1. Кои помисли се богохулни
– Старче, сѐ уште не разбирам кога помислата е богохулна.
– Кога на ум ќе ни паднат грди претстави за Христос, за Богородица, за светителите, или за нешто свето и свештено, или, пак, за нашиот духовен отец и така натаму, е, тоа се богохулни помисли. Таквите помисли, дури не е добро некој да ги прераскажува.
– Дури ни на духовникот?
– Ако на духовникот му речеме: „Ми доаѓаат богохулни помисли за Христос, или за Светиот Дух, или за Пресвета Богородица, или за светителите, или за тебе, мојот духовник“, ќе биде доволно. Таквите помисли и гревови, сето тоа е од ѓаволот, тоа не е наше. Затоа не треба да се жалостиме и за ѓаволските гревови. Кога само што се замонашив, во еден период ѓаволот ми наметнуваше богохулни помисли дури и во црква, и многу се жалостев заради тоа. Сето она што го слушав другите да зборуваат, кога бев во војска, псовките и сл. за светителите, сето тоа ѓаволот ми го носеше на ум. Духовникот ми велеше: „Тие помисли се од ѓаволот. Кога човекот ќе почне да се грижи и жалости заради грдите помисли кои му паѓаат на памет во врска со светињата, тоа докажува дека тие помисли не се негови, туку дека доаѓаат од надвор“. Но јас сепак се жалостев. Одев во параклисот на Чесниот Претеча да се помолам, а неговата икона мирисаше на свето миро секогаш кога ќе ѝ се поклонев. Кога пак ми доаѓаа такви помисли, повторно одев таму во параклисот и пак иконата мирисаше на миро! Еден ден, за време на божествената Литургија, за време на Трисветата песна, запеав и јас, сосема тивко, „Свјатиј Боже“! Тогаш видов како на вратата на црквата влегува еден голем ѕвер, застрашувачки, со кучешка глава. Фрлаше пламени од устата и очите! Се заврте и двапати ме удри, затоа што пеев „Свјатиј Боже“! Погледав да не го видел уште некој, но не. Подоцна сѐ му раскажав на духовникот: „Се случи така и така“. „Ете, го виде ли?“ ми рече духовникот, „тоа беше тој. Потсмирен ли си сега?“
– Дали човекот, старче, секогаш разбира дека некоја помисла е богохулна?
– Ако разумот со кој Бог го надарил, ја врши својата работа, тогаш разбира. Некои, на пример, ми велат: „Старче, како е можно да постои пекол? Ние се жалостиме кога некој човек е во затвор, а колку пак треба да се жалостиме ако е во пеколот“. Тоа, меѓутоа, е хулење, затоа што така се претставуваат како поправедни од Бога. Бог знае што прави. Се сеќавате ли на она што го раскажува св. Григориј Двоеслов? Еднаш епископ Фуртунат изгонил демон од некоја опседната жена. Демонот потоа одел по градот како некаков сиромав и го обвинувал епископот: „Тој немилосрден човек ме истера“, викал. „Зошто те истерал?“ – го запраша еден човек, „како можел тоа да го направи? Дојди кај мене, во мојата куќа“. И така ѓаволот влезе во куќата на тој човек. Набрзо му рече: „Студено ми е, фрли уште дрва во огништето“. Човекот го разгоре огнот во огништето. Бидејќи огнот силно се разгорел, ѓаволот влезе во детето на тој човек, па, кутрото, го опседна, и детето скокна во оганот и се изгоре. Тек тогаш оној човек сфатил што истерал епископот и што примил тој во својата куќа. За да го истера, епископот морал нешто да знае.
2. Од каде потекнуваат богохулните помисли
– Старче, дали ќе ни кажете нешто за добрата рамнодушност?
– Добрата рамнодушност му е потребна на премногу чувствителниот човек кој го мачи ѓаволот со разни помисли. Во таквиот случај добро е да биде малку нечувствителен, во позитивна смисла на тој збор, извесни нешта да не ги испитува до најмали ситници. Потребно му е и на оној кој е можеби кон многу нешта рамнодушен, но искушувачот само на нешто му створил пречувствителност за да го онеспособи. Во тој случај, таа добра рамнодушност, само за извесно време би му била од помош. Меѓутоа, многу е важно да се следи во тоа. Треба својата помисла да ја доверува на својот духовник и тој внимателно да го следи. Во спротивно, може малку по малку да стане рамнодушен кон сѐ, без разлика, па да оди во друга крајност и да стане потполно рамнодушен.
– Старче, зошто имам богохулни помисли кога сум нерасположена или тажна?
– Види што се случува. Кога ѓаволот гледа дека си тажна, тој тоа го искористува и ти дава една „бомбона“, една грешна помисла. Откако ќе паднеш прв пат, тогаш те води во уште поголема потиштеност и немаш снага да ѝ се спротивставиш. Заради тоа не треба никогаш да останеш во таква состојба, туку посвети се на некоја духовна активност која ќе ти помогне да излезеш од таквото расположение.
– Старче, многу се мачам со некои помисли…
– Тоа е од искушувачот. Смири се и немој да ги слушаш. Ти си чувствителна. Ѓаволот ја користи твојата чувствителност, те тера со некои работи да се занимаваш до најмали ситници, го тера твојот разум да се прилепува за нив и без потреба да се мачиш. Може да ти наметне грди помисли, на пример за твојата игуманија или за мене. На таквите помисли не обрнувај внимание. Богохулната помисла, ако ѝ придадеш и најмало значење, може да те измачи, да те скрши. Тебе ти е потребна малку добра рамнодушност.
Со богохулни помисли ѓаволот ги мачи оние кои се многу побожни и пречувствителни. Во нивните сопствени очи го зголемува нивниот пад, за да паднат во очај и безнадежност, а ако не постигне заради тоа самите себе да се убијат, настојува барем да ги излуди и да ги лиши од волја, а ако не може ни тоа да го постигне, се задоволува со тоа што ќе ги направи барем меланхолични.
Еднаш сретнав еден кој непрестајно плукаше. Велат: „има демон“. А јас им велам дека луѓето тоа не го прават кога се опседнати. Како што подоцна се уверив, тој, кутриот, не згрешил во ништо за да го опседне демон. Пораснал како сираче и беше пречувствителен. Покра тоа имаше помисла од лево и малку фантазија, а тоа ѓаволот уште повеќе го развил и му наметнуваше богохулни помисли. Оној, кој тоа би го гледал од страна, мислел дека има демон. Ете, замислете, кутриот да биде пречувствителен, да плука на богохулните помисли, а покрај тоа и да му велат: „имаш демон“!
Богохулните помисли уште доаѓаат и заради ѓаволската завист. Понекогаш, дури и после бдение, кога човек е мртов уморен и не е во состојба да се спротивстави, злосторникот му наметнува богохулни помисли, па потоа, за да го сплетка или да го турне во очај, почнува да му зборува: „Такви помисли ни самиот ѓавол нема! Сега ти нема спас…“ Уште може да му наметне богохулни помисли за Светиот Дух, а после да му рече дека тако грев не се простува и така натаму.
– Можеме ли, старче, ние самите да бидеме причина за богохулните помисли?
– Да. Може човек и сам да даде повод за тоа. Кога нема пречувствителност, богохулните помисли доаѓаат заради гордоста, заради осудувањето на другите и слично. Затоа, кога сте во подвиг и имате богохулни помисли, треба да знаете дека во вашиот подвиг има гордост. Од гордоста се помрачува умот, останувате без вера и благодатта Божја ве напушта.
Или кога човек се занимава со прашања за догмите, а за тоа не поседува предуслови, после тоа има богохулни помисли.
3. Презирање на богохулните помисли
– Старче, авва Исаак Сириски вели дека страстите ги победуваме со „смирение, а не со презир“. Дали презирањето на страстите и презирањето на богохулните мисли е исто?
– Не. Омаловажувањето на некои страсти во себе содржи гордост, самоувереност и, што е најлошо, содржи оправдување. Тоа значи дека се оправдуваш самата себе и не ја признаваш својата страст. Тоа е како да речеш: „Таа страст не е моја, нема никаква врска со мене“, и не се бориш да се одлободиш од неа. Богохулните помисли, меѓутоа, треба да ги презираме, затоа што, како што веќе реков, тие не се наши, туку ѓаволски.
– Kога некој се престорува пред другите дека има некоја страст, кога, на пример, се прави дека е лаком, дали тогаш му се потсмева на ѓаволот?
– Во тој случај, само се престорува со „добро престорување“, но тогаш не му се потсмева на ѓаволот. На ѓаволот му се потсмеваш кога ти наметнува богохулни помисли, а ти пееш псалми.
– Како да ги истерам, старче, богохулните помисли за време на Божјата служба?
– Со пеење: „Ќе ја отворам устата моја и ќе се исполни со дух…“ Зарем не знаеш да пееш? Никако немој да се задржуваш на такви помисли, да влегуваш во детали. Не осврнувај се на таквата помисла. Кога некој влегува во расправија со таквите помисли за време на молитва, тоа како војник да активира рачна бомба додека поднесува рапорт.
– А ако помислата е упорна?
– Ако е упорна, тогаш знај дека некаде во тебе има поткрепа. Крајно решение: презирање на ѓаволот, затоа што тој е професор во училиштето за измислување на нови лукавства. Најдобро е во тој случај дури и да не се молиме, затоа што, ако се молиме, покажуваме дека тие помисли нѐ вознемируваат и загрижуваат, а ѓаволот го наоѓа нашето најчувствително место, па без престан нѐ бомбардира со богохулни помисли. Многу подобро е да псалмопееме. Гледаш, и малите деца кога сакаат да омаловажат некое друго дете кое нешто им зборува, пеат „тралала“. Истото тоа треба и ние да му го правиме на ѓаволот, само што ние треба да псалмопееме, а не да пееме. Псалмопеењето е молитва упатена кон Бога, но истовремено е и омаловажување и презирање на ѓаволот. А тогаш, ѓаволот грицка малку од овде, малку од онде, но на крај бега.
– Но, старче, кога сум во ваква состојба, не можам да пеам, па дури и да се причестам ми е тешко
– Тоа е многу опасно! Ѓаволот се обидува да те блокира! Оди да пееш, да се причестуваш, бидејќи тие помисли не се твои. Само за едно послушај ме: испеј едно „Достојно ест“ за ѓаволот да го добие своето и да се собере и да си замине. Сум ти ја раскажал ли приказната за оној монах? Минаа веќе дванаесет години како дојде на Света Гора. Беше сираче, остана без мајчинска љубов и грижа и сета своја љубов ја даде на Пресвета Богородица. Неа ја чувствуваше за своја мајка. Само да видеше со колкава побожност се клањаше на иконите! После искушувачот ја искористи таа негова љубов и навали на него со богохулни помисли. Кутриот, веќе не одеше ниту на иконите да им се поклони. За тоа дозна неговиот старец, го зеде за рака и го натера да ја целива иконата на Пресвета Богородица и Христовото лице, раце, и ѓаволот веднаш избега. На извесен начин дрско е да се целива лицето на Пресвета Богородица и Христа, но тоа старецот го направи само за да ги изгони помислите кои го мачеле младиот монах.
4. Кога сме самите виновни за богохулните помисли
– Старче, кога имам напад на богохулни помисли, без своја согласност, дали заради тоа сносам вина?
– Ако заради тоа се разжалостиш и не ја прифаќаш помислата, тоа не е ништо, не сносиш никаква вина.
– А кога, старче, човек сноси вина за богохулните помисли?
– Ако човек не се загрижи што има такви помисли, па сосема мирно се впушта во расправија со таквата помисла и ја испитува, е тогаш сноси вина. И колку повеќе ги прима богохулните помисли, толку повеќе ѓаволот го вознемирува, бидејќи кога му влезе една богохулна помисла, а човек ја испитува и ја превртува во умот, во себе прима еден мал демон.
– А како да ги снема, старче, таквите помисли?
– Ако човек се жалости кога му дојдат такви помисли, но не ги испитува, самите ќе ги снема, бидејќи нема да добиваат храна. Дрвото кое не се полива, се суши. Меѓутоа, во оној момент кога човек, макар и на кратко, се занимава со нив, тој ги храни, се зацврстува стариот човек и така и помислите тешко ги снемува.
– Старче, понекогаш ми доаѓаат богохулни помисли, а јас се задржувам на нив, а после тоа го сфаќам, но не можам да ги истерам.
– Знаш ли ти што е со тебе? Во еден момент твојот ум одлетува, расејана си, зјапаш со отворена уста. Тогаш доаѓа ѓаволот, ти бутнува во уста бомбона и ти почнуваш да ја шмукаш. Ќе го почувствуваш вкусот, па потоа тешко ти е да ја плукнеш. Треба да ја плукнеш веднаш штом ја почутвстуваш.
– Значи ли тоа, старче, дека кога минува богохулна помисла треба да ја примам накратко и потоа да ја истерам?
– Ама тоа тогаш е како ѓаволот да ти дал бомбона, ти малку ја шмукаш и потоа ја плукаш. Треба да ја плукнеш веднаш. Инаку, на почеток ќе те занимава со една бомбона, а после ќе те нахрани со отров и ќе ти се исмее.
Извор: Маран Ата