† ВАРТОЛОМЕЈ
По милоста Божја
Архиепископ на Константинопол – Нов Рим
и Вселенски патријарх
до сета полнота на Црквата,
да биде благодат и мир
од Спасителот и Господ наш Исус Христос,
а од нас благопожеланија, благослов и прошка
Сечесни браќа и возљубени чеда во Господа,
Го славиме во Троица Бог, Кој во Црквата повторно нѐ доведе до сечесното и благословено време на светата и велика Четириесетница, до поприштето на телесната и духовна вежба и подвижничките борби, како би се подготвиле христоподобно и да се упатиме во смирение кон светата и велика Седмица и живоносното Воскресение Господово.
Секако, подвигот не е обележје само на светата и велика Четириесетница, ниту работа и обврска само на монасите, ниту е резултат на надворешно влијание врз христијанскиот етос, односно стран елемент на нашето благочестие. Подвижништвото спаѓа во јадрото на христијанското постоење и живот на Црквата. Тоа претставува повик Христов кон верните и сведоштво на Неговото спасително присуство во нашиот живот. Ние верните не се обраќаме кон еден безличен и недопирлив Бог, туку кон воплотеното Слово, Кое ни ја откри љубовта на Бога и Отецот и заедницата на Светиот Дух, полнотата на благодатта и слободата. Во оваа смисла, светата и велика Четириесетница, полна со Божји благослови и особени длабоки доживувања, останува да биде динамичен израз и откровение на богатството и на вистината од полниот црковен живот.
Ништо во животот на верниците не е поодделно и цел само по себе. Во Христа животот е целосен и неразделив. Покајанието, смиреномудрието, молитвата, постот, добротворните дела се взаемно поврзани и го насочуваат верникот кон Евхаристијата на Црквата, која е есхатолошкото таинство на Царството. Подвижничките борби се почетокот, „тесната врата“, која нѐ води кој Светињите на Светиите. Во нашето Предание не постои „подвиг заради подвиг“. Подвижништвото е секогаш пат, кој се заокружува кога ќе се соцркови, кога ќе нѐ одведе до причастието со Сечесните Таинства, преку кои се присоединуваме на движењето на Црквата кон Есхатонот. Потсетуваме на примерот од чествуваната во петтата седмица од Постот, преподобната Марија Египќанка, која, после четириесет години тежок подвиг и непрестајна молитва, побарала причест со Телото и Крвта Христови од рацете на свети Зосима, знаејќи дека Божествената причест е извор на животот и лек за бесмртност. И Светиот и велик собор на Православната црква (Крит, 2016), кој го нарече постот „голема духовна борба“ и „превосходен израз на подвижничкиот идеал на Православието“, потенцира дека „вистинскиот пост се однесува на севкупниот во Христа живот на верниците и кулминира преку нивното учество во богослужението и особено во таинството на Божествената Евхаристија“ (Важноста на постот и неговото пазење денес, § 1 и 3).
Православната духовност не може да се замисли без учество во Божествената Евхаристија, преку која ние верните сочинуваме едно тело, заедница на лица, општество на животот, причасници на „општото спасение“ во Спасителот Христа, Кој е „општо добро“. Така постот е потчинување и послушание на правилото на Црквата, искуство на заедницата. Светата и велика Четириесетница е поттик да ја откриеме Црквата како место и начин на осветување и светост, како предвкус и слика на прекрасното светолитие, полнотата на животот и исполнетоста со радост од есхатолошкото Царство. Искуствено и богословски е невозможно да го сфатиме духот на светата и велика Четириесетница, доколку не ја созерцаваме како пат кон Пасхата. Во текот на целото време на постот се пази една „пасхална смисла“ за животот. Присилното подвижништво е лошо изобличување на христијанското живеење, заборав за благодатта што доаѓа и за Царството што ќе дојде, живот како „Христос никогаш да не дошол“, без очекување на „воскресението на мртвите“ и „животот на идниот век“.
Постот пред Пасха го воплотил овој дух и во древната Црква, како време за подготовка на огласените за светото Крштение во текот на Божествената Литургија на Воскресението. Подоцна, кога огласителниот карактер на времето на овој пост бил заменет од етосот на покајанието, се запазил и останува како егзистенционална длабочина и доживување на „покајанието“ како „второ крштение“, кое повторно нѐ воведува во пасхалната евхаристиска полнота на црковниот живот, во домот на Отецот, во заедницата на Светиот Дух. И тука „подигнувањето на крстот“ претставува пат кон неискажливата радост на Воскресението.
Во текот на овие денови својот тежок Крст го подига и благочестивиот Украински народ, кој ги претрпува неискажливите зла од една неиспровоцирана и неразумна агресорска војна, која шири болка и смрт. Сострадајќи со искушуваните браќа и чеда наши, ги подигаме нашите молитви кон Господа на милоста и Бога на мирот за непосреден прекин на огнот и преовладување на правдата и мирот, кои се предвкус на исполнителната радост на Царството Божјо.
Оваа спасителна вистина на Православната вера, благочестие и духовност се пројавува и во случајот на осветувањето на светото Миро, кое, со Божјата благодат, ќе го совршиме годинава во текот на Великата седмица во нашиот свет Центар. Благословеното „најбоготворно“ масло на оваа „Евхаристија на Мирото“, преку таинството на Миропомазанието ги предава различните дарови и многуобразните харизми од Светиот Дух на новопросветениот „небожител“, заради негово утврдување да учествува во животот на Црквата, најнапред преку причестувањето со пречистите Таинства, како и за набожен живот и за сведоштво пред светот за дарот на благодатта и надежта што е во нас. Карактерот на Светиот Дух како „сила на општењето“ се покажува и во начинот на подготовката на светото Миро преку варењето на состојки кои се принесени од помесните Православни Цркви, но и со местото и времето на неговото благословување во евхаристиското собрание, веднаш после осветувањето на чесните Дарови, како и преку останатите црковни употреби на светото Миро, како што е помазувањето на инославните и отпадниците што пристапуваат на Православната црква, при осветување на храмови, посветување на свети трпези, антиминси и во други случаи.
Со овие чувства, молејќи се за добар пат по поприштето на постот и непречена трка кон Пасхата Господова, ја призиваме врз вас, сечесни во Христа браќа и по сета вселена чеда на Мајката Константинополска црква, живодарната благодат и големата милост на Христа Бога, Кој присно ги благословува подвижничките успеси на Својот народ.
Света и велика Четириесетница 2022
† Константинополскиот, огнен пред Бога молитвеник за сите вас