Исусовата молитва – пат кон небото

Човекот се состои од душа и тело. Телото и сетилно и вештествено, како што е напишано во Светото Писмо: И го создаде Господ човекот од прав земен (1. Мој. 2,7). Душата е невештествена и умна: И дувна во лицето негово дух животен, и човекот стана душа жива (1. Мој. 2,7). Така телото, бидејќи е од земјата, го љуби тоа што е земно, а душата бидејќи е од небесниот Бог, го љуби небесното и невештественото. Освен тоа, бидејќи душата пребива во сетилното и вештествено тело, таа се соочува со препреки поради силното дејство на телесните желби и не може, како што доликува на нејзините желби и достоинство, да се поучува во небесното. Токму тоа се случува со душата на човекот кога тој ќе погреши пред Бога. Извршеното зло веднаш од човекот ги изгонува копнежот по Бога, небесната љубов и надежта во идната рајска наслада.

Штом човекот престане да копнее по Бога, по небесната љубов и надежта во рајот, во него во истиот миг почнуваат да царуваат похотите од светот, телесната сласт и ѓаволската прелест. Поради тоа, тој во иднина почнува да живее во распуштеност, во духовен немир, со задушена совест и заслепено душевно око.

Ако човекот, кој со духот е одделен од небесното, подоцна посака да го напушти злото кое има власт над него и да ја поттикне својата душа да се насочи кон небесното што ѝ доликува, за да може неговиот ум да се воздигне од сетилното кон умното, од вештественото кон невештественото, од видливото кон невидливото, од распадливото кон нераспадливото, од земното кон небесното – потребно е да го скруши своето срце со молитвата: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“. Срцето, на некој начин, мора да се закваси и соедини со името Господово, онака како што брашното се соединува со водата, кое под дејство на огнот (т. е. благодатта) станува леб. Имено, доколку човекот од длабочината на срцето изговара: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме“, тогаш неговото срце се исполнува со небесни мисли, со духовни размислувања како плод на Светиот Дух. Тогаш, ова божествено дејство се пренесува од срцето врз сите делови на телото и на сите сетила. Човекот, кој се наоѓа во облагодатена состојба заради молитвата, што и да забележи со своите телесни сетила, тој се вознесува кон умно и невештествено созерцание. На пример, ако се случи оној што се моли со умна молитва, да забележи некое прекрасно и чудесно Божјо создание, тоа станува повод неговата душа да почне за размислува за убавината на небесните и невештествени Божји созданија.

Потоа душата го вознесува човекот кон уште повозвишено видение, принесувајќи му го сеќавањето на Самиот Бог, како најблажена и крајна цел, па му вели: „Кога самото создание Божјо е толку неискажливо чудесно и достојно за восхит, колку ли почудесен и попрекрасен е Самиот Бог Кој е негов Создател!“ Оној што практикува умна молитва, со своите очи ги гледа небесните светила, месечината, молњата и сонцето што блеска и притоа неговата мисла се вознесува кон рајските убавини и кон неискажливата светлост на Бога – Творецот и Создателот на сè. Душата на таквиот таинствено му вели: „Ништожен и смирен човеку, кога видливото создание е исполнето со таква светлост и убавина, тогаш колку ли поблескав и посветол од сонцето е Бог – Творецот на сонцето и Создателот на небото, Создателот на ѕвездите“.