Благодарствено писмо до Архимандрит Партениј од неговите духовни чеда од Кичево

Навечерие на Св. Партениј Лампсакиски; именден на Старецот

Возљубен наш, Старче!

Му благодариме на Севишниот Бог, што по молитвите на Пресвета Богородица, нѐ предаде нас, кои сме мали, слаби и грешни во Вашите раце на духовно раководење.

Ви благодариме и на Вас, што татковски ги отворивте Вашите прегратки и со огромна љубов нѐ примивте во Вашето срце за да нѐ раководите и поучувате во сите наши животни прилики и неприлики.

Ви благодариме што се радувавте, на секој наш успех и тагувавте и плачевте при секоја наша несреќа.

Ви благодариме што бевте и сѐ уште сте со нас, и кога растеме и кога паѓаме.

Ви благодариме и што одговоривте на повикот наш, за продолжување на животот во нашите светилишта, Кнежинскиот манастир и манастирот Пречиста, и што ги испративте нашите сестри во Христа, кои неизмерно ги сакаме и поддржуваме во нивниот подвиг, да ја продолжат и кај нас онаа богоугодна мисија која Вие уште пред многу години ја започнавте.

Нека Семилостивиот Бог, по молитвите на Пречистата и Преблагословена Славна Владичица Наша Богородица, по молитвите на Свети Јован Крстител, и по молитвите на Свети Партениј Лампсакиски, чиј спомен го празнуваме и чие име достојно го носите, Ви подари здравје, мудрост и сила, уште долги години правилно и богомудро да раководите со паствата што Ви е дарувана.

Спомнете си и за нас, Вашите грешни деца, во Вашите најсвети молитви и водете нѐ низ ова тешко време на искушенија, та заедно да стигнеме до крајната цел, а тоа е Царството Небесно и живот вечен.

Слава на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Вашите духовни чеда од Кичево