Смирението нѐ помирува со Бога

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на Божествената Литургија во Неделата на митарот и фарисејот, на 25 февруари 2024 лето Спасителово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Од денеска, возљубени мои, започна да се употребува божествената книга Посен Триод, којашто ќе се користи на богослужбите во овие подготвителни недели и во текот на целата Света Четириесетница, сѐ до Светата и Велика Сабота. Нашата света Црква, значи, отсега па во текот на следните десет седмици ќе нѐ подготвува со својата чудесна психагогија за највеликиот празник, кој е воедно средоточие на христијанскиот живот – Воскресението Христово.

Триодот – познат уште и како Трипеснец, бидејќи канонот на Утрената содржи три песни со повеќе строфи – започнува најпрво со изјаснувањето и опевањето на Христовата парабола за Митарот и Фарисејот. Имено, во оваа приказна Господ Исус Христос раскажува за двајца луѓе кои влегле во Храмот Господов: Два човека влегоа во храмот да се помолат: едниот фарисеј, а другиот цариник (Лука 18,10). Во грчкиот оригинал на текстот Евангелистот го употребува глаголот ἀνέβησαν, што во буквален превод значи ’се искачија‘. Терминот е употребен со двострано значење – практично и духовно. Имено, за да можел да влезе човек во ерусалимскиот Храм тој навистина требало да се искачи по материјални скали, но во духовна смисла, под тоа искачување Отците подразбираат дека кога човек ќе тргне кон Божјиот храм, кога ќе посака да се претстави пред Бога, треба духовно да се искачи, односно да се доближи до Бога преку молитви и созерцание.

Еден од тие двајцата што денес влегле во Храмот, бил фарисеј, човек од високот сталеж во тогашното јудејско општество, угледна личност и народен старешина, кој добро го познавал Светото Писмо, исполнувал сѐ што предвидувал Законот, постел двапати неделно и давал десетокот за Храмот од сѐ што ќе стекнел. Во тоа време побожните Евреи навистина постеле двапати неделно, и тоа во четврток и понеделник: во четврток заради тоа што пророкот Мојсеј на тој ден се искачил на гората Синај, и во понеделник оти тогаш се симнал и му го предал на народот Божјиот закон што го беше примил од Самиот Бог. Во Новиот Завет, пак, ние Христијаните постиме во среда и петок, заради предавството, страданијата и распетието на Синот Божји. Но постот како правило сам по себе не значи ништо доколку не е надополнет со суштината: смирението, добрите дела и молитвата. Затоа Црквата денеска со оваа парабола посебно ни напомнува за суштинската важност на смирението во нашиот живот. Бог нѐ подготвува за средба со Себе и како прв чекор кон таа цел ни го предлага смирението. Впрочем, и Самиот Христос дојде меѓу нас во крајно смирение, или, како што вели Апостолот Павле, снисходејќи ни, Он до тој степен се смири Себеси, што се испразни од Своето Божество, та стана човек, како еден од нас, за да може да општи со нас. Во богословската литература тоа Божествено испразнение и крајно смирение се нарекува кеноза. Значи, дојде Он во светот што ние луѓето го претворивме во место на страдање, на зло, на многу таги, на безброј опасности. И знаеме од Неговото Евангелие на колку опасности и злости бил изложен Он уште од самото Свое раѓање, кога злобниот цар Ирод наредил да бидат убиени сите Негови врсници, сметајќи дека со тоа ќе Го погуби и Него. И колку ли само пати народните старешини и првенци се обидувале да Го фатат и убијат, затоа што сметале дека Неговото учење е хула. Едноставно не можеле да го разберат Божјото смирение.

Но, мили мои, бидете сигурни дека и ние не можеме во потполност да го разбереме Божјото смирение. Оти, навистина, воплотувањето на Синот и Словото Божјо, Неговото вочовечување, Неговата дејност на Земјата и Неговото неискажливо трпение во страданијата, Крстот и Воскресението, се е една голема, света и надразумна тајна, неразбирлива за нашата човечка логика. Тие величија Божји можеме само со вера да ги прифатиме и со љубов и поклон да ги целиваме. За до некаде да го разбереме, колку што е можно за човечката природа, сето тоа што Бог ни го говори, она што Он го направи и го прави заради нас, неопходно ни е смирението. И тоа токму онакво какво што покажал денес цариникот, кој, одејќи во храмот, оставил сѐ што го опкружувало, погледнал длабоко во себеси, ја воочил Својата грешност и немоќ и запросил само едно откај Господа: прошка. Притоа, тој човек никого не осудил, со ништо не се пофалил, не се осмелил дури ни главата своја да ја крене нагоре и да погледне кон небото, бидејќи се сметал за крајно недостоен. Застанал некаде на самиот крај од храмот, со поглед свиен надолу и со душевен лелек молел за прошка и милост. Другиот, пак, фарисејот, бидејќи угледен и почитуван во општеството, не сметал дека треба да појде во храмот за да се помоли и да се поврзи со Бога, туку за да покаже колку знае и колку многу е исполнителен, да се пофали дека прави сѐ што Бог заповедал, пости според одредбите на Законот и редовно дава десеток за Храмот. И згора на сето тоа, замислете, тој дури и Му благодари на Бога што не е како другите луѓе: грабливци, несправедливи, прељубници, или како оној присутниот цариник. Дотолку се дрзнал што во својата „благодарност“ кон Бога ги осудил сите други, па и самиот покајник кој дошол искрено да Му се помоли на Бога. Се поставил толку надмено, како да ги знае дури и срцата на луѓето. Меѓутоа, мили мои, Бог единствен ги познава срцата на луѓето. Само Он ги знае внатрините на оние што нам ни се чинат како лажливци, крадци, блудници, грешници. И само Он знае колку тие се каат. Некои можеби ќе направат некој голем грев пред нашите очи, ама ние не знаеме дали и колку тие ќе се покаат уште истата вечер. Тоа ни кажува дека ние не смееме да бидеме судии на своите ближни. Еден е Судијата, срцезналецот Бог. За ова, Свети Јован Лествичник вели: „Знам човек кој згреши јавно, но се покаја тајно. И него кого јас го осудив како неморален, Бог го виде како чист, бидејќи овој со своето покајание сосем Го имаше смилостивено“.

Токму така и заврши денешната парабола. Господ го оправда не надмениот фарисеј, туку понизниот митар. Оној кој се смири себеси, кој се биеше во градите и викаше: Боже, биди милостив спрема мене грешниот!  За него Христос рече: Ви велам: тој си отиде дома повеќе оправдан, отколку оној, зашто секој што самиот себе се возвишува, ќе биде понизен, а кој се понизува себе самиот, ќе биде возвишен (Лука 18,13-14).

Возљубени мои, нашиот мил Спасител нѐ повикува на смирение. Он нѐ научи на смирението со Својот личен пример. И многубројните светии нѐ учат на смирение. Оти, само смирениот човек може да се победи себеси. А да се победиш себеси е најголемиот извојуван триумф. Тоа го констатирале и старите философи пред Христа. Смирениот човек може постепено да ги стишува и да ги пренасочува своите страсти кон нешто добро и така да се доближува до Бога. Тој се смета себеси за грешен и последен од сите; знае дека сѐ што има во овој живот му дадено на дар од Бога и дека само Он е сопственик и исцелител и на душата и на телото. Следствено, наше е да Го бараме Бога, да Му се молиме, да проштаваме на сите и во никој случај да не судиме како денешниот фарисеј. Одиме в Црква не за да осудуваме и да се фалиме, туку за да се смириме пред лицето Божјо. И за тој наш скромен труд, за тоа наше мало смирение ние добиваме несразмерно повеќе, добиваме оправдание како митарот и ја стекнуваме безграничната милост Божја.

Некои толкувачи на Светото Писмо претпоставуваат дека митарот од денешната парабола е, можеби, истиот оној од претходната недела, односно цариникот Закхеј. Се сеќавате од мината недела за смирениот Закхеј, кој пројавил толку силна желба да Го види Бога и да се промени. И бездруго, Закхеј сигурно долго време се каел за своите претходни гревови, се борел и се молел за да се промени, одел во храмот, го заземал последното место таму и се молел: „Господи, очисти ме, грешниот“. Само смиреното срце, мили мои, може да стане сместувалиште за Бога, дом Божји, врата небесна. Смирениот човек ја има доблеста добро и непристрасно да погледне во самиот себе и да забележи колку слабости и страсти има. И кога ќе ја увиди сопствената ништожност и немоќ, единственото нешто што му преостанува е да Го побара Бога, така што ќе почне да ја кажуваа молитвата на митарот. Овој покајнички восклик, всушност, станал темелна молитва на поколенија и поколенија монаси исихасти, а и на Христијани воопшто. Таа ја здобила својата конечна форма: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот и со неа се осветиле безброј Христијани. Затоа, убаво е таа да се кажува од утро до вечер, преку целиот ден, а како што говори Св. Јован Златоуст, ако е можно и преку целата ноќ. Оваа молитва на христијанско смирение, наречена е уште и умно-срдечна, бидејќи се одвива во умот и во срцето, во смирение и благодарност.

Сега, кога започна подготвителното време за Светата Пасха, најважно е, мили мои, да се трудиме во смирението и молитвата. Не да бидеме занесени фалбаџии и самоумислени праведници и сезнајковци. Фарисејот јавно се фалел со своите доблести и молитви. Господ Христос на едно место во Евангелието опишува како фарисеите и садукеите оделе по раскрсниците за да бидат видени од луѓето, барале први места по гозбите, носеле облеки со широки поли на кои биле испишани дури и цитати од пророците и кога ќе даделе некому милостина тоа го правеле јавно, за сите да ги видат и да ги фалат. Денес, можеби, вообразените верници не излегуваат на раскрсница да се фалат, но затоа, пак, ги имаат социјалните мрежи. Така, често може да се забележи појавата Христијани, наполнети со осудувачки дух, да пишуваат и пишуваат по социјалните мрежи, самоуверено да расправаат, да делат правда, па дури и одат дотаму што сметаат дека се повикани да го „бранат“ Православието, честопати и од самите пастири. Имаме на интернет луѓе кои попрочитале нешто, изгледале неколку видеа на Јутуб и си мислат дека веќе сѐ знаат. И веднаш се поставуваат над свештениците, над монасите, над епископите. Без да го имаат ни она основното, задоволително образование во областа на теологијата и еклисиологијата, тие си земаат за право и да коментираат, да судат, да застануваат на местото од Господ. Но ете, нека се и образовани. Зарем тоа им дава право така јавно да осудуваат? И потоа соблазни колку сакате. А се удираат в гради: „Ние Христијани сме! Православци до смрт!“ Токму како овој фарисеј од денешниот евангелски расказ. И се дрзнуваат да ги осудуваат дури и монасите. Велат: Монасите не знаат ништо. Значи, според нивната логика, монасите, општо земено, го промашиле својот живот, залудно дале на Бога сѐ што имаат. Зашто еден монах во општежитие дава сѐ што има свое. Тоа не значи дека ние, монасите сме светии, дека не грешиме, дека не можеме да паднеме. Но голема е, сепак, жртвата што монахот ја прави кога ќе отиде да живее и да се подвизува во еден општежителен манастир. Тој не може воопшто ни да помисли, а камоли да се надева да добие плата, бидејќи такво нешто не постои. Ниту може да очекува дека ќе има било што свое, или дека ќе може да излезе од манастирот кога и да посака. Значи, како што реков, еден монах во општежитие дава сѐ што има во животот, го дава и она најскапоценото – самиот свој живот. Ова не го велам само за да ги пофалам монасите, туку би сакал некако да испратам порака до оние што се однесуваат фарисејски. Гледате дека Господ ни покажа дека тоа не е првиот пат и нѐ упати кон она вистинското – да бидеме смирени. Во богослужбената книга Триод што денес ја започнавме, во службата на Велики Четврток е воспеан настанот кога Спасителот Христос пред Своето распетие до толку покажа смирение, што се опаша со крпа, па се наведна и им ги изми нозете на Своите ученици, велејќи им: Вие Ме наречувате Учител и Господ; и право велите, бидејќи Јас сум таков. Ако, пак, Јас, Господ и Учител, ви ги измив нозете, тогаш и вие сте должни еден на друг да ги миете нозете. Затоа ви дадов пример да правите и вие така, како што ви направив Јас (Јован 13,13-15).

Значи, смирувајте се едни пред други и љубете се едни со други и никого не судете, бидејќи само Бог е судија, Бог ги знае срцата на луѓето. Уште од времето на Стариот Завет Бог бара од луѓето судот да Му го остават Нему: Одмаздата е Моја, Јас ќе отплатам! И пак: Господ ќе му суди на народот Свој. И во Новиот Завет Господ ни порачува: Не судете, за да не бидете судени, оти, со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери (Матеј 7,1-2). Ја знаеше Он жестокоста на човечките срца и нѐ остави на нашиот сопствен суд. Затоа да внимаваме! Бог нè опомена дека доколку ние сме строги со луѓето што нѐ опкружуваат, со нашите ближни и Самиот ќе биде строг кон нас на Судот. И притоа нè заплаши со нашата сопствена жестокосрдечност. Но и покрај Божјата праведност, на крај повторно преовладува Неговата милост и неопислива благост, па одново и одново ни проштава и ни дава многу шанси да станеме вистински Христијани. Затоа, да се потрудиме во овој претстоен пост да го подражаваме смирениот митар, кој го зазеде последното место, кој плачеше над својата беда, над своите гревови и бараше од Бога прошка. Така ќе можеме  целиот пост да го поминеме богоугодно, не судејќи ги ближните, љубејќи и правејќи добри дела, бидејќи постот, доколку не е проследен со добродетели, е само една обична диета и не преставува ништо пред лицето Господово. Господ да ни дава сили да погледнеме во себеси и да се потрудиме, да се смириме и смирени до крај да си дочекаме и оваа година богоугодно да завршиме со Посниот Триод и достојно да го дочекаме славното Христово Воскресение, со мир во душите и мир во целиот свет.

Амин!