Божиќно послание на г.г. Стефан: Да го чуваме тоа што ни е светост и посебност, да ја чуваме и живееме верата, да ги чуваме светињите

Божиќно послание на г.г. Стефан

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ПО ПОВОД БОЖИКНИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА НА
МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Да појдеме во Витлеем и да го видиме тоа што се случило… (Лк. 2, 15)


Возљубени чеда во Господа,

Денес е денот на радоста, денот кога ја доживуваме вистината и убавината на нашата вера; ова е денот на добрата волја, денот кога Милостивиот Бог се понизил заради нас и заради нашето спасение, денот кога Миротворецот му подарил мир и помирување на човечкиот род и на светот… Денес, Оној, Кој ги создаде светот и човекот, станува Богочовек, се раѓа како човек, за човекот да го спаси.

Денес го прославуваме Божик, како и сите големи празници, за духовно да закрепнеме и духовно да се издигнеме, сеќавајќи се на големите настани од историјата на спасението. Црковните песнопенија на овој велелепен празник нè повикуваат со мислите да се пренесеме во онаа неповторлива ноќ во Витлеем, за да ги разбереме даровите од тој спасоносен настан за човечкиот род, за да ја разбереме богооткриената вистина – дека веќе не сме робови, туку постанавме синови, наследници Божји[1]. Со рождеството на Синот Божји дојде помирувањето со Бога и се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Тој ден  е денот најавуван од старозаветните пророци[2] и денот по кој копнееле старозаветните праведници. Затоа тој празник е мајка на сите празници и празник на исполнетото ветување[3], кога Синот Божји ја објави тајната за Бога, но и тајната за човекот.

Возљубени чеда во Христа Спасителот,

Чудесната ѕвезда на небото и денес ги просветлува народите, приведувајќи ги кон богопознание, како што вели нашиот свети Климент Охридски[4]. Па да им се придружиме на ангелите околу витлеемската пештера и да Му ја запееме на Богомладенецот песната на мирот, надежта и добрата волја[5], оти и денес народите имаат потреба од небесната порака, од евангелската љубов и од вечните, спасоносни дарови.

Христовото рождество е празник кој донесе небесна радост, а таа радост и денес ни порачува да празнуваме божествено и христијански, да празнуваме небесно и духовно, да празнуваме со радоста објавена од небото, со радоста што надминува сè и трае, зашто Бог го посети и го избави народот Свој [6].

Возљубени празникољупци,

Големината на Богомладенецот се огледува во Неговата скромност и во Неговото смирение, а скромноста и смирението се почетокот на сите добродетели. Со нив Бог дојде во светот: се роди во близина на малиот и непознат град Витлеем, и се роди во пештера! Тој, за Кого целата вселена е тесна, во пештера најде дом за Своето рождество и беше положен во јасли. Пештерата, „која беше како најпрекрасна палата“[7], ги покажа Неговото неизмерно смирение и Неговата преголема долготрпеливост. Таа пештера и тие јасли постанаа место за поклонение не само на пастирите и на мудреците, туку и за многубројни богољубиви луѓе во изминативе дваесет столетија. Верата на пастирите и на мудреците остана пример и идеал за сите христијански поколенија. И ден-денес на Бога Спасителот Му се поклонуваат луѓе од сите народи и од сите краеви на светот. Но Бог не гледа на тоа кој е кој и кој од каде е, туку ги поттикнува и ги вреднува смирението и кротоста – добродетелите што и Самиот ги посведочи.

И покрај сиот дар, современото човештво е зафатено од најстрашната болест – себељубието. Денешнава генерација како да ги измени вредностите, па опстојувајќи во самољубието, го понижи смирението, а со таквиот однос не само што се отфрлени чесноста и побожноста, туку тоа ги нарушува и меѓучовечките односи. Денес сè помалку има човечност, а сè повеќе нетрпеливост и неразбирање меѓу луѓето и народите. Оттаму, во животот на луѓето гревот како да станува сè повеќе добродетел, а добродетелта како да станува непотребна и сè повеќе се вреднуваат минливите од трајните вредности. Со тоа денешниот човек сè повеќе се оддалечува од Бога и му робува на злото. Но доколку ги замениме себељубието и сите пороци, со дела на христијанската љубов, би можеле, и секој посебно и сите заедно, да ја доживееме Божикната спасоносна радост.

Возљубени чеда на мајката Македонска Црква,

Архиепископ г.г. Стефан

Најмногу од сè треба да сме Му благодарни на Бога, затоа што Му припаѓаме Нему, што сме Негови и што со Неговото име се именуваме. Бог, со Своето доаѓање во светот, го донесе спасителното благовесно слово и, со Својата спасителна жртва, ни покажа што е и каква треба да биде љубовта. Тој ни покажа дека љубовта се потврдува со жртва и дека кога љубиме не треба да очекуваме да ни се возврати, туку да ги љубиме другите – зашто тоа е евангелската заповед[8].

   Делата на љубовта, на верата и на надежта во Бога, се огледуваат во сите времиња и по сите места каде што опстојуваме како македонски богољубив народ. Насекаде низ Македонија светилиште до светилиште, крст до крст, манастир до манастир и сите украсени со потребната убавина… Така, во годината што претстои, ќе одбележиме голем и значаен црковен и национален јубилеј – 1000 години од постоењето на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“. И, размислувајќи за овој милениумски јубилеј, заклучуваме дека и имаме со што да се фалиме пред другите, но и дека треба да имаме доволно одговорност пред ваквата милост Божја. Имаме прекрасни светилишта, кои се ненадминат дострел во уметноста и во архитектурата, по кои и светот нè препознава и се дел од нашата културна генеза. Тие се дело на нашите предци, но, за жал, голем дел од нив денес се заборавени и занемарени од надлежните институции. Непростиво е тоа што го создадовме и го запазивме во ропствата и при туѓите владеења, денес, во слобода и во суверена и независна држава, да го оставиме на негрижа и да го отуѓуваме. Впрочем, иднина имаат оние што се грижат за своето минато!

Треба да го чуваме тоа што ни е светост и посебност, да ја чуваме и живееме верата, да ги чуваме светињите. Всушност, да го чуваме тоа што нè определува пред светот како самобитни, што е нашиот идентитет – и духовен и национален! Да нe дозволиме како народ, некој во името на нас, сегашните, но и во името на нашите претходници, како и во името на тие сè уште неродените, со својата негрижа, или заради некоја друга цел, да го отуѓува или уништува нашето вековно дело. Но и да не допуштаме никој од нас да отстапува, да се откажува и да го споделува тоа што за нас е суштинско и свето.

Секој опстој е искушение и предизвик, па затоа само во слога и единство може да се брани и одбрани своето, достоинствено и со подигната глава и со гласно – не. Силата не ја моли правдата, но моментите што го засегаат духовниот, културниот, историскиот и националниот идентитет на еден народ, не треба и не смеат да бидат отстапени или да се претворат во можност за компромис. Затоа неодложно ни треба обединување и национална стратегија. И ние како народ Божји имаме право да го живееме вечниот оптимизам што го дарува денес родениот Богомладенец – Кој за сите дојде, за сите да ги спаси.

Возљубени чеда на Христа Богомладенецот,

Суштината на Рождеството Христово е во преобразувањето и во  остварувањето на целта на христијанскиот живот, а тоа е обожението. Треба постојано да растеме во Бога, да Го стекнуваме Светиот Дух и повторно духовно да се родиме. Бог не ни ветил живот без искушенија и без тешкотии, туку ни укажал дека само со живот исполнет со љубов, вера и надеж, ќе заслужиме спасение. – Кој го сака својот брат, тој е во светлина, рекол апостолот[9], зашто во љубов­та кон ближниот се препознава и нашата љубов кон Бога[10]. Со верата во Бога, поткрепена со добри дела, ќе покажеме дека ја живееме Божјата вистина и сме подготвени на подвизи за верата. Зашто, како христијани, повикани сме и кон една надеж[11] – надеж која спасува[12].

Со такви пораки им го честитаме празникот на Христовото рождество на сите чеда на светата Македонска Црква, во Татковината и насекаде по светот каде што нашиот богољубив народ Му се радува на Богомладенецот, празнувајќи го Божик во своите домови и во своите храмови.

Христос се роди!

Честито и од Бога благословено Новото Лето Господово!

 

†СТЕФАН
АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ

со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија

ПЕТАР, Митрополит Преспанско–пелагониски и
администратор Австралиско–новозеландски

ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско–кичевски
и администратор Австралиско–сиднејски

НАУМ, Митрополит Струмички

АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски

МЕТОДИЈ, Митрополит Американско–канадски

ПИМЕН, Митрополит Европски

ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички

ЈОСИФ, Митрополит Тетовско–гостиварски

ЈОСИФ, Митрополит Кумановско–осоговски

ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски

КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

ЈАКОВ, Епископ Стобиски

 

На Божик, 2019 Лето Господово


[1]     Сп. Гал. 4, 6-7;

[2]     Ис. 2, 2-3; 9, 6; Ерем. 23, 5-6; Ез. 34, 23; Мих. 5, 2;

[3]     Сп. 1. Mojс. 3, 15;

[4]     Сп. „Слово за Рождество Христово“ во Свети Климент Охридски,  

       Собрани дела: Слова, поуки, житија, МПЦ, Скопје 2012, 259;

[5]     Сп. Лк. 2, 14;

[6]     Лк. 1, 68;

[7]     Тропар од Великата вечерна на Претпразненство Христово;

[8]     Сп. Јн. 15, 17; 13, 35;

[9]       1. Јн. 2, 10;

[10]     Сп. 1. Јн. 4, 7-8;

[11]     Еф. 4, 4.

[12]     Сп. Рим. 8, 24.