Писмо од Св. Јован Златоуст до ѓакониса Олимпијада

Ти го испраќам, ќерко моја, овој добар подарок:
татковски совет – тој е најдобар дар.

Ти погрижи се за целомудрието – за убавината што е достојна за восхит пред внатрешните очи. Добрите карактерни црти – тоа е надобриот цвет за жената, која има вистинска, неизменета и достојна за прослава убавина. Пред сѐ, почитувај Го Бога, а потоа, својот сопруг – очите на твојот живот и раководителот на твоите желби. Него, единствениот, сакај го, единствено тој да го развеселува твоето срце, и тоа толку повеќе – колку понежна љубов има кон тебе.
Под врските на еднодушноста, негувај неразделна приврзаност. Не си дозволувај слобода, на каква може да те предизвика љубовта на мажот – внимавај на пристојност и умереност.
Откако си се родила како жена, не си присвојувај важност, својствена на мажот, не се фали со род, немој да се надменуваш со облеки, не се величај со мудрост. Твојата мудрост нека биде покорност на законите на сопружништвото, зашто јазолот на бракот прави сѐ општо меѓу мажот и жената.
Кога мажот е раздразнет – прави отстапки, кога пак е изморен – помогни му со нежни зборови и добри совети. Колку и да си лута, никогаш не го укорувај својот сопруг без мерка, зашто тој е твоето најголемо богатство.
Радостите и сите болки на мажот, сметај ги како свои – нека и грижите ви бидат општи, зашто преку тоа ќе расте вашиот дом. И твојот совет може да има место, но предноста припаѓа на мажот. Кога мажот тагува, потагувај и ти малку со него, но соземи се бргу, добиј светло лице и развеј ги неговите тажни мисли, зашто за натажениот маж, најнежно пристаниште е жената. Твое занимање нека биде, ткаењето, рачната работа и поучувањето во словото Божјо – грижата пак, за надворшните работи остави ја на мажот.
Не излегувај често од вратата на својата куќа и не оди во места на народни веселби и непристојни собранија, таму и кај срамежливите испарува срамот, таму погледите се мешаат со погледи, а губењето на срамот е почеток на сите пороци.
Биди високомудра, но не и високоумна. Не трчај кон пирувања, смеа, пијанство и занесен шарм – тие ги ослабнуваат целомудрените, како што сонцето го топи восокот. На твоите образи да нема ниту сладострасни движења, ниту гневни трепети. Своите уши краси ги не со бисери, а со навика да слушаат добри мисли, – за лошите пак, стави им клуч. Ако имаш необуздан јазик – ќе те презира твојот маж. Биди добар образец за своите деца.
Ако од мојата старост ти примиш каква и да е мудра и полезна мисла – ти заповедам да ја запазиш во своето срце.