ГОРДОСТА – ГЛАВНО УПОРИШТЕ НА СТРАСТИТЕ

Старче, јас сум завидлива, злопамтило, осудувам, се гневам…

Зависта, осудувањето, гневот, злопамтењето итн. произлегуваат од гордоста. Гордоста е – може да се каже, главно упориште на страстите.
Победувајќи ја гордоста, ти ги победуваш сите страсти и во срцето доаѓаат смирението и љубовта. Затоа, мислам, доволно е да се сосредоточиме на гордоста, да тргнеме во фронтален напад против неа. Да се насочи сета ревност против тврдината на гордоста, која нѐ одвојува од Бога. Кога непријателот сака да ја освои земјата, тој најмногу удира на престолнината. Ако ја освои престолнината, ја освоил цела земја.

Оче, на кого личат горделивите?

– На оној, кој е зад тие ѕидови, ѓаволот…Полесно е да го победиш самиот ѓавол, отколку горделивиот – за ѓаволот е доволно да се смириш, а за другиов, дури пред него и да се смириш и го молиш за прошка, сепак нема да можеш да го омекнеш. Тој ти вели: „ Ти се преправаш! “ Оној што има поголемо смирение, има богата духовна содржина. Горделивиот нема внатрешна содржина.

Тој, како незрел клас стои право, а зрелиот ја спушта главата надолу. Човек кој е помрачен од гордоста, не е само одвнатре неспокоен, туку и надворешно е немирен и бучен. Сите негови дела се како воздушна топка: ѓаволот најпрво ќе ја напумпа, а потоа ќе ја дупне и таа со шум ќе издише. Гордоста е срамна и страшна работа, па таа и ангелите ги претвори во демони! Таа нѐ изгони од рајот на земјата, а сега од земјата се подготвува да не испрати во адот.

Старче, јас не чувствувам гордост, кога се гордеам за нешто конкретно.

– Значи гордоста кај тебе е трајна состојба. Ѓаволот честопати нештата ги претставува замаскирано и човекот не разбира кога постапува од гордост. Но, ако тој внимава на себеси, ќе знае кога постапува од гордост. Тој може да не ја чувствува сета гордост, која е во него но, сепак еден дел од неа мора да почувствува, може да ја препознае, ако почувствува егоистичко задоволство и надмоќ над другите.

Но ако човекот потполно не разбира дека во него има гордост, што се случува тогаш?

– Тогаш почнуваат да дејствуваат духовните закони. Човекот се гордее, паѓа, и се смирува. Тоа, пак, трае низ целиот живот: гордост, смирение, гордост, смирение. Таквото смирение не е лично достигнување, туку резултат на дејствувањето на духовните закони.

Човекот се смирува, иако не сакајќи и не правејќи ништо од себе. Тоа е состојба на застој, на човекот, едноставно, му се дава можност да дознае дека кај него нешто не е во ред. На пример, и велиш на сестрата „ Таа икона добро ти излезе. “ Ако таа се возгордее, следниот пат, кога ќе треба да наслика друга икона, ќе помисли: „Оваа икона ќе ја насликам уште поубаво, за Старецот повторно да ме пофали.“ Тогаш, наместо икона, излегува карикатура. Јас ја исправувам, а таа повторно си вели во себе: „Овој пат ќе направам точно како што ми рече Старецот и тој ќе ме пофали“, и повторно излегува карикатура.

Старче, може ли нејзе, лично, иконата да и се стори убава?

– Може, секако. Нејзе, самата, може и обична чкрабаница да ѝ изгледа како ремек дело, таа ќе дојде и ќе ми каже: „ Како е сега, Старче? Дали иконата излезе добро? “ Јас ќе ѝ објаснам дека нејзиното дело е чкрабаница и дури тогаш таа ќе разбере. – А, ако не разбере ? – Ако не разбере, тоа значи дека гордоста закоравела, и таа ќе дозволува исти грешки. Ако не ѝ укажуваш, ќе остане.

Старче, а ако јас со умот чувствувам гордост, а срцето мое останува глуво?

– Оттаму и ќе почнеме и постепено ќе дојде до исцелување. Лекарот најнапред ја поставува дијагнозата, па дури потоа пристапува кон лекување.

ГОРДОСТА СЕ ПОЈАВУВА НАСЕКАДЕ

Старче, добро е кога при исполнувањето на моите монашки должности се среќавам со помали тешкотии – јас од тоа чувствувам корист. Дали и тоа е гордост?
– Ако човекот не е внимателен, тој може да се гордее и лежејќи на креветот и ништо не работејќи. Автомобиот може да влета во кривината и налево и надесно. Ѓаволот нѐ лови и од едната и од другата страна. Некои ме прашувааат: „На што да обрнам внимание, за да не паднам во гордост? “ Тоа е како да ме прашуваш: „Каде можам да паднам, овде или таму?“

И овде можеш да паднеш, и таму, и лево и десно, и од скалилата, и од столиците, и од клупите. Во било кој момент и во било кои услови, потребно е внимание, бидејќи гордоста демне отсекаде.

Старче, а може ли човекот да се гордее, немајќи ништо?

– Понекогаш таквиот човек може да се гордее и повеќе од другите. Кога живеев во манастирот Стомион во Епир, слушнав за еден старец – пастир. Немаше семејство, одеше од едно на друго место. Најпосле, него го прифати друг пастир, примајќи го во колибата, каде го чуваше сеното за козите. Тој не му дозволи на старецот да пали оган, за да не се запали сеното.
Така, тој старец живееше во ладна колиба, спиеше во аголот на две даски, на кои имаше стар душек.

Кога слушнав за него, отидов да го посетам. Му беше многу лошо. Прашав една сиромашна жена колку бара за да го испере. „Ништо, само дајте ми сапун“, – ми одговори таа. Следниот пат го посетив, кога беше болен. Откако заврши со јадењето, ме погледна, ја сврте наопаку чинијата и гордо рече: „Колку сум мудар, јас, оче! Овде има кучиња и мачки.“ Вртењето на чинијата наопаку за да не ја лижат мачките и кучињата, тој го сметаше за вистинско достигнување. Мислиш, ќе полета низ космосот. Ете гордост! Не можеш да замислиш како живееше, а беше горделив!

Старче, што треба да правиме кога ќе ни дојдат горди помисли?

– Како што другите луѓе се смеат кога ќе забележат гордост кај нас, така и ние сме должни да им се потсмеваме на гордите помисли..

Дали на смирениот човек му доаѓаат горди помисли?

– Му доаѓаат, но тој им се потсмева, затоа што знае што е тој во суштина.

Старче, некаде читав дека гордите помисли треба да се отстранат, веднаш кога ќе наидат, исто како и непотребните.

– Непотребните помисли се распознаваат веднаш, но да се препознаат гордите помисли, потребна е трезвеност. На пример, ако за време на молитвата во умот ти се појави непотребна помисла, ти ја препознаваш и веднаш ја отфрлаш: „Оди таму од каде што си дошла.“ Но, ако, додека си во Црква, тебе ти дојде помисла дека добро го прочита Псалтирот, ќе ти биде потребна голема трезвеност за да ја препознаеш таа горда помисла и да ја отстраниш.

Во повеќето случаи, горделивата помисла се појавува во моментот. Како да внесеме во умот смирени помисли?

– Треба претходно да се подготвиш. „Се подготвив и не се возмутив“, говори пророкот Давид. Горделивите помисли доаѓаат како молња – тоа е стара стапица на ѓаволот. Но ти примени друга стапица – секогаш негувај ги смирените помисли за да ја отстраниш. Единствено смирените помисли носат смирение и само со смирението заминува гордоста. Еден проповедник ми рече дека еднаш се подготвувал за многу добра проповед. Се искачил на амвонот и почнал да говори, и зборувал многу убаво. Во еден момент, во неговиот ум дошла горда помисла и тој се збунил.
Заплакал и слегол од амвонот, предупреден. После тоа, тој долго не можеше да проповеда и дојде до многу неугодна состојба. Му реков: „ Тоа со тебе се случи поради гордоста. Се возгордеа и Божјата благодат си замина. Сега со смирение почни се од почеток. Кога ќе дојде време да се искачиш на амвонот, речи си во себе: – Ако се збунам, значи на духовна корист ми е, повторно да бидам исмеан.
И ако, одново, наеднаш почнеш да плачеш, луѓето ќе мислат дека плачеш од умиление и нема да се соблазнат, туку ќе им биде на корист. Затоа не плаши се.“ Така, тој се врати на својата работа и продолжи со смирение да проповеда, спремен за понижување.