Како да се победи стравот?

Животот на човекот е испреплетен со страв.

Тоа се должи на падот на првиот човек во рајот и на неговото прогонување оттаму.

Од првиот миг на своето раѓање човекот го чувствува влијанието на стравот, како што се исправа пред непознатото во овој свет.

(Фото: Томе Љушев – Шпанец)

Со напредување на возраста доаѓа и допирот со паднатиот ближен и воопшто со социјалната средина. Стравот расте и се претвора, кога потсвесно, кога свесно, во стресно мачење кое му го обележува животот.

Тиранијата на стравот го следи постојано и ја достигнува својата кулминација во последните денови и часови од неговиот живот, кога е повикан да застане пред смртта.

Има ли начин или можност човек да се ослободи од измачувачкото и разединувачко заробеништво на стравот?

Се разбира дека постои како начин, така и можност, кога човечката волја се сретне со волјата на Воплотеното Слово на Бога Отецот и кога вечниот призив „не плаши се, само верувај“ (Марко 5:36) се претвори во живот и убедување на поразениот од страв човек.

Кога Богочовекот Господ сака вера од Своето создание, за да го ослободи од тиранијата на стравот, Тој всушност сака онтолошка вера. Таа вера не е надворешна, површна состојба, туку длабока, внатрешна реалност.

Во оваа реалност, човекот „со душа и со тело“, со сети свое битие Го прифаќа Богочовекот Господ и Неговото учење, што се содржи во Светото Писмо и во учењето на светите отци на Црквата, кои се негови автентични толкувачи.

Човек не останува само на нивото на зборовите дека има Бог, но придобива животна вера, вера на општењето со Бога. Општи внатрешно, но и надворешно, преку вистинското покајание на молитвата и мистичниот живот со Богочовекот Господ.

Потребно е животот да не ни биде површен и да не бидеме Христијани и Божји чеда само по надворешност, туку е потребна борба и внатрешен подвиг, за да ја прифатиме волјата Божја и да ја примениме во својот пат.

Само на овој начин покажуваме дека веруваме во самооткриениот Бог и имаме онтолошко општење со Него. Кога има таква вера, тогаш стравот од што и да е не може да нè совлада. Се обраќаме кон нашиот Создател со доверба и се смируваме душевно  и телесно. Таа доверба ќе ја зголеми љубовта, која за возврат ќе го изгони стравот од нашиот живот.

Светиот Евангелист Јован нè уверува во тоа, како што пишува во своето послание: „Во љубовта страв нема, туку совршената љубов го изгонува стравот, бидејќи стравот подразбира казна. Кој се плаши, не е совршен во љубовта“ (1. Јован. 4,18).

Така, верата го победува стравот и во сегашноста како и во иднината, затоа што таа веќе не е непозната, туку Му е позната на нашиот Создател, Троичниот Бог, на Кого се надеваме со доверба на дете кон неговиот татко.

И ако Бог сака да се развие некоја непријатна ситуација, како што гледаме дека се случува пред нас, ќе допушти тоа да се случи од причини што Тој ги знае, кои се секогаш правилни, само да ги прифатиме.

Ако, сепак, не е Неговата волја нешто да се случи, дури и да гледаме дека според нашата логика очекуваниот резултат е неповратен, тоа ќе се промени дефинитивно, согласно волјата Божја.

Се разбира, честопати не се случува тоа што било Божја волја, затоа што Бог го гледа нашето неверие. Гледа дека престојуваме во пространството на онтолошкиот страв поради целосното отуѓување од нашиот Создател и од таа причина Тој не се меша, за да го даде погодното решение на нашите проблеми.

Имајќи го ова во предвид и обидувајќи се да го оствариме, ќе можеме со помали психосоматски загуби да поминеме преку состојбата во која се наоѓа општеството сега и секој еден од нас лично, поради болеста на коронавирусот.

Над сите и над сè е Создателот на човекот и на созданието – Троичниот Бог, како што проповеда светиот пророк Давид: „Господова е земјата и сè што ја исполнува, вселената и сите што живеат во неа“ (Псалм 23,1).

Од самиот човек зависи дали ќе Го врати повторно во својот живот со својата онтолошка вера, така што да се успокои и да се спаси.


Извор: dveri.bg
Превод: Наташа Наумоска