Писмо до богољубецот, на кого сите домашни му се потсмеваат

Додека не почна на Бога да Му се молиш, ти на сите им беше мил. А сега одеднаш, во својот дом си како во непријателски логор. Порано се пијанеше, пушеше и по малку крадеше, се излежуваше во работните денови и правеше сѐ што е одвратно пред Бога и пред чесниот свет. Сепак, тогаш на сите дома им беше мил. А сега, кога се упати по патот на правдата, чесноста и молитвата, сите скокнаа на тебе како оси.
Радувај се, брате, сто пати израдувај се. Зар не гледаш дека во твојот дом се исполнува Евангелието! Во онаа куќа, во којашто до сега се зборуваше за данок, за крадци и за кметови, сега почнаа да се исполнуваат евангелските пророштва. Вашиот дом влезе во апостолско и маченичко време, се издигна до небесата и стана подиум, кадешто реално се одигрува христијанската драма. Историјата на христијанската Црква е присутна во вашиот дом. Еве ги пророштвата Христови, кои се исполнија безброј пати на оваа планета земја и кои сега почнаа да се случуваат во вашиот дом:
„И ќе бидете намразени од сите заради Моето име“ (Матеј, 10,22); „Непријатели на човека ќе бидат неговите домашни“ (Матеј, 10,36); „Блажени сте вие, што сега гладувате, оти ќе се наситите! Блажени сте вие, кои сега плачете, оти ќе се насмеете!“ (Лука, 6,21) „Вистина, вистина ви велам дека вие ќе заплачете и ќе заридате, а светот ќе се зарадува; и вие ќе бидете нажалени, но жалоста ваша ќе се претвори во радост“ (Јован, 16,20).
Што е појасно од овие пророштва? Гледај, па тие и денес, на тебе и во твоето родно огниште, се исполнуваат. Затоа, примај ги сите потсмевања не како потсмеви, туку како ордени. Знај дека твоите гонители ќе се покајат; оние кои ти се потсмеваат – ќе замолкнат и ти ќе се израдуваш. Денес си последен во домот на таткото твој, но наскоро ќе бидеш прв. А оние кои те гонат, ќе ти служат. Тоа е пророкувано и тоа се исполни илјадници пати на илјадници места.
На тебе мир и благослов од Бога!