Постоеше еден голем и многу стар дворец преполн со најразлични дрвени плакари. Но тоа не беа обични плакари, туку такви што зборуваа. Секој си имаше свој посебен и прекрасен глас, своја врата и изрезбани украси според замислата на Мајсторот. Некои беа поедноставни, други, пак, побогато украсени. Мајсторот што ги имаше направено често врвеше по ходниците на дворецот и со голема љубов се грижеше за нив, ги надгледуваше, пријателски им се обраќаше и од време на време ја чистеше од нив насобраната нечистотија. Понекогаш тој мораше и малку подлабоко да чисти зашто и внатре во нив се собираше многу прашина и непотребни отпадоци.
Еден ден Мајсторот му пристапи на еден многу украсен и голем плакар и тропна на неговата врата.
– Време е, чедо. Долго време не си бил чистен. Се грижам дека доколку овој пат не ми дозволиш, нема да можам да те спасам од црвојаднина. Веќе ги гледам на тебе првите дупчиња и штетата што ти ја направиле.
– Оф, добро – неволно одговори плакарот. Тој никако не го сакаше чистењето и гледаше на секаков начин да го избегне, но овој пат и самиот чувствуваше дека нечистотијата внатре полека го разјадува. А и прекрасните украси што ги имаше беа речиси незабележливи од купишта прашина што имаше на нив.
Мајсторот полека ја отвори врата и ѕирна внатре. Во скриените агли на плакарот се гледаа некакви чудни мувли, дел од даските се распаѓаа и поради тоа од него се ширеше непријатна миризба.
– Овде ќе треба темелно да се исчисти – се насмевна Мајсторот и го погали со својата топла рака плакарот што трепереше од страв, влевајќи му чувство на доверба и спокој. Плакарот знаеше дека Мајсторот многу јасно ја гледа неговата внатрешност што со години ја криеше, и тоа го правеше ранлив, но исто така знаеше дека Тој е добар Мајстор и навистина ги сака своите творби, ќе направи сѐ за да ги спаси. Ширум ги отвори своите врати.
Мајсторот се наведна и првото што го извади од внатре беше една стара рѓосана кофа. Во неа беа наредени полупревиткани ливчиња на бесполезни потфати, популарност, некакви долги статистики, суетни пофалби, и сите останати минати нешта што плакарот ги сметаше за успех и постигнување.
– Може да ти го земам ова? – праша Мајсторот
– Но тоа ми е ризницата, најскапоценото што го имам! – панично викна плакарот.
Мајсторот вешто ја подигна кофата и од неа падна целата пожолтена содржина, правејќи купчиња листови и ѓубре на подот.
– Имам многу поубаво ковчеже со скапоцености за тебе, но внатре нема доволно место и за него и за твојата стара кофа. Треба да одбереш едно од двете.
– А може ли да ги извадиме работите од кофата и да ги ставиме во новото ковчеже што ми го направи?
– Можам, но можеби нема да да ти се допадне исходот – весело се насмеа Мајсторот.
Тој го доближи масивното дрвено ковчеже што го имаше направено специјално за плакарот. Големиот плакар го отвори ковчежето и ѕирна внатре. Блескајќи од едниот до другиот крај, во кофчежето имаше некаква течност, која како да беше целата светлина. Таа правеше внатрешноста на ковчежето да зрачи со необичен и прекрасен сјај. Мајсторот ја подигна старата кофа и ја пикна во ковчежето, внимателно набљудувајќи. Наеднаш ковчежето вивна во силен пламен кој како да си играше со дрвените рамки. Целата кофа со сите нејзини ливчиња и отпадоци исчезна во пламенот.
– Што стана со мојата ризница? – праша со очаен глас плакарот.
– Се уништи од сјајот на просветлувачката светлина – едноставен беше одговорот на Мајсторот.
Кога огнот наполно се смири, плакарот повторно ѕирна во ковчежето. Внатре на дното сјаеја неколку мали но прекрасни скапоцени камења. Блескавата течност како светлина се прекршуваше низ разнобојните скапоцени камења, правејќи од нив најпрекрасна глетка што некој некогаш видел.
– О, колку е убаво! Не паметам дека овие беа во мојата стара ризница – воскликна плакарот со восхитен глас.
– Тие си беа тука цело време – доверливо одговори Мајсторот – Но ти не можеше ни да претпоставиш колку можат да бидат убави, додека не ги виде во полна светлина. Тие се оние мали нешта како што се твоите заборавени добри дела, љубовта што си ја покажал кон другите, помошта што си им ја дал на немоќните и несреќните, за кои никогаш не си бил пофален, па дури не ти ни заблагодариле. Повеќето од нив веројатно и самиот си ги заборавил. Тие се твојата вистинска ризница.