им донел безброј добри победи на Христијаните. Храбро пострадал, значи, за Христа, но се овенчал со венец на неовенлива слава и станал вечен военоначалник и победник во доброто.
Над Свети Георгиј се овистиниле зборовите Христови изречени во Евангелието, за секого кој ќе сака Него да Го последува: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе и нека го земе крстот свој и нека врви по Мене (Марко 8,34). Со тоа Он ни покажал дека нашиот живот овде на земјата ќе биде еден крст, едно страдање. И Неговиот живот беше токму тоа: најголемо страдание и еден најтежок крст. Но, накрај и една најголема и бесмртна победа, со Неговото славно и сесветло Воскресение. Па така, гледаме дека без крст, без страдање, без подвиг – нема воскресение, нема светлина, нема живот, нема слава, ни радост!
Знаете, кога дошло време денешниот славеник Свети Георгиј да избира помеѓу земната и небесната слава, помеѓу богатството, угледот и моќта што ги имал на земјата и Христос – тој го избрал второво. Ја презрел и својата младост и својот чин и богатството и перспективата што била пред него. Му се заканувала смрт. Слушнавме денес во Евангелието за тоа што Спасителот Христос го прорече: ќе настапи време кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога Му принесува служба (Јован 16,2). Имено тоа што тогашното римско незнабожечко општество му го направило на Свети Георгиј: го подложиле на разни измачувања, накрај и го погубиле, мислејќи дека со тоа им воздаваат слава на лажните богови.
И во текот на сета историја се случува истото, до ден денес. Во името на нешто од овој свет, Христијаните се исмејувани, омаловажувани, озборувани, обвинувани, па дури и убивани. Затоа, мили мои, да бидеме храбри и наоружани со сеоружјето на смирението, та да се бориме и да страдаме како добри војници Христови.
Го слушнавме пред малку Апостолот Павле, во денешното четиво, како го поучува својот ученик, Апостолот Тимотеј, кому му претстоело да биде негов наследник: Чедо мое, потсилувај се во благодатта што ти е дадена од Христа Исуса… Гледате, на сите Господ ни дава благодат и дарби, а ние треба да ги разгоруваме со послушание и подвиг. Потсилувај се во благодатта што ти е дадена од Христа Исуса и сè што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе кои се способни и други да научат. И потоа, она што ми остави особен впечаток: Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа. Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник (2. Тим. 2,3-5). Така што, гледате, од нас се бара „сиот свој живот на Христа Бога да Му го предадеме“, подвизувајќи се со подвигот што ни е даден.
Да се молиме, мили мои браќа и сестри, да се молиме ревносно на патронот на овој чудесен и свет Манастир, којшто го издигнал и постојано го пази на ова место – што самото по себе е чудо. Иако опкружено со иноверно население, ова свето место и денес процветува и цвета, како што чувме од прокименот пред апостолското чтение: Преведникот ќе процути како палма, ќе се издигне како кедар ливански (Пс. 91,12). Истиот тој праведник, Свети Георгиј, кој пострадал за Христа во 4 век, истиот тој дејствува и денес тука. Со нашите очи гледаме како неговата Светиња процветува како палма, како кедар ливански се издигнува, и во материјална смисла, т.е. во однос на манастирските градби, но пред сè – во духовна.
Сведоци сте што направи Бог со нашите манастири во изминативе дваесет и пет-шест години… Да ми кажувал некој на почетокот колку за сето ова што е постиганато до денес ќе бидат потребни напори, трудови, молитви, средства… ќе му речев: „Што зборуваш, човече? Такво нешто не може да се постигне дури ни цела Америка да застане зад тебе!“ Сепак, погледнете колку Господ е вистински богат и колку чуда направи Он. Ако даваш, макар и малку, Господ ќе ти врати стократно! Го отвориш ли срцето свое, плачеш со тие што плачат, се радуваш со тие што се радуваат – Бог нема да те остави и од ништо нема да те лиши. Показателство за тоа се и нашите манастири. Ние секојдневно го читаме Евангелието, ама и гледаме како тоа се исполнува; во нашите манастири ние гледаме едно применето Евангелие… Да ни дава Господ сили докрај да истраеме во подвигот на себеодрекувањето!
Да го молиме нашиот мил Патрон, Светиот Георгиј Победоносец, да ни дава сили и просветление, за да бидеме слуги на слугите Господови. Немојте да мислите дека во Црквата оној што зазема раководно место има некакви почести. Напротив, првите во Црквата се избрани да бидат слуги, да се подвизуваат и да страдаат, како што му пишува Свети Павле на Тимотеја, како добри војници Христови, за Господа Исуса Христа од Давидовото семе, Кој воскресна од мртвите, според моето Евангелие, поради кое страдам дури до окови (2. Тим. 2,8). Животот на првите во Црквата го опишал веќе Апостолот, кој самиот за себе кажува: со големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби, при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака, при чесност и бесчесност, при укори и пофалби… (2. Кор. 6,4-8) Во духовна смисла, истото се случува и со секого кој е прв во Црквата и совесно се труди да го исполнува своето послушание. Зашто Христос, одејќи на доброволно страдање и распетие, еднаш засекогаш ги поучи Своите последователи: Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите! (Марко 9,35).
Па така, сестри мои возљубени, спомнувајте си дека сме повикани да бидеме слуги. Меѓу вас има сестри коишто се темел на овој манастир, како на пример, сестра Варвара, која покажа вистинска смелост и храбро го понесе својот крст и остана сама да му служи на Свети Георгиј овде, во најтешкото време, во време на воениот конфликт, кога беше многу неизвесно и застрашувачки. Затоа, честа на првите што достоинствено го носат својот крст им следува по природен пат. Тоа никој не може да им го одземе.
Светиот Дух да нè просветлува сите и молитвите и благословот на Свети Георгиј нека бидат со сите нас!