Како да не се заплеткаме во мрежите на слободата – III дел

Не избор, туку независност

Августин бил еден од малкуте кој согледал сериозна опасност во учењето на Пелагиј и ја сфатил причината за неговата заблуда.

А причината лежи во тоа што, според Августин, Пелагиј неправилно ја сфаќал слободата, бидејќи доколку, како што учи Пелагиј, слободата се сведува на избор, тогаш произлегува дека човекот самиот се гради себеси: тој може да стане лош, а може да стане и добар. А по својата природа како е човекот? Испаѓа дека е никаков. Односно Бог го создал човекот неутрален, ни добар ни лош. А во Библијата читаме дека Бог го создал човекот според својот образ. И што сега, човекот создаден по образот на добриот Бог, не е ни ваков ни таков? И волјата на човекот, рамнодушна и кон доброто и кон злото, подеднакво може да го прими или отфрли и тоа и она другото? Тоа е првото несовпаѓање на учењето на Пелагиј со Христијанството, кое го забележува Августин.

Исто така Августин напомнува, и можеби тука се покажа и влијанието на Плотин, дека Пелагиј слободата ја третира крајно површно. Слободата, тоа не е избор, изборот е само една пројава на битието кое поседува слобода. Зошто јас, човек, можам да постапувам слободно, а листот хартија што лежи на мојата маса не може да постапува слободно? Затоа што листот зависи од мене, а јас не зависам од него. Слободата е независност, онтолошка состојба на независност.

Августин им поставува на Пелагијанците сериозни прашања коишто ги ставаат во ќорсокак. Бог, слободен ли е? „Безусловно!“ одговараат Пелагијанците. Бидејќи тие се сметаат себеси за Христијани, и веруваат во Бога како во Личност. Но ако Бог е слободен, а слободата е избор помеѓу доброто и злото, значи и Бог може да твори зло? „Не, Бог не може да твори зло“, велат Пелагијанците. Но тогаш, значи, Бог не е слободен, Тој нема избор, доколку прави само добро. А ако Он не е слободен, значи Он не е Личност. Општо земено ќорсокак: или Бог не е слободен и Он не е Личност, или Бог може да згреши, доколку слободата е избор помеѓу доброто и злото.

Августин им објаснува на Пелагијанците: грешката ви е во тоа како вие ја сфаќате слободата. А доколку слободата е онтолошка независност, тогаш Бог е апсолутно слободен, бидејќи Он од ништо не зависи. Он е Творец на тој свет. Сѐ зависи од Него, а Он од ништо и затоа слободата на Бога е апсолутна. Имено, токму и затоа Он не може да згреши, бидејќи гревот е зависност од нешто. А Бог е добро и Бог зависи само од Самиот Себе. Он постапува само според Својата сопствена љубов.

Како што се сеќаваме, според Августин, целиот создаден свет се заснова на извесни хиерархиски скалила и тие скалила ја откриваат мерата на независност. Ангелите зависат од Бога, но се во поголем степен независни отколку човекот. Човекот зависи од ангелите и од Бога, но е независен, така да се каже, од некои појави во материјалниот свет. Не од сите, бидејќи човекот има не само душа, туку и тело. Душата не зависи од гравитационата сила, но телото зависи. Токму затоа слободата на човекот е ограничена од мерата на неговата независност. Од тука може да се заклучи: човекот е создаден од Бога како добро и слободно битие. Според тоа, слободата не е само избор помеѓу доброто и злото. Не треба да се вели дека слободата или ја има или ја нема, дека таа не може да постои во поголема или помала мерка, како што учи Пелагиј. Слободата може да постои во поголема мера, таа може да биде и апсолутна, како кај Бога. Слободата може и воопшто да ја нема, како кај мртвите предмети, на пример каменот. Човекот е повикан кон потполна слобода: да стане совршен како Бог.

Гревот на слободата и доброто на благодатта

И овде Августин се навраќа кон анализата на гревопадот, односно кон каменот за сопнување, на којшто налетале Пелагијанците. Ќе напомнам: Пелагиј тврдел дека гревопадот никако не повлијаел на природата на човекот.

Августин, пак, расудува вака: Бог го создал човекот совршен до определена мера. Но се разбира, човекот, сепак, е создание и токму затоа до одреден степен несовршен. Бог поставил пред човекот задача: да стане совршен. Човекот можел да згреши, но бил должен да достигне таква состојба во која не би можел да згреши. Сепак, човекот го избрал другиот пат. Тој ја реализирал таа можност да згреши и отпаднал од Бога. Доколку што во првобитната состојба човекот бил добар и неговата волја била насочена кон Бога, до тој степен, откако го направил првородниот грев, човекот ја променил насоката на својата волја и се одвратил од Бога: неговата волја се наклонила кон злото. И повредата на првородната природа, според Августин, означува тоа, дека сега човекот не може да не згреши.

И тоа е заклучокот на Августин: во состојба на повредена природа, човекот не може да не згреши; сѐ што човекот прави по својата слободна волја е зло. Значи, со други зборови: сѐ што јас слободно ќе изберам е грев: убиство, кражба, измама, или нешто слично, а доброто што го правам не е по моја волја, доброто во мене го прави само Бог, само благодатта.

Патем, еве уште една опасна последица од учењето на Пелагиј: наводно благодатта не е потребна, таа е дури и штетна, бидејќи доколку Бог некому помага, се постигнува нечесност, односно се постигнува тоа човекот не сам со своите усилби да прави добро, туку Бог да го прави тоа за него, и така човекот незаслужено го стекнува рајот.

„Не“, вели Августин, „без благодатта, ние не можеме ништо добро да направиме. И затоа ни е неопходна Црквата во којашто стекнуваме благодат, затоа ни се неопходни Таинствата во кои ни се дава таа благодат. Без нив не е можно никакво спасение“.

Продолжува