Да го проучуваме словото Божјо

Многу е полезно за нашата душа сите да го имаме Евангелието дома. Освен молитвите што треба да ги кажуваме секое утро и секоја вечер, да имаме и добра навика, света навика, да читаме од Евангелието, од Светото Писмо општо, но особено од Евангелието, по две-три страници секој ден, имајќи на ум дека тоа што го читаме е слово Божјо. Го читаме за да видиме што бара Бог од нас. Не читаме за да стекнеме знаења, како што читаме некоја друга книга, или, пак, за да ни помине времето, туку читаме за да се просветлиме, да видиме што бара Бог, која е Божјата волја за нас.

И така, да читаме со желба да дознаеме која е Божјата волја за нас и таквото проучување ќе ни биде за спасение и за наша духовна помош. Затоа да го правиме тој подвиг. Имаме толку многу време на располагање секој ден. Да посветиме барем малку од него на проучување на словото Божјо.

Секако, проучувањето на словото Божјо не е само преку Евангелието, туку и преку Житијата на Светиите, коишто самите се применето Евангелие, бидејќи Светителите правеле не нешто друго, ами токму тоа – го исполнувале Евангелието. Кога ги читаме Житијата на Светиите, нивните пишани дела, гледаме како Светителите го исполниле Евангелието – словото Божјо и така и ние земаме пример на тој начин да го исполниме словото Божјо.

Па така, од нас зависи каков живот ќе проживееме. Дали ќе одбереме живот во незаинтересираност, во духовна ладнотија, или живот во љубов за Бога, во копнеж да ја познаеме Неговата волја.

Да го проучуваме Неговото Евангелие, Светото Писмо, Отците, за да имаме духовна храна секојдневно, бидејќи како што телото не може да живее без материјална храна секојдневно, така и душата не може да живее без духовна храна, без словото Божјо. Душата, ако не се храни од словото Божјо, се храни од рокчињата за свињите со кои се хранел и блудниот син.

Душата на човекот копнее да се нахрани со нешто духовно. А тоа ќе биде или словото и вистината Божја, или, пак, суетните и гревовни работи од овој свет.

Вистина е дека поради тоа што денес не го читаме словото Божјо, а секако дека нешто читаме – читаме весници, списанија, коишто можеби и не се штетни, не се лоши тие работи што ги читаме – но сепак не се словото Божјо.

Тоа се суетни работи кои се однесуваат на овој живот, но не и на вечниот. Поради тоа многумина од нас „заглавуваме“, бидејќи, проучувајќи го овоземниот живот, го забораваме небесниот. Постануваме многу учени за човечките работи, но малку учени за Божествените. Поради тоа духовниот живот на современите Христијани е заостанат. Не е живот полн со благодат и просветление Божјо.


Извор: koinoniaorthodoxias.org
Превод од грчки: Братството на Свештената Бигорска Обител