Благодарењето – клуч за благодатта

,,Многу години поминаа, дете мое, додека да ја сфатам тајната за умножување на благодатта. Да научам како благодатта расте во срцето на човекот.‘‘ Тогаш бев уште послушник и љубопитно го прашав својот Старец: „Како расте благодатта, Старче?

Во една прилика, како подвижник, еден ученик на Свети Јосиф Исихаст (големиот Старец којшто се упокои во 1959 година), ми рече:

  • Многу години поминаа, дете мое, додека најпосле да ја сфатам тајната на умножувањето на Божествената благодат. Еднаш бевме сами со Старец Јосиф и тој наеднаш се сврте кон мене, ме погледна и ми го кажа истото: ,,Многу години поминаа, дете мое, додека да ја сфатам тајната за умножување на благодатта. Да научам како благодатта расте во срцето на човекот.‘‘ Тогаш бев уште послушник и љубопитно го прашав својот Старец: „Како расте благодатта, Старче? – но Старецот не ми одговори, остана нем и замислен. Јас ,пак, се срамев да прашам повторно и не инсистирав да дознаам.

И еве, после долги години овој монах ми се обрати мене и ми го рече истото: Многу години поминаа и за мене додека да сфатам како благодатта се умножува. Се разбира, и јас го поставив истото прашање:

  • Како се умножува благодатта старче? Со оглед на тоа дека многу години ти требале и тебе и на Старец Јосиф за да го сфатите тоа. Значи сигурно било тешко правилно да се разбере тоа искуство искажано во зборови, ако претходно немало многу години на практично духовен подвиг и аскеза.

Тој ми одговори:

  • Благодатта, дете мое, се умножува преку благодарењето. И самиот Исак Сирин, големиот Светија на Црквата и исихаст вели дека: ,,Клучот што ги отвара изворите на Светите Тајни е благодарно срце, односно, срце кое благодари“. Ако успееш во тоа да велиш ,,слава Ти Боже“ или „Фала Ти Боже“, ако чувствуваш потреба да Му благодариш на Бога за сите нешта што Он ти ги дал, тогаш знај дека благодатта ќе се умножува во тебе. Ако пак не го правиш ова, а си незадоволен со она што ти е дадено, или некако бараш повеќе, без никакво чувство за благодарност, тогаш ќе помине долго време додека да научиш правилно да ги примаш работите и да Му благодариш на Бога.

Кажано е дека човекот Божји, светиот човек, којшто претрпел многу искушенија, Му благодари на Бога дури и за најмалото нешто. Не само од навика, како кога велиме ,,Фала ти Боже, работите ми одат добро‘‘. Тоа не значи ништо, тоа е можеби само почетокот… Длабоката благодарност е онаа која произлегува од целото наше битие, кога Му благодариме на Бога за се околу нас. Дури и за најмалото движење на нашите тела, дури и за најневажното нешто, како што е тревата, птицата, воздухот, атсмоферата, ѕвездите, сонцето, сѐ… Кој од нас некогаш топло Му заблагодарил на Бога за тоа што го создал светот? Особено во ова наше време, кое нè одвои од созданието Божјо, нè затвори во вештачки свет, нè оддалечи од природата, во ова време на неблагодарност, ние воопшто не чувствуваме потреба да Го прославиме Бога. А кога ова ќе стане секојдневие, кога не ни текнува да Му благодариме на Бога, ние исто така нема да му благодариме ни на нашиот ближен, не му благодариме на нашиот сопруг, сопруга, деца или родители, дури ни себе си. Никому не благодариме. Задоволни сме со тоа да речеме: ,,Во ред, некако добро ми оди‘‘. Нема ,,Слава Ти, Боже‘‘. Сепак, ова не е начинот на којшто се движи срцето на човекот Божји.  Човекот Божји Му благодари на Бога за сѐ. Сѐ што е околу него и во него. Му благодари дури и само затоа што е Бог. Сетете се кога пееме во Славословието и велиме: ,,Ти благодариме за Твојата голема Слава!‘‘ Ти благодариме зашто си Велик, зашто си Свет, си Прославен, зашто си полн со благодат и си нашиот Татко а ние сме Твои деца. Ние сме децата на еден богат Татко, наследници на сето величие Божјо. Му благодариме што е бесконечен и сѐ околу нас станува толку убаво, бидејќи Му го принесуваме на Бога со благодарност. Нашите болки, нашите напори, нашите болести, нашите испитанија, нашата тага, нашите неуспеси, дури и нашата смрт – сè Му принесуваме на Бога со благодарност. Ти благодариме, Боже! Прочитајте во житијата што му велеа мачениците: ,,Ти благодариме, Боже, што нè удостои да умреме за тебе‘‘. Тие дури и своето мачеништво го сметаат како причина за благодарност.

Се сеќавам еднаш нашиот Старец им зборуваше на група млади луѓе коишто сакаа да бидат монаси:

  • Треба да бидете благодарни на Бога што ве повикал во овој живот. Немојте да мислите дека сте направиле нешто особено големо со тоа што Го следите Христа, немојте да мислите дека сте жртвувале нешто големо. Што сте жртвувале? Ништо! Може да кажете дека сте го жртвувале своето образование, младоста, врската со родителите, сте жртвувале можен брак, возило што сигурно ќе сте го купиле, вашата среќа, вашата иднина, вашата сегашност, сѐ. Целиот себе си! Но, што се тие нешта? Ништо! Што вредат тие, споредени со величието на љубовта Божја? Ништо! Минливи работи! Ти понуди привремени нешта, а за возврат доби вечни. Принесе распадливи нешта, а прими нераспадливи. Даде материјални нешта, а доби небесни. Оти сите овие нешта во една точка од времето сигурно ќе те напуштеа или ти ќе ги напуштеше, едно од двете ќе беше. Кога ќе дојде времето на смртта, зарем ќе си ги земеш со себе твојата среќа, твојата мудрост, твоето богатство, твоите бизниси, твојата жена, твоите деца или било што друго кое го поседуваш во овој свет? Апсолутно ништо. Ќе дојде времето неизбежно за тебе, за мене, за секого, кога ќе се разделиш од нив, сакајќи или не сакајќи. Според тоа, што Му понуди на Бога? Привремени нешта… а што ти даде Он во замена? Небото, вечноста, нераспадливоста. Апостолот Павле вели: И сѐ сметам за ништо, за да Го придобијам Бога (Филип. 3,8)‘‘

Доколку правилно го имавме разбрано ова, во нас ќе се разгореше силна ревност колку што може поредовно да одиме во Црква за да ги примиме Телото и Крвта Христови, за да Го слушнеме Словото Божјо. А напротив, денес едвај отстојуваме еден час во Црква и тоа не секоја недела и сметаме дека Бог е должен да им служи на сите наши потреби и во никој случај не смее да ни допушти некаков вид на испитание, оти тешко Него, ќе Му бидеме лути и ќе велиме: ,,Одам во Црква секоја недела а сепак оваа неволја ме снајде… каков е овој Бог? Требаше да ме заштити, да се грижи за мене, да ги тргне од мене сите искушенија. Зошто ги допушти овие лоши нешта да ми се случат, а се грижи за останатите луѓе кои не одат во Црква и пцујат дење, ноќе…?‘‘ Како небаре Господ ни должи нешто, како Он да има обврска да ни служи и е должен да ни покаже благодарност, бидејќи Му направивме услуга и отидовме во Неговата Црква. Како божем со напор да Го трпиме во нашите животи. Не можеме да сфатиме дека ние сме оние кои имаат потреба од Бога. Господ нема потреби. Дали ќе одиме во Црква или не, дали ќе бидеме спасени или не, дали ќе Го следиме или не – не сме му додале ништо на Бога, ниту сме Го лишиле од нешто. Господ е самопрославен, дури и нема потреба од нашето славење. Ние сме тие што имаме потреба да се молиме, да учиме, да трчаме кон Црквата и затоа – ајде да научиме да благодариме за сѐ. ,,Ти благодарам Боже за сѐ што се случува околу нас, бидејќи Ти си нашиот Бог, нашиот Татко. Бидејќи Ти си го создал овој свет, целото создание, си нè создал нас… Ти благодариме за сè што имаме. Кога срцето ќе се придвижи во правец на благодарноста, тогаш борбите стануваат полесни и нашите испитанија добиваат друго значење во нашите очи, се просветлуваме и го гледаме нашиот живот поинаку. Влегуваме во вечната сфера на Царството Божјо.

Светогорско сведоштво