Ја искачуваме Лествицата на Св. Јован Лествичник слегувајќи (IV дел)

Знаете ли што се смета за покајание? Некој ми кажа нешто многу вредно: „Еден отец на Црквата вели дека во вечноста ќе си ги гледаме гревовите“. И тој човек ми вели:

– Каква е таа вечност и каков е тој рај? Па, за таков ли рај се подвизувам? Да пребивам цела вечност и да си ги гледам гревовите?

– Се разбира дека е рај! – му реков.

– Ама каков рај? Тука си мислам на гревовите и цело време сум во смут. Зарем тоа ќе го чувствувам и во вечноста? Тоа ли е за нас рајот?

Му реков:

– Гледај, најпрвин, словото за покајанието е пророчко слово. Давид вели: „Мојот грев е секогаш пред мене“ – и тоа се одразува и во вечноста. Велиш: „Ќе го гледам својот грев“. Но, тоа е рај бидејќи ако тука сум се покајал и сум го придобил Христа гледајќи го својот грев, тогаш ќе ја вкусувам љубовта и милоста на Христа вечно, вечно ќе се приопштувам кон таа љубов.

Значи, прво покајанието, и потоа она второто, верата. Така автоматски се ослободувам од целиот стрес, вознемиреност кои би можел да ги имам во себе во врска со иднината – што ќе биде, како ќе биде, дали ќе биде, каде, кога, сите тие нешта кои не вознемируваат и автоматски ги разбивам тие скалила на минатото и иднината, влегувам во една безгрижна, исклучителна сегашност полна со радост и мир. Затоа е потребно едно духовно гледање на времето – „Внеси Го насекаде Христос, – вели Светиот – не одложувај, тоа е голема пречка, времето може да стане средство коешто ќе те лансира кон Христа, но преку одлагањето, тоа може да стане пречка на патот кон Него. Затоа, стекни искуство, однесувај се духовно кон времето, внеси Го насекаде Христа и тогаш ќе видиш една рајска сегашност“.

Луѓето во светот велат: „Не сум монах, имам големо оправдување бидејќи имам семејство, живеам во светот, тие работи се за монаси, не за мене“. И доаѓа Светиот и вели: „Ама што зборуваш? Внимавај со времето свое, но да знаеш дека и со начинот на својот живот, каков и да е тој, можеш да го живееш Евангелието“. Колку и да се тешки пречките, не го оправдувај своето одлагање, но биди внимателен и во врска со оправданието на твојот начин на живот. Зошто? Бидејќи се оправдуваме и така автоматски ги ставаме во агол тие нешта за кои зборува Светиот. И среде моето оправдание, останувам неоправдан. Светиот Старец Пајсиј вели: „Ама сериозно ли го велиш ова? Јас знам едно нешто – и манастирот и бракот е крст. Ако во бракот можеш да се искачиш на крст со одговорно однесување, жртва, снисходење, смирение, прошка, тогаш би можел да се искачиш и на крстот на монаштвото. Ако не можеш да влезеш во брак, ако не те бива за брак, ниту за манастир ќе те бива, бидејќи каде и да појдеш ќе бидеш неодговорен“. Затоа и отците велат: „Немојте да се лажете, ниту мамите, не осветува местото, туку начинот“. Каде и да си, ќе ти се дадат можности, погодни случки, патишта, Христос ќе ти го открие патот каде и да си. Доволно е само тоа што си таму каде што си да го направиш Христово, безразлика дали е тоа начин на живот, место или време, направи го Христово, охристови сѐ со твојот живот, со твојата желба и копнеж за Христа. Не се оправдувај. Велиш понекогаш дека не можеш – не дека не можеш, туку како што вели народната – не сакаш. Божјиот човек, Св. Пајсиј уште повеќе го продлабочува ова: „Не дека не можеш, туку не сакаш. И зошто не сакаш? Бидејќи не љубиш“. Тоа е. Доаѓа Св. Јован и го разобличува целото наше одлагање и оправдание поради начинот на живот.

(Продолжува…)