Постот како пат кон небесната Татковина

Слово на Неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на Умилителната вечерна на проштавањето, на 6 март 2022 лето Спасителово


Симнете ја проповедта на вашиот уред


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Најнапред, да Му се заблагодариме, најмили мои, на Бога, што нè удостои и оваа година да стасаме до оваа прекрасна богослужба, наречена Умилителна вечерна на проштавањето, во навечерието на Светата и Велика Четириесетница.

Постот е едно од средствата за стекнување на духовното богатство, единствено потребно на човекот. Сакајќи да им укаже на луѓето кон што треба да ги сосредоточат своите сили и помисли, Господ Исус Христос во Евангелието вели: Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат. Зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше (Матеј 6,19-21). Нашето богатство е, значи, отаде, во вечноста. Тоа е богатството што преку Синот и Словото Божјо ни го приготви Триединиот Бог наш, Кој повторно ни ги отвори вратите на Рајот, со Своето доброволно Распетие и тридневното Воскресение.

На богослужбите во подготвителните неделни денови пред Великиот Пост, Црквата го пееше 136 псалм: Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион (1). Овој псалм историски се однесува на периодот кога Евреите биле под Вавилонското ропство седумдесет години. Тие биле предадени на такво жестоко ропство, бидејќи претходно се имале одвратено од верата во вистинскиот Бог и предадено на лажното идолопоклонство, исполнувајќи се со лоши навики и стекнувајќи неморални нарави. Ставени под горкиот ропски јарем, пророците и народните учители цело време го поттикнувале и поучувале израилскиот народ на покајание. Затоа може да се почувствува дека овој впечатлив псалм е натопен со покајание и воздивнува со една длабока носталгија по изгубената татковина. Тогаш Евреите тагувале по својот убав и свет град на Земјата, Ерусалим, мислите им биле управени кон нивниот храм, кон Светињата на Светињите, па затоа пееле: Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, нека ме заборави мојата десница, нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост (5-6). Она што ги одржало во тој тежок период била токму мислата дека еден ден ќе се вратат во Ветената Земја и повторно ќе го изградат Ерусалимскиот храм. И нас, мили мои, треба постојано да нè држи таа возвишена мисла, таа носталгија за градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим (Евр. 12,22).

Грижата за стекнување на вечноста во нашата душа гради духовен храм, во кој на Бога Му принесуваме жртви на добрината и на љубовта. Светата Четириесетница е токму тоа погодно и посебно благословено време кога се трудиме низ подвиг да го украсиме својот внатрешен храм со добродетели. Суштината на постот не е, значи, само промена на начинот на исхрана, а притоа да си мислиме дека правиме нешто особено важно. Храната е само еден и можеби, најнезначителен сегмент. Најсуштествено во постот е воспитувањето на својот дух и неговото насочување кон Царството Небесно. Јасното и ревносно чувствување на желбата да се соединиме со Бога. Копнежот да оставиме зад нас сè што е земно и суетно и да почувствуваме како е да се биде жител на Небото. А да се биде жител на Небото значи да се живее со радоста во Христа, да се има мислата во љубовта Негова, зашто Самиот Он е Царството Небесно. Вистинската молитва претставува токму тоа: воздигнување на срцето кон Бога.

Само на овој начин, кога на постот му пристапуваме со љубов и смирение, тој е навистина богоугоден. Во спротивно, доколку човек не општи со Христа, не Го чувствува во своето срце како радост, милост и добрина, прашање е дали воопшто би можел подолго време да издржи каков било подвиг. А овој пост трае цели седум недели – што е своевидна симболика за седумдесетте години Вавилонско ропство на Израил. Дури откако во своето силно покајание ги натопија со солзи пустините на вавилонската земја, на Евреите, по Божјата милост, им беше дадено да се вратат во Ветената Земја и одново да го изградат храмот Ерусалимски. Така треба и ние, мили мои, подобно на нив во текот на претстојните седум недели да сфатиме и почувствуваме дека овој свет е, всушност, еден вид ропство за нас, за нашиот дух, кој, притеснет од материјалните желби и угодности, не може да се издигне кон пределите на Божествената слобода и радост. Затоа, да се трудиме да го стекнуваме вистинското богатство, ризницата на Христовиот мир, и со сите желби насочени кон Христа, да се удостоиме да се поклониме на Неговите спасителни страдања и да го видиме незалезниот блесок на Неговата сесветла Пасха, којашто, всушност, е целта на нашиот живот.

Великиот Пост е еден вид наше благодарствено жртвопринесување кон Бога. Му ги принесуваме на дар своето воздржание, молитвите, отвореното срце, добрините, радоста. А Спасителот ги поучува Христијаните дека, кога сакаат да принесат жртва, треба да бидат помирени со секого: И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па оди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот (Матеј 5,23-24). Токму таа е причината што Црквата нè повикува сите на овој ден, пред почетокот на „Четириесетдневната пролет“, на таа наша духовна печалба, да се измириме со сите луѓе, да побараме прошка за нашите грешки и падови. И во времето на Стариот Завет имало сличен ден, годишен празник наречен Очистување, кога Евреите од сиот свет се собирале во Ерусалим, за да принесат жртви. Тогаш и тие едни со други си проштавале, пред да пристапат кон жртвеникот. Тоа, нас Христијаните, луѓето на Новиот Завет, на благодатта, нè повикува на уште поголема одговорност и усрдност вистински да си проштаваме, та да можеме на Бога да Му принесеме пријатни жртви на милост и добрина. Доколку не простиме од срце, како ќе принесеме добар дар?!

Бог, рековме, е милост, добрина и љубов. Он ја простира Својата татковска грижа врз сиот свет. Затоа, добро е ние кои знаеме за Него, кои сме удостоени да бидеме во верата на Божјото откровение, да се потрудиме од срце, со духовни и телесни подвизи, секој според силите, да Му принесеме еден скромен дар на благодарност. Да го исползуваме ова време за очистување, така што ќе Му покажеме дека навистина Го љубиме како Негови деца. Овој наш подвиг е повеќе од потребен, најпрвин заради самите нас, но истовремено и за оние кои се наоѓаат во мрак и богоотпадништво. Ние, како носители на Божјата вистина, имаме одговорност за сиот свет, на кого, како што гледаме сите, потребен му е Божјиот мир. Човештвото е разбранувано од немири и од злоба, а тие се резултат на непокајанието. Мирот, пак, оној вистинскиот, внатрешен мир, доаѓа само како плод на човечкото покајание. Па затоа не смееме да се обесхрабруваме и да очајуваме, мислејќи дека не можеме да направиме ништо во поглед на големите нешта од овој свет, особено за миротворството. Напротив. Секој од нас поединечно може многу да придонесе, доколку навистина се приближи до Бога и го стекне Христовиот мир во душата, бидејќи тој веднаш потоа оттаму се проширува и во околината. Охристовените луѓе се миротворци на општо ниво и затоа Господ вели: Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји! (Матеј 5,9) Синови Божји! Има ли поголемо достоинство од тоа?! Христијаните, значи, се повикани да се уподобат на најголемиот Миротворец, на Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз себе (Јован 1,29), на кроткиот и смирен Христос, Кој доброволно се искачи на Крстот за нас.

Сведоци сме, за жал, на сè поголемо обезвреднување на човечкиот живот. Денес имаме една војна на православно тло. Секојдневно гинат луѓе – не само таму ами насекаде по светот. Да не забораваме дека ние сме само гости на овој свет, поминуваме и заминуваме. Затоа гледајте вашиот пат да биде насочен кон Небесната татковина. Да се трудиме, мили мои, со сите наши сили, духовни и телесни, да се воздржуваме од злото со пост и молитва и да се прилепуваме кон доброто, та да измолиме од нашиот преблаг Спасител Господ Исус Христос да вдахне кај сите желба за покајание. Да се всели мирот во нашите души, во сите луѓе и на тој начин мирот да преовладее во светот. Вратата на Царството Небесно е отворена за оние кои со смирение и љубов се подвизуваат. Христос вели дека Царството Небесно насила се зема и силните го грабаат (Матеј 11,12). Тоа не значи насилно, со војна и со оружје од овој свет, туку со подвизи, со присилување на сопствената природа и волја, со разгорување на желбата во нас за вечноста, за соединување со Бога. Во нас, значи, треба да спроведеме една војна против страстите и гревовите и против сето она што нè оддалечува од небесната Татковина.

Нека милостивиот Христос Бог ни даде сили да го издржиме овој пост во богоугоден подвиг, во смирение и миротворство, за да се удостоиме со солзи да се поклониме на светиот Крст Господов и на светата Пасха, во радост и во мир. Амин!