Догмите во нашиот живот – III дел

Зборот догма по својот корен е сечовечки. Не го нарекуваат само Елините така. Во тој збор има откровение Божјо. Коренот „док“ или „дек“, постои и во латинскиот, и во индискиот (индоевропскиот) и во другите јазици. Како што рековме веќе, тој значи дека наоѓам и примам некого, во овој случај Го примам Бога. Догмата значи средба, прегратка, поздрав, љубов, помирување: означува на кој начин човекот се соединува и се помирува со Небесниот Бог.

Небескиот Отец, „Кој до сега работи“, ни Го испрати Синот Свој за Он до века да биде со нас. А како е Христос со нас? Каде е? Кој Го видел? Тоа е голем проблем на човечката совест, голема жал на луѓето кои не сакаат, а и не можат, да живеат без Бога. Што да правиме кога не Го гледаме Христа? Отецот ни Го испрати Синот, а Синот ни го испрати Духот Свет, благодатта. Така „благодатта на Господ наш Исус Христос, и љубовта на Бога Отецот и заедницата на Светиот Дух“, Трите Ипостаси, нам ни дава сѐ. Бог со понижувачка смрт ни Го предаде Својот Син и со Светите Тајни, а особено со Светата Тајна на Божествената Евхаристија, ни Го дава во раце. Значи, догмата е Откровение, познавање на Бога, како и давањето на Бога и на Црквата наша.

Според теолозите, секако, догми има многу: Тријадолошка догма, Христолошка, Антрополошка, Литургиска, Еклисиолошка и др. А догмата, всушност, е само една. Догмата е нашето ракување со Бога, целив Божји положен на нечистите усни на нас, грешните луѓе, светотаинска визија, што ни ја предала нашата Црква, визија на духовниот човек.

Колку убаво зборува псалмопевецот: „И излегува како младоженец од брачното легло. Се радува како исполин, минувајќи по патот свој“ (Псал. 18, 5). Го покажува Бога како излегува од Своите царски одаи, како поминува по небото, одејќи по „патот свој“. Кој е патот Божји? Тоа е патот на нашата средба. Бог ни доаѓа во пресрет дење и ноќе за да ни се даде Себеси, спасението Свое. И пак вели: „Ништо не е сокриено од топлината Негова“ (Псал. 18, 6). Бог е жар Кој стоплува и никој нема да остане во студот. Сите ќе се згреат. Меѓутоа, постојат и луѓе кои не се греат со Бога: тие кои немаат догми, значи сите оние кои не сакаат, кои одбиваат, кои не ја подаваат раката своја за да се ракуваат. Но Бог ни вели: „Барајте Ме и ќе Ме најдете“ (Матеј, 7, 7; Лука, 11, 9). Догмите не се загатки, ни неразбирливи енигми – нив душата ги чувствува, како што го чувствуваш некого кога ќе го прегрнеш, исто така Го чувствуваш и Бога.

Да појдеме понатаму, за уште подлабоко да навлеземе во оваа наша тема. Ние Го сакаме Бога, копнееме по Него, така што „ќе се зарадува срцето кое ја бара благонаклонетоста Божја“, односно љубовта Негова, приближувањето Негово, како што вели Стариот Завет. И продолжува: „Барајте Го Господа и бидете силни, барајте Го лицето Негово до века“. Кога Го барате Бога, не запирајте, не се повлекувајте, бидете силни, оти Бог нема да ве заборави. Ќе дојде и ќе ви се даде. Ќе Го видите Лицето Негово и ќе се просветите. Изговарајќи ја Исусовата молитва, Го имате името Негово, присуството Негово, благонаклонетоста Негова, Личноста Негова, сите догми. Кога дејствуваш, ти го чувствуваш тоа, се радуваш, живееш.

Догмата е значи, изразена со помош на логиката и изведувањето заклучоци, но таа всушност е Вистината и Животот Божји, израз на љубовта Негова кон човекот. Таа е нашето спасение, радост наша, надеж наша, вечност наша, сигурност наша, наш пат кон успехот, наше обожение. Кога ја познавам догмата, тоа е исто како да сум Го фатил Бога за рака, па чекориме заедно. Ќе нѐ фати човек за рака, па колку се радуваме, а колку повеќе кога нѐ држи раката Божја! Псалмопевецот во псалмот за Богомајката вели: „Царицата стои покрај тебе оддесно од Тебе, во облека украсена и со злато проткаена“ (Псал. 44, 9). Христос ја зеде за рака Царицата, Црквата, душата и ја изведе на високо место да ја покаже на народот, велејќи: „Ова е вашата Царица“. Ја удостои да стои оддесно Нему. Бог нас, човекот, го става од својата десна страна. Он ни оддава почест, наместо ние Нему. Човечката природа и Црквата, како што вели Св. Василиј Велики, се облечени, украсени, „со позлатена облека“, односно со умните догми „проткаена и украсена“. Значи, догмите се позлатената и украсена облека на Црквата и душата.

Ете зошто имало толку многу борби околу догмите: за Бог да ни оддаде чест и да нѐ постави од Својата десна страна. Ете зошто толку многу Отци ја дале својата крв: од неизмерно човекољубие, за ние поради своето незнаење да не бидеме лишени од можноста да Го живееме Бога. Догмите не се философски разговори, тврдоглавост или самољубие. Луѓето, или Соборите, не се оние кои ги одредуваат догмите. Св. Јован Златоуст вели дека догмите се божествен глас: „Бог кажува, а тварта последува“; Бог кажува, а тварта го следи тоа, го покажува тоа, сведочи, „а зборот Божји е небесен знак“.

Колкаво само богатство ни дарува Бог! Какво наследство! Најголемо што би можеле да го имаме. Каков е нашиот Бог! Како само можел да постигне таква соединетост, такво меѓусебно залагање, таква врска: да го соедини она што не би можело да се соедини, да го поврзе несврзливото, Божествената природа со човечката природа! Зарем догмите не вредат за крвта и борбите? Зарем не вреди и тоа да ги сакаме, да ги учиме и да ги живееме догмите?

Продолжува