Единство во Христа

Отче Свети, да бидат сите едно (Јован, 17, 21)

Така нашиот Спасител се молел за нас, Своите следбеници, сите да бидеме едно. Да бидеме со едни мисли и да имаме една љубов (Фил. 2, 2). Да живееме во мир, со љубов да се однесуваме едни кон други, сите да зборуваме и да работиме едно исто, да нема меѓу нас расправии туку да бидеме утврдени во еден разум и во една мисла. Не треба да кажеме за себе: „Јас сум Павлов“, друг: „Јас сум Аполосов“, трет :„Јас сум Петров“, а друг : „Јас сум Христов“, бидејќи Христос не се разделил. Ниту, пак, Павле или Аполос се распнале за нас (Кор. 1, 10-14). И навистина, што е подобро и поубаво од тоа браќата да живеат во единство, мир и согласност, да бидат едно во Исуса Христа? Што е подобро од тоа семејствата да живеат во мир и љубов, во единство и слога?

Кој не се радува на договорот за еднодушност во општеството?

Сите да бидеме едно. Тоа е топла желба на нашиот Спасител. Он проѕирал во иднината и гледал расправии, борби, разединувања што ќе ги внесе сатаната меѓу Христовите следбеници. Христос уште пред своите страдања го предупредил Петра: „Еве, сатаната посака да ве сее како пченица“ (Лк. 22:31).

Христос ја прорекол судбината на разделеното царство (Матеј, 12, 25). Он силно сакал Своите следбеници да ги сочува да не потпаѓаат под влијание на сатаната, кој рика и бара некого да го проголта.

Кон единство, мир, љубов и слога Он ги повикувал сите. „И други овци имам што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам…; и ќе биде едно стадо и еден пастир“ (Јован, 10, 16). Таа задача, да се собираат, да се соединуваат, да се спасуваат – Он им ја доверил и на апостолите.

Борбата упорно продолжува. Сатаната употребувал најразлични начини и средства да ги расее, да ги разедини, да ги фрли христијаните во очај, да го попречи христијанството. Но и апостолите и нивните ученици биле цврсти, ги одбивале нападите на злото. Полни три века христијаните биле изложени на страшни крвави гонења. Почнувајќи од архиѓаконот Стефан, кој бил убиен со камења, и Јаков кој со меч бил заклан од Ирод, па сѐ до Константин Велики, кој го ставил ножот во својата ножница, ние гледаме плејада маченици, што со молитва кон Бога и насмевка на усните ги жртвувале своите животи за Христа и за Неговата наука. Во мрачните катакомби тие светеле. Во занданите и во просториите за ѕверови тие пееле. На кладите Го фалеле Бога. И со таа сила ја отапеле острицата на мечот, ја угасиле огнената сила, го победиле светот. Римските императори и нивните џелати го положиле оружјето. Галилеецот ги победил.

Тогаш сатаната ја променил својата тактика. Употребил друго средство. Ослободена од крвавите гонења во 313 година, Црквата била изложена на нови внатрешни несогласувања. Набргу никнале Ереси и расправии и брзо се намножиле за повторно да Го распнуваат Христа и да го разединуваат Христовото стадо.

Така, Црквата била распнувана и растргнувана сѐ до средината на IX век, кога најпосле вистината загосподарила над лагата и над заблудите. Во таа не малку жестока борба се појавиле големите исповедници на вистината и смелите заштитници на правдата, кои со апостолска ревност и со пророчка смелост ги соборувале еретичките учења и ги разобличувале лажните учители. Ние денес го славиме споменот на Светите Отци на Првиот Вселенски Собор, кои го осудиле и го отфрлиле лажното учење на александрискиот свештеник Ариј што учел дека Христос не е Син Божји – рамен по божество со Бога Отецот. Тие го составиле и го утврдиле вистинското учење за Бога Отецот и за Синот Божји во првите седум членови од Символот на Верата. Така го сочувале единството на верата, за кое Спасителот со крвава пот се молел.

Дали треба да ја докажуваме ползата од единството? Треба ли поподробно да зборуваме за значењето на слогата, еднодушноста и едномислието? Тоа е моќен лост за напредок во секое добро дело. Тоа е првиот услов за успех и благосостојба. Не вели залудно поговорката: „Сложни браќа планина преместуваат“. Мувите со своите слаби тела би подигнале и човек, кога би можеле да се сложат. Целата наша народна историја е прекрасен доказ за значењето на слогата и за резултатите од раздорот. Секогаш кога сме биле сложни, согласни, ние сме достигнувале слава, почест и успех. Неслогата, раздорите и несогласувањето, пак, донесувале катастрофа, понижување и ропство. Кој не ја гледа ползата од слогата? Таа е неопходна за успехот на секоја работа. Уште попотребна е таа во животот на Црквата. Затоа Христос толку топло се молел сите да бидеме едно. Затоа и Светите Отци така ревносно го чувале единството.

Но како тоа единство да се утврди? Како да се постигне? Дали со закони и со наредби? Не. Таквото единство не е со долг век, бидејќи брзо се урива и распаѓа.

Апостолот Павле ни објаснува каде треба да ја бараме причината за раздорите и како да ги отстраниме. „Штом меѓу вас има завист, кавга и несогласувања, значи дека уште сте телесни“ (1Кор. 3, 3). Живеете само за своето тело. Му служите само на телото. Духовното е придушено во вас. Телото раководи и управува со вашите работи, а вие сте Христови. Он Себеси се жртвувал, за да ве направи служители на духовното, а не на телесното. Ако секој со чисто срце се предаде на служба на доброто, единството само по себе ќе дојде. Но човекот треба да расте духовно, да стане подуховен, да се воздигне над ситниот егоизам. Единството во Христа не се наметнува со сила, за него треба да се дорасне. Христијанинот треба постојано да расте во Христа, како што детето секојдневно расте. Детето не може одеднаш, според својата тврдоглава желба, да порасне повисоко. Така и христијанинот не може да дојде до единство. Тој треба да расте и да се усовршува во Христа. Единството може да се постигне само на височините на животот, а не и во ситниците. Оној што се усовршува во Христа, тој оди нагоре, се искачува. Поаѓаат, да речеме, неколку луѓе од рамнината кон врвот од разни точки. Рамнината е покриена со грмушки и кал. Таму смрди, задушливо е. Луѓето тонат во калта, а и грмушките ги одделуваат еден од друг. Разединети се. Не се гледаат и не можат да го зачуваат единството во своите дела, затоа што им пречат грмушките. Штом ќе се оддалечат од калта и ќе се искачат, тие почнуваат да се гледаат едни со други. И колку повеќе се искачуваат, толку повеќе се приближуваат. А кога ќе стигнат до врвот, тие веќе се едно. Еден останал назад во грмушките. Нему не му се оди нагоре, бидејќи е потребен труд и напор. Не го гледа она што другите го гледаат од височината и го порекнува, им се лути на другите што не се согласуваат со него, што не гледаат со неговите очи. Овде единство нема, бидејќи луѓето се горе во височините, а заостанатиот се вкопува во ситниците и останува ситен. Другите одат нагоре, растат духовно и постигнуваат единство во Христа. Затоа, за да станеме едно во Христа, треба да растеме во Христа, во нашите души да ги развиваме духовните плодови, да станеме подуховни. Додека сме телесни, залудно ќе очекуваме помеѓу нас да престанат расправиите и раздорите. Во мирот, слогата и единството е нашиот успех – успехот на Црквата и на Христовото дело. Секој да си ја извршува својата работа во служба на општеството, имајќи го секогаш пред очи Христос, Кој не си угодувал Себеси, туку поднел исмејување и страдање заради нас. Така ќе можеме со една уста и со едно срце да Го славиме и воспеваме Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Амин.