† В А Р Т О Л О М Е Ј
по милоста Божја, архиепископ Константинополски
на Нов Рим и Вселенски патријарх
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос
Високопреосвештени и Богољубиви браќа,
возљубени чеда во Господа,
Откако стасавме до големиот празник на Рождеството Христово, Го славословиме со химни и духовни песни Господа Кој заради нас се смири и го зеде нашето тело, за да нè ослободи од „ропството на туѓинецот“ и на родот човечки да му ги отвори вратите на рајот. Се весели Црквата Христова, која литургиски го доживува сето таинство на Божествениот Домострој, предвкусувајќи од славата на есхатолошкото Царство и христоподобно му дава на светот добар пример на верата, на надежта и на љубовта.
Карактерот на Црквата, кој „не е од овој свет“, не само што не ја отцепува од историската и општествената стварност, туку и го вдахновува и засилува нејзиното сведоштво. Така, Црквата, секогаш со осврт на вечната предопределба на човекот, им служи на неговите егзистенционални потреби, како Добриот Самарјаин налева „масло и вино“ на неговите рани, бивајќи секогаш „ближен“ на секој што „паднал во рацете на разбојници“ (сп. Лк. 10,25-37), ги лекува современите „болести на цивилизацијата“, ги просветлува помислите и срцата на луѓето. Духовноста, како присуство на Светиот Дух во животот на верните, значи да се сведочи со дело и со слово надежта која е во нас и таа нема никаква врска со неплодната интровертност. Светиот Дух е подател на живот, извор на добрина, раздавач на дарови, живот и светлина. Христијанинот е разгорен човек, богољубив, човекољубив и добротољубив, активен и креативен.
Евангелието на Рождеството Христово и годинава се слуша во една цивилизациска околина, во која за највисока вредност се смета „индивидуалното право“. Самоцентричноста и заблудата на самоостварувањето го намалуваат општественото единство, го ослабуваат дружељубивиот дух и солидарноста, а меѓучовечките односи ги претвораат во инструмент. Незадржливиот економизам и секуларизираноста ја продлабочуваат егзистенционалната празнина и доведуваат до собирање на креативните сили на човекот.
Невозможно е Црквата да остане индиферентна за ваквиот развој на работите, чии последици, пред сè, ги трпат младите, преку примамливите уреди на технолошката култура и разноразните ветувања за „лажни раеви“. Светиот и велик собор на Православната црква (Крит, 2016) особено ги повика младите „да се освестат дека се носители на долговековното и благословено предание на Православната црква, а истовремено и негови продолжители“, да учествуваат активно во животот на Црквата, „храбро да ги запазуваат и динамично да ги одгледуваат вековните вредности на Православието, за така да го дадат плодоносното христијанско сведоштво“ (Окружно, § 8 и 9).
Во овој дух, целејќи кон поттикот на Светиот и велик собор и со осврт на неодамнешниот избор и поставување на новите архиепископи на Америка, на Австралија и на Тијатир и Велика Британија, во овие три големи епархии на Вселенскиот престол во дијаспората, ја прогласуваме 2020-та година за „година на пастирско обновување и должна грижа за младината“, повикувајќи го целиот наш клир и христоимениот народ во учество и поддршка на оваа набожна иницијатива.
Целиме кон развивање на „пастирска грижа низ дијалог“, со замисла и визија, со непоколеблива вера во благодатта Божја што постојано се излева и со доверба кон силата на слободата на човекот. Оваа пастирска грижа, која е концентрирана на личноста, е должна да ги обрати младите од „да го бараат своето“ и „да си се угодни себе си“, во љубов „што не бара свое“ и „да се угодни на Бога“, од „добра“ кон „Добриот“, од „грижата за многу работи“ кон „само едното што е потребно“, придонесувајќи кон издигнувањето на даровите на секого од нив. Вистински слободниот сам се раѓа преку принесувањето на самиот себе.
Основа за разбудување на христијанската свест и денес останува да биде доживувањето и разбирањето на значењето на христијанското богослужение, неговиот општествен, евхаристиски и есхатолошки карактер. Младите треба да се свесни дека Црквата не е здружение на Христијани, туку „Тело Христово“. Го повикуваме свештениот клир на светата и велика Христова Црква по целата вселена за пастирско активирање до самозаборав. Нема да чекаме младите да дојдат кај нас, туку ќе тргнеме ние кон нив, не како судии, туку како пријатели, подражавајќи го „Добриот Пастир“, Кој „душата своја ја полага за овците“ (Јн. 10,11). Пастирот секогаш се наоѓа во бодрост и приправност, ги знае пастирските потреби на младите и нивните општествени околности и дејствува согласно нив. Неговата пастирска интервенција црпи вдахновение и насока од преданието на Црквата, која на младите им нуди не само „помош“, туку и „вистина“ на слободата, со која „Христос нè ослободи“ (Гал, 5,1).
Со овие размисли, поклонувајќи се со благоговејност пред Божествениот Младенец од Витлеем, од празничниот Фанар ви посакуваме на сите вас благословено дванаесетдневие и благоплодна нова спасителна година, призивајќи ја врз вас секогаш живата благодат и големата милост на снисходливиот кон родот човечки Спасител Христос, „со нас е Бог“.
Рождество Христово 2019
† Константинополскиот
огнен молитвеник пред Бога за сите вас