Омилија на Неговото Високопреподобие Архимандрит г. Антипа, Старец на карејската ќелија на Света Ана на Светата Гора Атонска, во неделата пред празникот Воведение на Пресвета Богородица, изговорена по Божествената Литургија во трпезаријата на Манастирот Пречиста Кичевска, на 3 декември 2023 лето Господово
Сигурно повеќе пати сте се запрашале која е целта на нашиот живот? Зошто се најдовме на оваа Земја и зошто нѐ сотворил Бог? Апостолот Павле вели: „Стремете се кон светоста, бидејќи без неа нема да Го видите Господ“ (сп. Евр.12,14). Така, со едноставни зборови, целта на нашиот живот е да Го спознаеме нашиот Творец и Создател, а и многу повеќе од тоа: да се соединиме, за сите да сме со Него. Бог, од бескрајна љубов – таинство е оваа љубов, несфатливо за човечкиот ум – го сотвори целото создание и човекот како круна на Создавањето. Бог немаше потреба од нас, ние имаме потреба за Бога. Ниту, пак, Бог се почувствувал осамен, па посакал да ги има луѓето за друштво. Го создаде човекот – како што знаете – според Својот образ и подобие. Создаденото „според образ“ е самовласноста на човекот, словесноста и сите дарови што му ги даде, коишто ги поседуваат сите луѓе без исклучок. Тоа е она „според образ“. „Според подобие“, пак, го немаме сите луѓе, го имаат само оние коишто сакаат да станат слични на Бога, а штом некој може да постане сличен на Бога – колку што тоа е возможно – може и да се соедини со Него.
Сепак, човекот – како што сите знаеме – уште во рајот ја прекрши заповедта Божја, падна, беше прогонет од Рајот, и во продолжение, со илјадници години, народите, освен еврејскиот, беа далеку од Бога. Можеби еврејскиот народ беше возљубениот, избраниот народ, бидејќи само тој ја задржал вистинската вера, но Бог не го остави светот да пребива во прелест и далеку од Него и посака да ги спаси сите луѓе. И како го спаси? Тоа е најголемото чудо што се случи, поголемо дури и од создавањето на светот. Тоа е начинот со којшто Бог сакаше да го спаси светот. Во Стариот Завет сите Пророци и праведници знаеја дека постои, би рекле, една тајна: „Од вековите тајната се открива денес…“ – пееме на Благовештение (Славник на Хвалитните стихири). И ова таинство не е ништо друго, освен Воплотувањето на Словото Божјо. Бог би можел и од Небото да ги спаси луѓето, каде што престојува. Бог е насекаде, но така велиме, дека престојува на Небото, па можеше и оттаму да го спаси човекот.
Но на небото Бог немаше тело и крв. Телото и крвта ги позајми од нашата Пресвета Богородица, ги обожи и со тоа тело дојде на Земјата како Богочовек, второто Лице на Света Троица, и – како што знаете од Евангелието – поучуваше, чудотвореше, се распна, воскресна, и го зеде тоа тело со Вознесението на Небесата. Со тоа што Бог го направи, што дојде на Земјата, се испразни Себеси, како што се вели – што е крајно смирение. Помислете само, Творецот и Создател на универзумот, девет месеци да е во пречистата утроба на Богородица! Кажав дека го зеде со Себе човечкото тело, човечката природа, и од тоа се гледа колку голема вредност има и човечкото тело, генерално човекот, секој еден човек, за кого се распна Христос. Го зеде со Себе и е во Троичното Божество. Како? Не знаеме. Знаеме само дека тоа Тело и Крв што ги зеде од Пресветата, ги зеде на Небесата.
Сепак, како што знаеме, кога Господ беше на Земјата, рече: Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен (Јован 6,54), и кој не го јаде Моето тело и не ја пие Мојата крв нема да оди во Рајот (сп. Јн.6,53) – би кажале со едноставни зборови. Навистина е чудесен овој настан, односно тоа дека Бог го остави на Земјата, на мистичен начин, Своето Тело – Црквата Своја. Подеднакво таинствен настан, којшто треба сите да го почитуваме, да го вреднуваме и да го љубиме, а тоа е Црквата Негова. И зошто ја остави Црквата? Велиме, секако, за Црквата да го продолжи искупителното дело на Господа, но главно, ја остави Црквата, бидејќи таму внатре човекот може да се спаси преку свештенството, коешто им го даде на Апостолите, а Апостолите потоа на епископите и на свештениците, сè до денес. Без епископи и свештеници, како што вели Светиот Игнатиј Богоносец, Црквата ја нема на Земјата. Значи не постои Црквата без свештенство, без епископ и без свештеник. Бидејќи преку свештеникот – како што вели свештениот Златоуст – влегуваме во Црквата и преку свештеникот, воглавном, можеме да се соединиме со Христос, да ги примиме Неговите Тело и Крв. Светиот Козма Етолски вели: „Да поставиме пред нас леб и вино и целото човештво да падне на колена и да Го моли Бога, нема изгледи лебот и виното да се претворат во Тело и Крв Христови. Бог ја чека таму раката на свештеникот, дури и нецела секунда, да рече: „И направи го овој леб чесно Тело на Твојот Христос…, А тоа што е во оваа чаша чесната Крв… “.
Ете зошто Христос дојде на Земјата. Дојде за да ни ги даде Своите Тело и Крв. Дојде да ни ја даде, всушност, православната Божествена Литургија. Секако, овие работи се дар Божји, но за нив потребна е и нашата лична подготовка. Колку и да се подготви некој, пак ќе биде да се причести, но сите ние должни сме овој голем дар да го примаме колку што е можно подостојно. Светиот Јован Златоуст во една негова беседа вели дека Бог има толкава љубов, што сето она што го направи за целото човештво – она што го кажавме: дојде на Земјата, се воплоти, се распна, воскресна – може повторно да го изврши само за еден човек. Во една друга негова беседа вели: „Подготвен е заради нас повторно да биде заколен“. Секогаш подготвен за нас да оди на заколение. И сигурно имате чуено и ги имате веројатно прочитано во Светото Писмо двете најголеми љубови, коишто ги имаме сите како заповеди. И во продолжение ќе ви кажам кои се овие две љубови. Првата голема заповед што ја примивме е да Го возљубиме Бога со сета своја душа, со сето срце и со сиот свој разум. И втората љубов што треба да ја имаме е да го љубиме ближниот како самите себе. Љубовта постоеше и во Стариот Завет, но љубовта којашто ја кажа Христос е поразлична од онаа во старата епоха. Затоа и рече: Нова заповед ви давам: да се љубите еден со друг (Јован 13,34). Истата постоеше и во Стариот Завет, но вели „ви давам нова заповед“. Зошто го рече тоа? Би рекле дека овој нов вид на љубов, оваа нова заповед е да имаме љубов со која ќе се жртвуваме за другиот. На тој начин се станува сличен со љубовта на Бога, Кој се жртвуваше за сите нас. Сега, првата љубов е малку тешка, не е лесна. Велиме да Го возљубиме или Го љубиме Бога, но да имаме стварно вистинска љубов кон Бога, а посебно ние монасите, треба да имаме нешто за кое често се употребуваат два збора: „Божествен ерос“. Но потребна е голема борба, за да стекнеме колку што се може поголема чистота на душата и телото. Љубовта кон ближниот – вели свештениот Златоуст – е полесна, доколку, секако, се принудува себе си. Вели: „Не можеш да му дадеш милостина на другиот? Не можеш да му дадеш пари или работи? Можеш да направиш нешто друго: да се помолиш за него, да го поддржиш во некој за него тежок час, да му простиш, ако те онеправда, ако те навреди, те натажи. Бара ли многу труд тоа?“ – прашува свештениот Златоуст. Не сака многу труд, мало присилување на себеси, да го смириме егоистичното настроение, егоизмот што сите го имаме и не нѐ остава. Светиот Серафим Саровски вели дека целта на нашиот живот е стекнување на Светиот Дух. Оти, соединувањето на душата со Бога се случува во Духот Свети и сè што се извршува во Црквата, станува преку диханието и присуството на Пресветиот Дух.
Повторно ќе кажам нешто многу кратко за она што го реков на почетокот, за тоа што го кажа Св. Апостол Павле, дека целта на нашиот живот е да се стремиме кон светоста, за да го можеме да Го видиме Бога. Прво и основно е да веруваме во Троичниот Бог, да веруваме – ќе кажам со едноставни зборови – онака како што верува Црквата, ништо повеќе и ништо помалку. Не знам за овде, но во Грција имаме слушнато луѓе да велат: „Јас верувам на свој начин“. Не постои „свој“ начин за нештата во верата, тоа е протестантско верување, не православно. Веруваме како што верува Црквата. Имате забележано, мислам дека и тука тоа се случува, кога го кажуваме Символот на верата никој не го прави крсниот знак, или го прават малкумина, но затоа, пак, кога велиме: „Во Едната Света, Соборна и Апостолска Црква“, многумина го прават, веројатно без да ја знаат причината за тоа. Без вера – вели Светото Писмо – не е можно да Му се угоди на Бога (Евр.11,6). А пак, верата – како што вели Апостолот Јаков – без дела е мртва и обратно: делата без вера се мртви (сп. Јаков. 2). Треба да ги пазиме заповедите Божји, ако сакаме да Го видиме нашиот Христос, бидејќи како што вели Авва Исаак Сирин: „Он е во заповедите скриен“. Треба да ги пазиме со прецизност заповедите Божји. Во наши дни, би рекол некој, најголемиот грев е млакоста, односно не сме топли (ревносни) Христијани, верни исполнители на заповедите Божји. Некој рекол дека работилницата којашто произведуваше луѓе, па и монаси, коишто со прецизност ги исполнуваа заповедите Божји е веќе затворена, па сега, ако можеме така да се изразиме, ја имаме нивата Христова – Црквата и нивата на ѓаволот – световниот гревовен живот, а ние повеќето, те влегуваме во едната, те во другата нива. За некој да постане свет, коешто не е привилегија само на некои, туку обврска на секого од нас, потребно е дење-ноќе, едноставно кажано, да размислуваме како да се спасиме. Ништо друго. Бидејќи не можеме сите да бидеме верни исполнители на Божјите заповеди, луѓе сме со слабости, а тука е и ѓаволот кој нè одвлекува и паѓаме, потребно е покајание и враќање кон Бог.
Бог двапати дувна во лицето на човекот. Кога го создаде, зеде прав од земјата и го обликува – антропоморфолошки фрази за ние да разбереме. Бог нема раце за да обликува, ниту да дувне. Дувна – вели – во човекот и оттогаш човекот постана жива душа, оживеа. Се сеќавате кога Бог повторно дувна во човекот? Во едното од Своите јавувања на учениците по Воскресението. Во јавувањето кога отсуствувал Апостолот Тома. Дувна, вели, во лицата на Апостолите и им рече: Примете Дух Свети! На кои ќе им ги простите гревовите, ќе им се простат, а на кои ќе им ги задржите, ќе им се задржат (Јован 20,22-23). Првиот пат дувна при создавањето, а вториот пат дувна при пресоздавањето на човекот. Нашиот Христос за да ни го олесни враќањето во покајание, не рече само одете смирете се (понизете се), или исповедајте се кај свештеникот – неопходно е и тоа – но свештениот Златоуст зборува и за уште патишта на покајанието. Спомнува пет-шест такви патишта на покајанието свештениот Златоуст. За ова може да се зборува една цела беседа, но ќе спомнам накратко само неколку места и неколку патишта што ги кажува, коишто можат да ни дадат прошка на гревовите. Скрушеноста на срцето. Што значи скрушеност на срцето? Човек да се чувствува навистина растопен пред Бога, да вели дека е ништо и да верува во тоа. Да не е злопамтив, и тоа е причина за Господ да му ги прости гревовите, да не чувствува омраза кон другите и да простува лесно. Секојдневно да се моли и да бара од Бога прошка за своите гревови. „Сакате – вели свештениот Златоуст – и друг пат на покајание? – Да бидеш милостив, да даваш милостина“. И уште еден друг пат, пат по кој сите треба да го чекориме, тоа е патот на смирението (понизноста). И откако го кажа ова свештениот Златоуст, вели: Има и друг пат. Кој е тој? – Ужаленоста. Да жалиш затоа што си виновен пред Бога и што ги прекршуваш Неговите заповеди. И вели: „Има ли особен труд во сето тоа? – Нема труд“. Секако тоа е дар Божји, но потребно и ние малку да се потрудиме, оти оној што се смее и забавува, каква ужаленост би имал?
Се навраќам на она што претходно го кажав, за моментот кога велиме: „Во Едната Света, Соборна и Апостолска Црква“. Го правиме крсниот знак, но зошто го правиме? Свештениот Златоуст вели: „Црквата е дом Божји“. И внатре, во домот Божји, постои вистинската вера во Троичниот Бог, постои Светиот Дух Кој ги восовршува Светите Тајни, постои отпуштање на гревовите, постои покајание и главно – постои нашето соединување со Христа, причестувајќи се со Телото и Крвта Негови. Надвор од Црквата, дури и Евангелието да го читаш, можеш да бидеш само еден многу добар човек, но свет не можеш да постанеш. А бидејќи го кажав ова, веројатно имате слушнато како протестантите велат: „Словото Божјо! Библијата! Евангелието! Само Библијата!“ Но не е така. Христос не остави книги, ниту имаше фанови, туку имаше ученици преку сето тоа што го говореше. Во продолжение, кога почнала да се губи малку ревноста и луѓето да забораваат, Апостолите помислија, просветлени од Светиот Дух, да запишат нешто, но, секако, не сето она што го беа слушнале. Каде би го напишале сето тоа?! Но го запишале само она што сметале дека е доволно за да се спасиме. Теолозите и истражувачите велат дека веројатно прв бил Апостолот Павле кој почнал да запишува, пишувајќи ги своите посланијата. Не е важно тоа, туку важно е тоа што првата Црква немаше Свето Писмо. Го имала Стариот Завет, бидејќи во богослужението продолжиле да го користат Стариот Завет и песните од него. Но Црквата живееше неколку години, прилично долго, без Свето Писмо. Како живееше? Живееше со Свештеното Предание на Апостолите и главно со Божествената Литургија. Ниту еден ден не поминувал, а Црквата да не служела Божествената Литургија. И во најтешките моменти, во најтешките прогони, наоѓале начин да се отслужи Божествената Литургија. Затоа ќе повторам: Христос дојде на Земјата за да ни ја даде Божествената Литургија и затоа никој не треба да отсуствува, колку што може да не ја пропушта Божествената Литургија. Тоа значи, домашната црква, за која говори Апостол Павле, каква што имале некои Христијани тогаш, a можеме сите да имаме, била замислива без директна врска со Црквата, каде што се извршува Божествената Литургија. И секако, сите ние треба да го поддржуваме делото што го извршува Црквата во парохиите, и случајот како што сте сите тука во манастирот. Како што знаете, манастирите не се парохии, но особено помагаат во делото што се врши во парохиите, во делото што се врши во светот. Значи, резимирајќи го она што го кажавме, треба да бидеме горди и да се фалиме во Господа, што припаѓаме на православната Црква, да веруваме како што верува Црквата, да ја почитуваме и да ја сакаме Црквата и да имаме доверба во Неа. Не заглавувајте на човечките грешки на архиереите, свештениците, нив Бог знае како ќе ги исправи. Оној голем Светител, Козма Етолски, кој ја спаси Грција и дел од северниот Епир во Албанија од исламизација, им зборувал на луѓето, вршел контрола врз луѓето, но го следеле и многу свештеници. Ним им се вртел и им велел: „За вас немам збор, нема да кажам ништо за вас, вие Го имате Христос Кој ќе ве поправа“. Ете, сега ми кажа отец Доситеј дека и до вашите краишта стигнал Светиот Козма, проповедајќи.
Повторно се навраќам. Да ги запазуваме заповедите на Бога колку што можеме со точност, да имаме покајание, да го сакаме – а вие веќе го сакате – својот духовен отец. Сите треба да имаме духовен татко, кој се подражава на два начини: кога неговите послушници и неговите духовни чеда го слушаат неговиот збор и неговите заповеди, и кога ние се молиме за него. Нашиот живот е толку краток на Земјата, што додека да сфатиме зошто сме дошле – заминуваме од овој свет. Вчера го кажав тоа со малку зборови. Но бидејќи не бевте сите тука, ќе повторам. Свештениот Златоуст вели дека не сме граѓани на овој свет, туку сме патници, минувачи. Тоа не значи дека не треба да ја сакаме својата татковина, семејството, братството, дека не треба да реставрираме, да градиме, да работиме… Сè ќе биде, но нашата главна грижа треба да биде како да се спасиме.
Сега сакам да кажам и нешто лично. И вчера го кажав тоа: лично, многу сум среќен што сите сме тука едно стадо и еден пастир, сите сме обединети и особено обединети во Светиот Путир. Тоа ме допира многу длабоко и му благодарам на Старецот, Преосветениот Антаниски г. Партениј и на Старицата монахиња Харитина што ме поканија да бидам тука помеѓу вас. Последниот збор е особено да се молиме за единството на Црквите, бидејќи и ѓаволот навлегува помеѓу Црквите, но и ние луѓето многу пати сме невнимателни и така се создаваат проблеми во Православната Црква. Не знаеме со сигурност, но од она што се гледа, како да се наоѓаме во последните времиња, кон крајот на светот. Но и покрај тоа Христијаните се разединети, не се обединети…
И бидејќи светиот ни Старец не е присутен во моментов овде, ќе кажам нешто сега лично. Тој заслужува многу честитки, бидејќи двајца луѓе посебно придонесоа за денес да бидеме обединети во заедничкиот Путир на Божествената Литургија. Тие двајца луѓе се: едниот е Старецот тука, Светиот Антаниски г. Партениј, и другиот е нашиот Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. И други помогнаа, но особено овие двајца. Лично верувам во тоа. Овие двајца луѓе многу точно ја имаат разбрано Тајната на Црквата. Свети Јустин Поповиќ вели: „Сетаинството на Црквата“. И оние кои толку добро ја разбраа тајната на Црквата, се повисоко од националностите, од разликите, од сето тоа. Разбрале дека Црквата нема ништо заедничко со тоа. Црквата е мистичното тело на Христос, кое ги спасува и прегрнува сите луѓе. Светиот Софрониј од Есекс вели дека не може да Го замисли Христос како Грк, Русин или Србин. Христос, вели, нема никаква врска со тоа. Ако дошол да ги спаси само Грците или само Русите, направил грешка, не требало да доаѓа. Сите имаат место во Рајот. Свештениот Златоуст вели: „Да се молиме дури и за еретиците и за расколниците да се вратат во Црквата“. Кога Свештениот Златоуст вели дека Бог сака сите луѓе да се спасат, кои сме тогаш ние да не сакаме?! Затоа, уште од порано имам кажано во некои беседи: Знамето на сите нас треба да ни биде Црква или смрт, а не Православие или смрт. Црквата нè прави сите браќа, всушност сите сме браќа, деца на Едниот Бог, но Црквата, пред сè, е таа што може, како што реков, да нè соедини со Христа.
Од душа ви посакувам Бог да биде со вас, убави празници наскоро да имаме, и се надевам дека вечерва ќе бидеме сите заедно, тие што можете, секако мирјаните, заедно да се молиме и да ја помолиме нашата Пресвета да дава едномислие на целиот православен свет. И да се помолиме сите заедно да престанат војните. Христијанинот во никој случај не треба да поддржува војни и не е дозволено православните народи, особено православните, да убиваат православни. Свети Јован Синаит вели: „Молитвата е одржување на светот“. Светот се одржува преку молитвата на луѓето. Исто така, молитвата е и „разрешување на војните“. Само со молитва, значи, можеме сите да помогнеме Бог да се смилостиви, да ги запре овие работи. Оти, кога гори куќата на соседот, не треба да се смееш и да бидеш рамнодушен, бидејќи не знаеш дали огнот нема да скокне и да дојде и на твојата куќа. Затоа сите – молитва. Ви благодарам премногу што ме слушавте и за гостољубието и за љубовта, за сè!